• недела, 24 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден
24 јануари 2021 (МИА) 41.- Убиен бил римскиот цар Гај Јулиј Калигула. Тој во текот на владеењето од 37 до 41 година искажа бруталност, самоволие и нечуено расипништво. Кога вовел неподносливо високи даноци и се свртел против Сенатот и војската, дури и против командантите на сопствената преторијска гарда, бил убиен. Сенатот потоа за цар го прогласил неговиот чичко Клавдиј Тибериј Друз. 76.- Роден е римскиот цар Публиј Елиј Хадријан, кој во текот на владеењето од 117 до смртта во 138 година, увидувајќи дека Римското царство слабее, ги утврдил границите во југозападна Германија и Британија. На северната граница на провинциите во Британија, помеѓу заливите Клид и Фрот, го подигнал т.н. Хадријанов бедем кој требало да ги штити од нападите на Пиктите и Шкотите. Подгинал повеќе градови, од кои најважниот е Хадријанов град во Тракија. Бил голем почитувач на грчката култура и покровител на уметноста, пишувал стихови, вајал и сликал. 1712.- Роден е Фридрих Втори Велики, пруски крал (1740-1786), војсководец, филозоф и писател. За време на неговото владеење од малата Прусија создал велесила. Најпознати му се делата „Мемоарите на Бранденбуршката династија“ и „Историјата на Седумгодишната војна“. Умрел на 17 август 1786 година. 1732.- Роден е францускиот писател Пјер Огистен Карон де Бомарше, предвесник на Француската револуција. Смело ги критикувал подмитувањето на судиите и корупцијата. Дела:  автобиографското дело „Мемоари“, комедиите „Севилскиот бербер“, „Фигаровата женидба“ кои биле инспирација за Џоакино Росини и Волфганг Амадеус Моцарт да ги компонираат истоимените опери. 1746.- Роден е шведскиот крал Густав Трети, кој од стапувањето на престолот во 1771 година до насилната смрт во 1792 година, владеел со цврста рака, но бил и голем покровител на уметноста. Војувал против Русија од 1788 до 1790 година и неуспешно се обидел да го заземе Петрогард. Инспириран од атентатот врз него во Стокхолмската опера во март 1792 година, Џузепе Верди ја напишал операта „Бал под маски“ 1776.- Роден е Ернест Теодор Хофман, германски писател, композитор, сликар, судија и професор по музика. Со своите новели убедливо го отсликал животот на соништата, хипнозата, телепатијата и стравот. Од нив се инспирирал и композиторот Жан Офенбах за својата позната опера "Хофмановите приказни". Хофмановите дела влијаеле врз многу други автори, меѓу кои се и Балзак, Едгар Алан По, Франц Кафка и други. Умрел на 26 јуни 1882 година. 1848.- Џејмс Маршал во Калифонрија открил наоѓалиште на злато. Прочуената „Златна треска“ почнала во декември истата година кога извештаите за пронаоѓањето на жолтиот метал ги потврдил претседателот на САД Џемјс Полк. 1915.- Британски воени бродови во Првата светска војна во Северно Море го потопијле германскиот крстосувач „Bliher“ во кој загинале 870 луѓе. 1920.- Умрел италијанскиот сликар и скулптор Амедео Модиљани чии дела се препознатливи единствено по издолженоста на фигурите. Во Париз живеел од 1906 година и е еден од најзначајните претставници на „Париската школа“. Најмногу сликал женски актови и портрети, а во младоста се бавел со скулптура во која се чувствува црната пластика. 1922.- Во Смитфилд, Јужна Каролина, е родена Ава Гарднер, една од легендите на Холивуд. Зад себе оставила речиси 60 филмови и незаборавни улоги во делата како што се "Сонцето повторно се раѓа", "Ноќта на Игуана", "Могамбо", "Босонога контеса" и други. Умрела во Лондон на 26 јануари 1990 година. 1922.- Родена е Блага Алексова, македонски археолог и академик. Нарекувана е прва дама на македонската археологија. Нејзините истражувања биле насочени кон докажување на културолошкиот континуитет меѓу раното христијанство и средновековјето во Македонија. Ја открила најстарата христијанска црква во Македонија (Старата епископска базилика во Стоби). Вршела ископувања на локалитетите: Демир Капија, Баргала, Крупиште, Струмица, Полог, Охрид, Преспа, Дојран, Оризари, Радолишта и Стоби. Учествувала на голем број научни собири во Македонија, САД, Австрија, Англија, Русија, Романија, Турција, Бугарија, Италија, Хрватска, Србија, Грција и во Албанија.Починала на 12 јули 2007 година во Скопје. 1924.