• среда, 27 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден
29 декември 2020 (МИА) - Меѓународен ден на биолошката разновидност 1170.- Кентерберискиот надбискуп Томас Бекет бил погубен во катедралата во Кентербери по налог на англискиот крал Хенри Втори. Иако близок пријател на кралот и негов канцелар до изборите за архиепископ во 1162 година, кога се спротивставил на намерата на Хенри Втори да го ограничи авторитетот на црквата, посебно нејзиното судство. Во 1164 година емигрирал во Франција. По враќањето во 1170 година одбил да даде заклетва на кралските „Кларендонски правила“ за односите меѓу црквата и државата. За светец бил прогласен во 1173 година. 1634.- Во Венеција умрел Клаудио Монтеверди, италијански композитор, еден од најистакнатите оперски композитори од епохата на раниот барок. Освен опери, компонирал мадригали, миси, концерти и други музички дела. Роден бил во Кремона, на 4 декември 1567 година. 1721.- Родена е Жана Антоанета Поасон, позната како мадам де Помпадур, исклучително влијателна љубовница на францускиот крал Луј XV. Од 1754 година имала силно влијание во државната политика така што го навела кралот да влезе во Седумгодишна војна во која Франција го изгубила колонијалното царство, но многу придонела во издигање на француската култура помагајќи ги енциклопедистите, филозофите и уметниците. Пред да умре во 1764 година, влијаела врз кралот во Франција за укинување на римокатоличкиот језуитски ред. 1800.- Роден е американскиот пронаоѓач Чарлс Гудјер, кој во 1839 година го открил процесот на вулканизацијата на каучукот. Неговиот изум придонесол брзо да се развие индустријата за гуми, посебно во производството на автомобилските гуми. 1808.- Роден е Ендрју Џонсон, седумнаесеттиот претседател на САД. Бил претседател од 1865 до 1869 година. 1809.- Роден е англискиот државник Вилијам Јурет Гледстон, кој како водач на либералите помеѓу 1868 и 1894 година четири пати бил премиер на Велика Британија. Во 1871 година ги легализирал работничките синдикати и во 1884 година ја извршил таканаречената трета парламентарна реформа. Обидувајќи се да го реши ирското прашање врз основа на ирска самоуправа, наишол на пречки од либералите-унионисти. Се противел на навлегувањето на Австроунгарија на Балканот и се залагал за национални права на Србите под Османлиското царство. Продолжувајќи ја освојувачката политика на конзервативците, во 1882 година го зазел Египет. 1825.- Во Брисел умрел Жак Луј Давид, голем француски сликар, основач и главен претставник на класицизмот. Бил член на Конвентот и Наполеонов дворски сликар. Меѓу неговите главни дела се "Крунисувањето на Наполеон", "Убиениот Мара" и други. Роден е во Париз, на 30 август 1748 година. 1944.- Формирана била македонската Стопанска банка. 1859.- Роден е мексиканскиот државник Венустијано Каранса, кој во 1917 година станал прв претседател на Мексико врз основа на уставот донесен истата година, по повеќегодишната граѓанска војна. Во текот на тригодишното владеење постојано бил во конфликт со САД, додека во 1920 година бил убиен во воен удар. 1876.- Во Вендрел, кај Барселона, е роден Пабло Казалс, шпански виолончелист со светски глас, диригент и композитор. Бил професор на Конзерваториумот во Барселона и во Париз. Од 1938 година живеел во емиграција како противник на режимот на Франко. Умрел во Сан Хуан, во Порторико, на 22 октомври 1973 година. 1890.- Војската на САД кај „Рането колено“ во Јужна Дакота масакрирала повеќе од 200 Индијанци од племето Сијукс, меѓу нив повеќето деца и жени. 1911.- Револуционерното привремено собрание на Кина за прв претседател го избрало Сун Јат Сен, со што по повеќе од три милениуми била укината монархијата. 1914.- Почнала битката кај Сарикамиса во Првата светска војна во која руската војска, иако бројно послаба, и нанесла тежок пораз на турската армија. Турците загубиле 77.000 од 95.000 војници. 1920.- Во Софија умрел Марко Цепенков, еден од најголемите собирачи на народни умотворби кои имаат непроценливо значење за македонската фолклористика, за етнографијата, за лингвистиката, за националната историја, за правото и за моралните вредности. Автор е на драмското дело "Црне Војвода", а неговата автобиографија претставува богат извор за проучување на целокупниот живот во Прилеп. Творештвото на Цепенков е собрано во 10 книги повеќепати преобјавувано во Македонија. Роден бил во Прилеп, на 7 ноември 1829 година. 1940.- Германското воздухопловство го извело најтешкото бомбардирање на Лондон во Втората светска војна со што на британската престолнина и нанесло најголеми разорувања по „големиот пожар“ во 1666 кога биле уништени четири петтини од градот. 1941.