• среда, 25 декември 2024

На денешен ден

На денешен ден
13 април 2021 (МИА) 1519.- Родена е француската кралица со италијанско потекло Катарина де Медичи, ќерка на господарот на Фиренца, Лоренцо Втори Медичи. Таа по смртта на нејзиниот сопруг Анри Втори од 1560 година владеела со Франција. Со поддршка на папата Гргур Тринаесетти во 1572 година го организирала уништувањето на хугенотите, настан познато како Вартоломејска ноќ. 1605.- Умрел рускиот цар Борис Фјодорович Годунов, кој го презел престолот во 1598 година, по смртта на Фјодор Први. 1695.- Во Париз умрел Жан де Лафонтен, француски поет и баснописец. Напишал 240 басни. Негови познати дела се песните „Адонис“, „Филемон и Баукида“, романот „Љубов на Психата и Купидон“ и други. Роден бил во Шато Тиери, на 8 јули 1621 година. 1743.- Роден е американскиот државник Томас Џеферсон, основач на Демократската партија, претседател на САД од 1801 до 1809 година. Бил гувернер на Вирџинија од 1779 до 1781 година и секретар на првиот претседател на САД, Џорџ Вашингтон од 1790 до 1793 година. Ги искористи финансиските проблеми на францускиот цар Наполеон Први во 1803 година за да ја купи од него Луизијана. 1848.- Сицилија прогласила независност од Неаполското кралство. 1885.- Во Будимпешта е роден Ѓерѓ Лукач, најголем унгарски филозоф, естетичар, политичар, еден од најзначајните марксистички филозофи на 20 век. Умрел во Будимпешта, на 4 јуни 1971 година. 1898.- Француската академија на науките објави дека Марија Склодовска - Кири, хемичар и физичар од полско потекло открила нов елемент кој го добил името радиум. 1906.- Во Стар Дојран е роден Антон Панов, македонски драмски писател. Неговата литературна дејност е од извонредно значење за македонската литература. Инспириран од тешкиот живот на македонските печалбари, Панов на македонски јазик ја напишал драмата „Печалбари, која првпат била изведена во Скопје на 3 март 1936 година. Тој напиша и повеќе прозни и сценски текстови. Умрел во Скопје, на 28 август 1968 година. 1906.- Во Даблин е роден Самјуел Бекет, ирски писател. Познати се неговите романи „Марфи“, трилогијата „Молоа“, драмите „Чекајќи го Годо“ и „Среќни денови. Во 1969 година ја добил Нобеловата награда за литература. Умрел во Париз, на 22 декември 1989 година. 1913.- Во Општинскиот театар во Битола била одржана првата кинопретстава. Прикажана била премиерата на филмот „Градинарот Лаврициус“. 1945.- Трупите на советскиот маршал Фјодор Толбухин во Втората светска војна го скршиле германскиот отпор во Виена. Падот на „втората престолнина“ на Третиот рајх го овозможило опколувањето на германските сили во Берлин, кој паднал три недели подоцна. 1961.- Генералното собрание на Обединетите нации ја осудило политиката на апартхејдот во Јужна Африка. 1963.- Роден е рускиот велемајстор од еврејско потекло Хари Вајнштајн, познат како Гари Каспаров, кој во 1985  година, на 23-годишна возраст станал светски првак, најмлад во историјата на шахот. 1964.- Американскиот актер од афроамериканско потекло Сидни Поатје го добил Оскарот за главната улога во филмот „Полско цвеќе“, како прв црнец кој ја освоил оваа награда. 1967.- Во Скопје е родена Валентина Божиновска, македонска актерка и политичарка. Доктор по филолошки науки. Од 1998 до 2002 година била пратеник во Собранието на Македонија, од 2005 до 2006 советник во Град Скопје, од 2006 до 2008 пратеник во Собранието на Република Македонија. Била директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, претседател на Пратеничката група на Собранието на РМ за соработка со Парламентот на Царството Јапонија, член на Националниот совет за евроинтеграции, на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, на Комисијата за европски прашања, на Делегацијата на Собранието на РМ во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација како и на други значајни парламентарни тела и комисии. 1990.- Во неуспешниот обид да го спречи отцепувањето на Литванија, претседателот на Советскиот Сојуз Михаил Горбачов и се заканил на балтичката република со економско ембарго доколку за два дена не ја повлече декларацијата за независност. 2012.- Во Скопје, во 77-та година од животот умрел истакнатиот македонски писател и академик Ташко Георгиевски. Тој долги години работел како уредник во МРТВ и во издавачките куќи „Мисла“ и „Македонска книга“. Член на ДПМ бил од 1957 година, а бил и член на Македонскиот ПЕН центар и на МАНУ. Ташко Георгиевски зад себе оставил богат и значаен прозен опус. Автор е на романите: „Луѓе и волци“, „Ѕидови“, „Црно семе“, „Змиски ветар“, „Црвениот коњ“, „Време на молчење“, „Рамна земја“, „Исчезнување“, како и на збирките раскази: „Ние зад насипот“, „Суви ветрови“, „Куќа под калето“ и други. Автор е и на автобиографските записи „Плочата на животот“ и „Творечката лабораторија на писателот“. Романите „Црно семе“ и „Црвениот коњ“ се филмувани и се меѓу најпопуларните македонски филмови. Неговите книжевни дела се преведени на повеќе јазици во светот. Добитник бил на наградите: „Кочо Рацин“, „11 Октомври“, „13 Ноември“, „Стале Попов“, „Рациново признание“ и други. Георгиевски бил роден во 1935 година во село Кронцелево, Воденско, Егејска Македонија. 2018.- На 86-годишна возраст по кратко боледување почина познатиот американски режисер со чешко потекло Милош Форман. Форман е добитник на Оскар за режија за филмовите „Лет над кукавичкото гнездо“ и „Амадеус“, а меѓу неговите останати познати дела се и „Народот против Лари Флинт“ и „Човек на Месечината“. Тој е роден на 18 февруари 1932 година во местото Часлав во близина на Прага, како Јан Томас Форман. Неговите родители биле убиени во нацистичкиот концентрационен логор Аушвиц и Форман поголем дел од детството минал во дом за деца без родители. Во 50-те години на минатиот век почнува да се занимава со снимање филмови, како еден од претставниците на „златната генерација на чехословачката кинематографија“. Во 1968 година за време на советската воена интервенција во Чехословачка, Форман се наоѓа во Париз, од каде емигрира за САД и во 1975 година добива американско државјанство. ###

Остани поврзан