• сабота, 21 декември 2024

На денешен ден

На денешен ден
24 јуни 2022 (МИА) 79.- Умрел римскиот цар Тит Флавиј Веспазијан, основач на династијата Флавиевци. Во текот на владеењето од 69 година победил во борбата против еврејските востанија во Палестина. Во Рим ги подигнал величествените објекти како што се Колосеумот, Капитол и Амфитеатарот. 1497.- Англискиот морепловец Џон Кебот ја открил Канада и ја прогласил за Северна Америка под влијание на Велика Британија. 1509.- Хенри Осми, вториот монарх од династијата Тјудор, бил крунисан за крал на Англија. 1812.- Францускиот цар Наполеон Први на чело на војската од 611.000 војници (составена од речиси сите европски нации) ја преминал реката Њемен и ја почнал инвазијата врз Русија. Неговата војска наредните месеци претрпела огромни загуби, но во септември 1812 година сепак влегол во Москва која Русите ја напуштиле. Натамошната воена тактика на Русите речиси ги уништила Французите кои до декември 1812 година, кога биле и поразени, ја напуштиле Русија. Од 130.000 до 150.000 војници од француската војска преживеале, а рускиот војсководец фелдмаршалот Михаил Кутузов ги прогонувал се до Париз. 1859.- Во селото Солферино, во близина на Мантова и езерото Гарда, во Италија, во текот на војната за обединување на Италија (1850-1870) се водела една од најтешките битки во текот на 19 век, кога загинале или биле ранети околу 40.000 луѓе. Во битката здружената француско-пиемонтска војска ја поразила австриската. Победата над Австрија го забрзала процесот на обединување на Италија. 1861.- Во Загреб излегол од печат Зборникот на народни песни, епохално дело на браќата Димитар и Константин Миладиновци, македонски преродбеници во 19 век. Зборникот повеќе од еден век бил поетски учебник за идните генерации македонски писатели. Објавувањето на Зборникот го овозможил познатиот хрватски бискуп, Јосип Јурај Штросмаер. 1886.- Умрел рускиот писател Александар Николаевич Островски, чии дела се основа на рускиот класичен драмски репертоар. Дела: „Шума“, „Бура“, „Таленти и обожувачи“, „Без вина виновни“, „Девојка без мираз“, „Сиромаштијата не е порок“, „Свои сме, ќе се спогодиме“, „Волци и овци“. 1894.- Францускиот претседател Мари Франсоа Сади Карно во Лион бил убиен од еден италијански анархист. 1901.- Во Париз била отворена првата изложба на 19-годишниот шпански сликар Пабло Пикасо. 1908.- Умрел американскиот државник Стивен Гровер Кливленд, претседател на САД од 1885 до 1889 и од 1893 до 1897 година. 1909.- Роден е англискиот атомски физичар и математичар Вилијам Џорџ Пени, татко на британската атомска бомба. Под негова контрола била испробана првата британска атомска бомба во 1952 година на островите Монте Вело во западна Австралија. 1916.- Почнала офанзивата на силите на Антантата на реката Сена, во Франција, во која стотици илјади луѓе, со месеци со своите животи ја плаќале кратковидоста на своите команданти. Во таа најкрвава битка во Првата светска војна Французите загубиле 590.000, Англичаните 412.000, а Германија имала половина милион мртви и ранети војници. 1930.- Роден е францускиот филмски режисер Клод Шаброл, претставник на „новиот бран“ во француската кинематографија. Филмови: „Убавиот Серж“, „Роднини“, „Наивни девојки“, „Офелија“, „Шампањски убијци“, „Неверна сопруга“, „Невините со валкани раце“. 1948.- Советските трупи по наредба на Сталин ја почнале блокадата на Западен Берлин, која траела до мај 1949 година. 1973.- Најстариот светски државник Емон де Валеро (90) дал оставка на функцијата претседател на Ирска, на која бил од 1959 година. 1975.- Меѓународната организација на трудот во Женева, ја усвоила Конвенцијата за работниците-емигранти. Конвенцијата предвидувала обврска на сите земји-членки да ги почитуваат основните човекови права на сите странски работници на работа во нивното стопанство и да обезбедат еднакви можности за вработување, социјално осигурување и индивидуални и колективни слободи. 1994.- Во Скопје, во издание на Македонскиот светски конгрес, излегол првиот број на светскиот македонски неделник „Македонско сонце“. 2003.- Претседателот на Русија Владимир Путин ја започнал историската посета на Обединетото Кралство, како прв шеф на руската држава во официјална посета на оваа земја од 1874 година, кога Кралството го посетил рускиот цар Александар Втори. ###  

Остани поврзан