- Италијанскиот фашистички лидер Бенито Мусолини во писмото испратено до Адолф Хитлер во Втората светска војна нагласил дека пред пролетта, според заедничкиот план и со ангажирањето на италијанските и германските сили, мора да бидат ликвидирани жариштата на востанијата во Србија, Босна и Херцеговина и во Црна Гора. 1956.- Во Велес умрел Андреја Карпузов, прв Македонец магистер по фармација и прв аптекар во Македонија, поддржувач на Гоцевите идеи. Гимназија завршил во Солун, Виша фармацевтска школа во Билиџик, во Турција, а дипломирал на Царскиот медицински факултет, отсек фармација, во Цариград, во 1899 година. Во Велес се вратил во 1903 година и се вработил во општинската аптека. Од 1907 до 1948 година имал своја аптека во Велес, која му била национализирана. Роден бил во Велес, на 10 октомври 1872 година. 1973.- Филипинскиот диктатор Фердинанд Маркос, штитеник на САД, продолжил да владее по завршувањето на вториот претседателски мандат - кој според уставот не смеел да биде повторно биран. Врз основа на вонредната состојба која ја завел во 1972 година, владеел со декрети се додека не бил тргнат од власта во 1986 година. 1986.- Во Париз умрел Андреј Тарковски, советски филмски режисер, кого многумина го сметаат за еден од најголемите режисери на 20. век. Тарковски е познат како режисер кој што режирал 7 комерцијални и  3 кратки филмови за време на неговиот престој во филмското училиште. Тој, исто така, ја режирал драмата „Хамлет“ во Москва, операта „Борис Годунов“ во Лондон и ја има режирано за радиска програма приказната „Вртење во круг“ од Вилијам Фокнер. Ја напишал и книгата за филмска теоријаВајање низ времето“. Првиот комерцијален филм на Андреј Тарковски е „Ивановото детство“ од 1962 година, потоа ги режирал „Андреј Рубљов“, „Соларис“ „Огледало“ и „Сталкер“. Неговиот последен филм „Жртва“ е објавен во Шведска во 1986 година. Роден бил во Заврожје, на 4 април 1932 година. 1986.- Умрел англискиот државник и публицист Морис Харолд Макмилан, премиер на Велика Британија од 1957 до 1963 година. Претходно во кабинетите на конзервативците бил државен потсекретар, министер за авијација, за станбени прашања, за одбрана, за финансии и за надворешни работи. Дела: политички записи „Среден пат“, „Економски аспекти на одбраната“, мемоарите за Втората светска војна „Ветришта на промените“, „Избувнување на војна“, „Плима на среќата“. 1989.- Собранието на Чехословачка за шеф на државата го избрало чешкиот писател Вацлав Хавел, долгогодишен дисидент под комунистичкиот режим, кој како „државен непријател“ поминал пет години во затвор. Тој го наследил Густав Хусак кој претходно под притисок на јавноста поднесол оставка. 1992.- Долниот дом на холандскиот Парламент донел одлука за признавање на Република Македонија. 1993.- Ватикан и Израел, по 2000 години главно непријателски односи меѓу римокатоличката црква и Евреите, го усвоиле документот за меѓусебно признавање на Светата столица и еврејската држава. 1993.- Владите на Република Македонија и на Република Полска донесле одлуки за воспоставување на дипломатски односи меѓу двете држави во ранг на вонредни и ополномоштени амбасадори. Република Полска е прва земја од централна Европа која воспоставила дипломатски односи со Република Македонија. Официјалните документи биле разменети на 30 декември 1993 година. 1993.- Во Скопје била основана Националната конвенција, невладина и непартиска организација за заштита на идентитетот на македонскиот народ. 1993.- Република Македонија и Република Исланд воспоставиле дипломатски односи. 1996.- Владата на Гватемала и водачот на герилското движење потпишале договор со кој по 36 години и официјално завршила последната и најдолгата граѓанска војна во Централна Америка. 1998.- Во Скопје умрел Тома Шијаковиќ (Шијак), македонски ликовен уметник. Роден бил во Косово Поле, на 14 март 1930 година. 2000.- Претседателот на Република Македонија Борис Трајковски ја посетил СР Југославија. Тоа била прва посета на македонски претседател на СРЈ по смената на режимот на Слободан Милошевиќ. 2001.- Во Скопје умрел Џемаил Максут, актер во Турската драма при Театарот на народностите. Роден бил во Скопје, на 8 мај 1933 година. 2006.- Стотина луѓе настрадале кога меѓу индонезиските острови Борнео и Јава во бурата потонал траект со 638 патници и членови на екипажот, додека спасувачките екипи извлекле 59 луѓе. Траектот е најчестото превозно средство во островската Индонезија. 2015.- На 71-годишна возраст починал фронтменот на легендарната британска група „Моторхед“, Иан „Леми“ Килмистер. Иан „Леми“ Килмистер бил роден во 1945 година. 2016.- Легендарната актерка Деби Рејнолдс, која ќе остане запаметена по своите улоги во легендарните „Танцувајќи на дождот“, почина на 84-годишна возраст. Актерката не издржа од тага и почина еден ден по својата ќерка, Кери Фишер, најверојатно доживеала удар. ###

Остани поврзан