• петок, 20 декември 2024
На денешен ден
31 мај 2022 (МИА)   1594.- Во Венеција умрел Јакопо Робусти Тинторето, италијански сликар. Тој извршил големо влијание врз подоцнежните поколенија, особено врз импресионистите. Роден бил во Венеција, во 1518 година. 1819.- Роден е американскиот писател Волт Волтер Витмен. Почетоците на книжевното творештво на Витман датираат од периодот на 1841 до 1845, кога започнал да објавува кратки раскази во разни списанија, а објавил и еден роман, но сите тие дела немаат поголема вредност. Во 1855 година се појавила неговата прочуена поетска збирка „Стракови трева“. Подоцна, во текот на целиот живот, Витман неколкупати ја објавувал истата збирка, дополнувајќи ја со нови стихови и песни, исфрлајќи некои од постојните или менувајќи го нивниот редослед. Истовремено, тој станал дел од уметничките кругови, дружејќи се со познати писатели и уметници и создавајќи нов, неформален изглед како замена на поранешниот елегантен стил на облекување. Останал еден од налвлијателните поети светски поети се до денес. Починал на 26 март, 1892 година. 1859.- Почнал да работи големиот часовник наречен „Биг Бен“ на кулата на британскиот Парламент во Лондон. 1872.- Во селото Влахи, Пиринска Македонија, е роден Јане Сандански, истакнат македонски револуционер, војвода и еден од раководителите на ТМОРО и доследен следбеник на Гоцевите идеи. Тој е најистакнат организатор и раководител на македонското национално-ослободително движење во Пиринска Македонија. Патувајќи од Мелник за Неврокоп, близу до Роженскиот манастир, убиен бил од врховистите на 22 април 1915 година. 1911.- Во непосредна близина на селото Журче, Демирхисарско, кај манастирот „Свети Атанас“, во борба против турската војска загинал македонскиот војвода Блаже Крстев - Биринчето. Роден бил во селото Бирино, Крушевско, во 1873 година. 1924.- Кина го признала Советскиот Сојуз. 1930.- Роден е американскиот филмски актер, режисер и продуцент Клинт Иствуд. Филмови: „За грст долари“, „За неколку долари повеќе“, „Добар, грд и лош“, „Шериф во Њујорк“, „Валканиот Хари“, „Бегство од Алкатраз“, „Неочекуван спасувач“, „Одметникот Џеси Волс“, „Црвена лисица“, „Ненадеен судар“. 1931.- Во Бахреин била пронајдена нафта и таа била првата заливска земја во која биле утврдени такви наоѓалишта. 1942.- Чехословачките патриоти го убиле водачот на Гестапо, Рајнхард Хајдрих, еден од најсуровите нацистички злосторници, организатор на најмасовните масакри врз Полјаците, Евреите и Русите. Во знак на одмазда, нацистите го уништиле селото Лидице и ги убиле нивните жители. 1961.- Јужна Африка се прогласила за Република, за претседател бил избран Чарлс Робертс Сварт, а државата го напуштила Британскиот комонвелт. 1962.- Во Израел била извршена смртна казна со бесење врз нацистичкиот злосторник Адолф Ајхман, еден од главните егзекутори на Хитлеровото „конечно решение“ на еврејското прашање во Европа. Во судскиот процес било утврдено дека Ајхман е виновен за смртта на шест милиони луѓе. 1970.- Во земјотрес во Перу загинале повеќе од 70.000 луѓе, 20.000 исчезнале и 200.000 биле повредени, а градовите Јунгај, Хуарес и Чимботе биле потполно разорени. 2000.- Хонг Конг го затворил последниот виетнамски камп, ставајќи крај на 25-годишната сага на луѓето од чамците на територијата на таа јужна кинеска провинција. 2005.- Марк Фелт, пензиониран висок функционер на американското Федерално истражно биро (ФБИ), соопштил дека „Длабокото грло“ било главниот извор на информации за новинарите на „Вашингтон пост“ во откривањето на аферата Вотергејт (упад во канцеларијата на Демократската партија во зградата Вотергејт во Вашингтон во 1974 година) за што американскиот претседател Ричард Никсон бил принуден да поднесе оставка. 2013.- На 92-годишна возраст починал академик Петар Хр. Илиевски. По завршувањето на Богословскиот факултет во Софија, во 1946 година, работи како наставник во средни училишта во Скопје. Во 1956 година дипломира на групата Класична филологија на Филозофскиот факултет во Скопје. Специјализирал микенологија во Кембриџ во 1957/58 година и докторирал од истата област во 1960 година на Филозофскиот факултет во Скопје. Од 1981 година бил член на Центарот за балканолошки истражувања при Академијата на науките и уметностите на Босна и Херцеговина. Го организирал Друштвото за антички студии на Југославија (1972–1973 година), како и низа меѓународни научни собири. Научната дејност ја остварува во три области: класиката, балканистиката и палеославистиката. Проучувајќи ја словенската писменост од нејзините почетоци, особено глаголицата, евангелската мисија на свв. Кирил и Методиј, ја проследува нивната идеја за рамноправност на јазиците, како и просветителската дејност на св. Климент и Наум Охридски. Учесник во НОБ од септември 1944 година. Учествувал во првиот превод на Светото Евангелие на современ македонски јазик во 1952 година. Автор е на околу 400 труда и добитник на повеќе награди и признанија. За член на МАНУ бил избран во 1979 година. Петар Хр. Илиевски бил роден на 2 јули 1920 година во село Горно Бигор – Доленци, Кичевско. 2013.- Свечено била отворена новата зграда на објектот „Стар театар“ во Скопје, кој му беше примопредаден на Македонскиот народен театар. Станува збор за современ театарски простор во кој се негуваат уметноста и културата и ќе се реализираат содржини од сценско-уметничките дејности со високи технички перформанси. Лоциран на левиот брег од реката Вардар, објектот е изграден врз темелите на стариот театар кој се урнал во земјотресот во 1963 година. Позициониран е на вкупна површина од 7.200 метри квадратни, а аудиториумот на објектот е поделен на голема сала со партер и две галерии со вкупно 724 седишта, како и мала сала со 213 седишта. Сценската технологија и механика, како и целокупната сценска површина се од модуларен тип со двојно дно. На отворањето на Стариот театар била промовиран и Музејот на МНТ кој претставува прва театарска музејска збирка формирана и презентирана во Македонија.   ###

Остани поврзан