• среда, 25 декември 2024
На денешен ден
4 јули 2021 (МИА)   1631.- Во Париз почнала со работа првата агенција за вработување во светот. 1753.- Роден е францускиот пронаоѓач Жан Пјер Франсоа Бланшар, кој во 1785 година со Џон Џефрисон први го прелетале Ла Манш со балон. Исто така го конструирал и падобранот. 1776.- Во Филаделфија, Конгресот на претставниците на северноамериканските колонии, кои се побуниле против Англија, донесле „Декларација за независност“ (составувач е Т. Џеферсон) со која била прогласена нивната независност под името Соединети Американски Држави. Најзначаен дел од Декларацијата бил уводот во кој се изложени демократските стремежи на новата нација, духот што тогаш бил уште непознат во земјите на феудална Европа. Целосна независност САД извојувале дури во 1781 година со победата над британската колонизаторска војска. - Национален празник на САД. 1798.- Со походот на Египет, Наполеон Бонапарта го зазел градот Александрија, кој дотогаш бил турска провинција. Во рацете на Франција останал до 1801 година. 1804.- Роден е американскиот писател Натаниел Хортон, еден од првите значајни американски романсиери. Дела: романите „Блајделска романса“, „Мермерен фаун“, приказните „Двапати раскажана приказна“, „Живописни приказни за деца“. 1807.- Во Ница, е роден Џузепе Гарибалди, италијански револуционер и демократ, водач за обединување на Италија по револуционерен пат. Умрел на островот Капрера, на 2 јуни 1882 година. 1826.- Умрел Томас Џеферсон, трет претседател на САД (1801-1809). Роден е на 13 април 1743 година. 1831.- Умрел американскиот државник Џејмс Монро, претседател на САД од 1817 до 1825 година, еден од најактивните политичари во американската историја. 1884.- Во знак на сеќавање на раѓањето на САД на Денот на независноста - 4 Јули, Франција им ја подарила на САД статуата „Слободата го осветлува светот“, позната како Статуата на слободата. Статуата е дело на Густав Ајфел и е висока 93 метри. 1900.- Во Њу Орлеанс е роден Луј Армстронг, познат под името „Сачмо“, американски некрунисан крал на џезот. Умрел во својот дом во Корона на Лонг Ајленд, на 6 јули 1971 година. 1903.- Пуштен бил во употреба првиот пацифички телеграфски кабел, поставен на дното на океанот меѓу Сан Франциско и Манила. 1927.- Родена е италијанската актерка Џина Лолобриџида, прва голема ѕвезда на италијанската кинематорграфија по Втората светска војна. Филмови: „Фанфан Лала“, „Убавица на ноќта“, „Трапез“, „Соломон и кралицата од Саба“, „Царска Венера“, „Ана од Бруклин“, „Провинцијалка“. 1934.- Во Санселмоз, Франција, умрела Марија Кири - Склодовска, француска физичарка, хемичарка и математичарка од полско потекло, мажена за францускиот научник Пјер Кири, со кого ги открила радиумот и плутониумот и ја поставила основата на модерната наука за радиоактивност. Со Пјер Кири ја добиле Нобеловата награда за физика во 1903 година, а во 1911 година самата и за хемија. Родена била во Варшава, на 7 ноември 1867 година. 1946.- По 47 години под власт на САД, основана била независна Република Филипини. 1972.- ДНР Кореја и Јужна Кореја се откажале со посебен договор од употребата на сила во решавањето на меѓусебните односи и во начело се согласиле да работат на новото обединување на Кореја на мирен начин без мешање однадвор. 1994.- Францускиот претседател Франсоа Митеран како прв странски државник говорел во парламентот на Јужна Африка формиран по укинувањето на режимот на апартхејдот. 1996.- Република Македонија и Канада воспоставиле дипломатски односи на амбасадорско ниво. 1997.- Американското вселенско самоодно возило „Патфајндер“ се спуштило на Марс. 2001.- Умрел Никола Ковачевски, еден од доајените на спортското новинарство во Македонија. Роден бил во Скопје, во 1923 година. 2005.- Американската вселенска сонда „Дип импакт“ удрила во кометата „Темпел 1“, во мисијата која на научниците требало да им даде драгоцени одговори на суштинските прашања врзани за постанокот на Сончевиот систем. 2008.- Умрел поранешниот американски републикански сенатор и водечки конзервативен политичар Џес Хелмс. Бил познат по прекарот „сенатор НЕ“. Хелмс, меѓу другото, се противел на испраќањето американски трупи во Босна, на блокирање на ратификации на повеќе меѓународни договори, меѓу кои и на сеопфатниот договор за забрана на нуклеарните тестирања, како и на Протоколот од Кјото за глобалното затоплување. Работел и како уредник во весници и телевизиски коментатор, а во Сенатот првпат влегол во 1972 година.   ###

Остани поврзан