• сабота, 23 ноември 2024
На денешен ден
21 март 2022 (МИА)   - Светски ден на поезијата - Ден на пролетта 1556.- Кентерберијскиот надбискуп Томас Кренмер бил запален како еретик за време на римокатоличката реакција на кралицата Мери Прва. Како главен застапник на верската реформа во Англија вовел литургија на англискиот јазик и го составил „Општиот молитвеник“ на англиски. 1685.- Во Ајзенах е роден Јохан Себастијан Бах, германски композитор, еден од најголемите композитори во историјата на музиката. Бил познат како виртуоз на оргули. Тој го довел до совршенство барокот, усовршувајќи ги и продлабочувајќи ги дотогашните средства на музичкиот израз. Се смета дека неговите "Голдберг-варијации" за инструменти со калвиши и жици претставуваат ремек-дело. Умрел во Лајпциг, на 28 јули 1750 година. 1806.- Роден е мексиканскиот државник Бенито Пабло Хуарес, по потекло од селско индијанско семејство, кој како претседател го донесол законот за одвојување на црквата од државата и спровел низа мерки значајни за социјалниот и економскиот развој на земјата. Во текот на француската интервенција од 1861 до 1867 година ја предводел борбата за независност на земјата. 1829.- Во земјотресот што ја зафатил Шпанија загинаа 6.000 луѓе. 1839.- Во селото Крево, Псковско, е роден Модест Петрович Мусоргски, руски композитор, претставник на руската национална школа, застапник на реалистичкиот правец, член и најславен творец на композиторската „Група на петмина“. Поважни дела му се оперите „Борис Годунов“, „Хованшчина“, „Сорочински саем“, клавирската композиција „Слики од изложбата“ и други. Умрел во Санкт Петербург, на 28 март 1881 година. 1871.- Канцеларот Ото фон Бизмарк ја отворил првата седница на Рахјстагот (собранието) на новосоздаденото Германско царство. 1884.- Во Франција биле легализирани синдикатите. 1913.- Во Луковдол, Горски Котор, е роден Иван Горан Ковачиќ, хрватски поет, есеист, новинар, полемичар, преведувач и борец во НОВ. Автор бил на потресната поема „Јама“ во која ги прикажува воените пустошења и злосторства. Убиен бил за време на Втората светска војна, кон средината на јули 1943 година. 1917.- Бољшевиците го уапсиле рускиот цар Николај Втори и го принудиле да абдицира. Царот, сите членови на неговото семејство и послугата, по наредба на Ленин биле ликвидирани, а потоа и искасапени во Екатеринбург (подоцна Свердловск) во јуни 1918 година. 1936.- Во Париз умре Александар Константинович Глазунов, руски композитор, изразит симфоничар, еден од последните следбеници на руската национална школа. Компонирал претежно програмска музика, симфониски песни, симфонии, балети, камерна и солистичка музика. Најпознати му се делата „Стенка Рјазин“, „Рајмонда“ и други. Роден е во Санкт Петербург, на 10 август 1865 година. 1947.- Во зимскиот спортски центар Попова Шапка се одржал Првиот шарпланински смук, најстара спортска меѓународна манифестација во Македонија. Се натпреварувале триесеттина смучари од Унгарија, Романија, Бугарија и од СФР Југославија. Победил Унгарецот Петер Силко. 1960.- Во Сао Паоло е роден Аиритон Сена, еден од најголемите возачи на автомобилското натпреварување во светот на „Формула 1“. Загинал за време на трката во Имола, Италија, на 1 мај 1994 година. 1963.- Затворен бил злогласниот затвор „Алкатраз“ во заливот Сан Франциско. 1973.- На вонредното заседание на Советот за безбедност на Обединетите нации во Панама, САД и ставиле вето на резолуцијата со која се барало на Панама Вашингтон да и го врати назад суверенитетот врз зоната на Панамскиот канал. 1975.- Комунистичката влада на водачот на пучистите во Етиопија потполковникот Менгисто Хаиле Маријамо соопшти дека е укинато 3.000 години старото царство. Последниот цар Хаиле Селаси, иако бил симбол на борбата за слобода, најбрутално бил убиен, а на јавноста и било соопштено дека умрел од природна смрт. 1994.- Владата на Република Македонија донесла одлука за пристапување на Република Македонија кон Постојаниот комитет за информирање за индустриска сопственост на Светската организација за интелектуална сопственост. 1997.- Претседателите на Русија и САД, Борис Елцин и Бил Клинтон, на самитот во Хелсинки дале согласност за намалување на нуклеарните арсенали на двете земји. 1997.- Умрел Ежен Гилвик, француски поет со висока меѓународна репутација, добитник на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата во 1976 година. Автор е на триесеттина книги поезија, разговори, драмски преводи и други. Роден бил во Карнак, во 1907 година. 1998.- Умрела руската балерина Галина Сергеевна Улјанова, водечка балерина во „Бољшој театарот“ по Втората светска војна. Дебитирала во 1928 година во театарот „Киров“, по што набрзо станала прва балерина на „Бољшој театарот“. Прекрасно ги толкувала водечките рољи во балетите „Лебедово езеро“, „Заспаната убавица“, „Оревокршачка“, „Жизел“, „Пеперутка“, „Ромео и Јулија“. На крајот на играчката кариера станала балетски педагог во кореографската школа на „Бљшој театарот“. 1998.- Во Скопје било одржано Основачкото собрание на политичката партија Демократска алтернатива. За претседател бил избран д-р Васил Тупурковски. 2000.- Поглаварот на Римокатоличката црква папата Јован Павле Втори допатувал во прва официјална посета на Израел. 2004.- Во судирот на непалските трупи со маоистичките бунтовници загинаа најмалку 500 бунтовници и 18 војници и полицајци. 2007.- Најмалку 31 лице го загубиле животот во одроните на земјиштето предизвикано од обилните дождови во пакистанскиот дел на Кашмир.   ###

Остани поврзан