- Престолнината на царска Русија - Петроград добила ново име - Ленинград, во знак на сеќавање на Ленин, таткото на Октомвриската револуција која почнала во Петроград. Името Ленинград градот го носел до 1991 година. Првиот назив на градот бил Санкт Петерсбург и Петербург (до 1914), а до 1924 година Петроград. Од 1991 година го носи првото име Санкт Петерсбург. 1929.- Во Софија умрел Васил Главинов, еден од првите организатори на социјалистичките идеи и организатор на работничкото движење во Македонија, поборник за балканска федерација. Во 1894 година во Велес формирал читалиште, односно прво просветно работничко друштво, а во 1896 година, во Софија, македонска социјалистичка група. Учествувал на Првата балканска социјалистичка конференција во Белград, во 1910 година. Роден бил во Велес, околу 1869 година. 1935.- Во Софија излегол првиот број на неделното списание за историја, наука, култура и литература „Македонски вести“, чиј уредник и сопственик бил Ангел Динев, македонски општественик и публицист. 1946.- Со решение на Министерството за народна просвета на Македонија првата македонска граматика била одобрена за учебник во средните училишта. Нејзин автор бил професорот Круме Кепески. 1965.- Во Лондон умрел Винстон Леонард Спенсер Черчил, британски политичар, државник и писател. Во најтешките денови за Англија, во Втората светска војна, бил претседател на владата и водач на Конзервативна партија. Заедно со Сталин и Рузвелт дал решавачки придонес за победата над фашизмот. Негови познати дела се "Втората светска војна", "Моето африканско патување", "Историјата на светската војна" и други. Во 1953 година ја добил Нобеловата награда за литература. Роден бил на 30 ноември 1874 година. 1972.- Јапонскиот војник Шјоичи Јокои е откриен на пацифичкиот остров Гуам, каде 28 години се крие во џунгла, убеден дека Втората светска војна се уште трае. 1973.- Американскиот преговарач Хенри Кисинџер изјавил дека Виетнамскиот мировен договор склучен на мировните преговори во Париз ќе значи крај на борбите во Лаос и Камбоџа, а преговарачот Ханој Ле Дук То документот го опишал како „голема победа за виетнамскиот народ“. Борбите во Виетнам завршиле на крајот на април во 1975 година со ослободување на Сајгон и со американска воена катастрофа. 1983.- Во Лос Анѓелес умрел Џорџ Кјукор, познат американски режисер. Автор бил на многубројни филмови кои влегле во антологијата на светската кинематографија, меѓу кои се најпознати „Вечера во осум“, „Плинска светлина“, „Ѕвездата е родена“ и други. Роден бил во Њујорк, на 7 јули 1899 година. 1991.- Во Скопје, во издание на НИП „Нова Македонија“, излегол првиот број на независниот македонски неделник „Пулс“. 1996.- Варшавскиот воен обвинител официјално ја отворил истрагата врз претседателот на владата на Полска Јузеф Олексиј, поради негова наводна шпионска активност за сметка на Москва, што дополнително се покажало како лажно обвинение заради елиминација на политичките противници од страна на полскиот претседател Лех Валенса. 1996.- Во Тамсон Јаус, Вест Довер, САД, умре Стојан Христов, американски писател, новинар и публицист, од македонско потекло, почесен член на Друштвото на писателите на Македонија. Меѓу другото, автор е на книгите „Херои и убијци“, „Ова е мојата земја“, „Лавот од Јанина“, „Американски аџилак“, „Орелот и штркот“ и други. Роден бил во селото Кономлади, Костурско, на 18 август 1898 година. 1999.- Јорданскиот крал Хусеин потпишал декрет со кој постариот син Абдулах го одредил за наследник на престолот. 2004.- Американскиот вселенски робот „Опортјунити“ се спушти на Марс - три недели по роботот „Спирит“. Четири часа подоцна почнал да испраќа слики на Земјата. 2007.- Умре полскиот писател и новинар Ришард Капушчињски. Повеќепати бил кандидат за Нобелова награда за литература. Тој бил веројатно еден од напреведуваните полски автори. Книгите му се објавени на дури 30 јазици. Се прославил со репортажите за Конго кон крајот на педесеттите години на дваесеттиот век. Во текот на бројните престои во Африка, Јужна Америка и во Азија бил сведок на повеќе граѓански војни, револуции и смени на режими. Дела: „Еден ден живот“, „Фудбалска војна“, „Цар“, „Шахиншах“, „Лапидариум“, „Империја“. ###

Остани поврзан