• среда, 25 декември 2024

На денешен ден

На денешен ден
29 јуни 2021 (МИА) 1798.- Во Реинати е роден Џакомо Леопарди, еден од најголемите италијански поети. Неговата поезија е израз на неговиот песимистички став кон човековото битисување. Во стих и во проза, тој создал силен и помодерен јазичен израз. Главни негови дела се „Песни“ и „Дијалози и есеи“. Умрел во Неапол, на 14 јуни 1837 година. 1877.- Во селото Стричиќи, кај Бања Лука, е роден Петар Кочиќ, еден од најистакнатите писатели на српскиот реализам. Пишувал песни, проза и сатира. Во сатирата остро ги критикува состојбите во босанското село под австриска окупација. Меѓу неговите дела најпознати се „Јазовец пред суд“, „Суданија“ и други. Умрел во Белград, на 27 август 1916 година. 1880.- Франција го анектирала пацифичкиот остров Отахеит, сега познат како Тахити, француски протекторат од 1842 година. Сега е во составот на Француска Полинезија - француска прекуморска територија. 1886.- Роден е францускиот државник и финансиски стручњак Робер Шуман, творец на „Шумановиот план“ во 1950 година, врз основа на кој во 1952 година Белгија, Холандија, Луксембург, Западна Германија, Италија и Франција ја основале Европската заедница за јаглен и челик, претходничка на сегашната Европска унија. Бил министер за финансии во 1946, а претседател на владата од 1947 до 1948 година, потоа шеф на дипломатијата од 1948 до 1953 година и министер за правда од 1955 до 1956 година. 1900.- Роден е францускиот писател Антоан Мари Роже де Сент Егзипери, автор на „Малиот принц“, еден од најубавите детски романи во светската литература. Дела: „Пошта за Југ“, „Земја на луѓе“, „Воен пилот“. 1914.- Роден е чешкиот диригент и композитор Рафаел Јероним Кубелик, кој веќе на 20-годишна возраст диригирал со Чешката филхармонија. Дела: две симфонии, концерт за виолина и оркестар, концерт за виолончело и оркестар, концертино за флаута и камерен оркестар, фантазија за виолина и оркестар, гудачки квартет, соната за виолина и клавир, операта „Вероника“, кантатата "Pro memoria patris", соло песни. 1917.- Кралството Грција ги раскинало односите со Централните сили и застанало на страната на Антантата. На таа одлука и претходело истоварувањето на сојузничките трупи, што го забрзало падот на прогерманската влада во Атина. 1939.- Извршен бил првиот комерцијален лет преку Атлантикот. Авионот „Диск Клипер“ долетал од САД на аеродромот во Лисабон, Португалија. 1941.- Умрел полскиот државник, пијанист и композитор Игнац Јан Падеревски, професор на Конзерваториумот во Варшава, кој од 1919 до 1921 година бил претседател на владата и шеф на дипломатијата, а во 1940 година и претседател на Полска. Дела: операта „Манра“, „Полска фантазија“ за клавир и оркестар, една симфонија, клавирски дела, соло песни. 1945.- Кај Радовиш, во сообраќајна несреќа загинал Чеде Филиповски-Даме, народен херој на Македонија. Роден бил во селото Никифорово, Гостиварско, на 16 ноември 1923 година. 1967.- По победата во шестдневната војна со арапските држави, Израел го обединил поделениот Ерусалим, кој набрзо бил прогласен за престолнина на Израел. 1980.- Вигдис Финбогадотир била избрана за претседател на Исланд, станувајќи прва жена во Европа демократски избрана за шеф на држава. 1990.- Од Санкт Петербург (тогашен Ленинград) во Скопје донесени биле моштите на Димитрија Чуповски (македонски политичар, патриот, просветител, историчар, картограф, новинар...) и биле положени во црквата „Свети Спас“. 1995.- Умрела Лана Тарнер, прославена американска актерка, секс-симбол на Холивуд во четириесеттите години на 20. век. Родена била во 1919 година. 2000.- Република Македонија воспоставила дипломатски односи со Република Гвинеја-Бисао и со Федералната Исламска Република Коморски Острови. 2000.- Умрел италијанскиот актер Виторио Гасман, еден од најдобрите италијански филмски и театарски актери по Втората светска војна. Филмови: „Срам“, „Горчлив ориз“, „Ана“, „Ако дозволувате да зборуваме за жените“, „Бранкалеоновата војска“ „Мирисот на жените“, „Животот е роман“. 2003.- Умрела американската филмска и театарска актерка Кетрин Херберн, добитник на четири Оскари. Филмови: „Погоди кој доаѓа на вечера“, „Зима на еден лав“, „Летниковец на Златното езеро“, „Африканска кралица“, „Лето“, „Марија Стјуарт“, „Долго патување во ноќта“. 2015.- На 88-годишна возраст умрел Шарл Паскуа, поранешен француски министер за внатрешни работи. За македонската јавност и за политичката афирмација на Република Македонија во Франција, Шарл Паскуа ќе остане запаметен со финансирањето на изложбата „Македонија во 1913 година“, кога тој бил претседател на департманскиот совет на Горна Сена. Роден бил на 18 април 1927 на Корзика. ###

Остани поврзан