• вторник, 12 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден
16 февруари 2021 (МИА) 1808.- Франција ја почнала инвазијата врз Шпанија. За еден месец Шпанија била покорена. Царот Наполеон Први ги донесол во Франција кралот Карлос Четврти и неговиот син Фернанд Седми, а на престолот го поставил братот Жозеф Бонапарта кој со окупираната Шпанија владеел до 1813 година. 1850.- Роден е Октав Мирбо, француски писател, натуралист. Пишувал романи, драми и книжевна критика. Главни негови дела се романот „Дневникот на една собарка“ и драмското дело „Работата е работа“. Умрел во 1917 година. 1907.- Во Болоња умрел Џозуе Кардучи, голем италијански поет, книжевен историчар и неокласичар. Напишал голем број песни и книжевни, естетски и филолошки студии. Познати се неговите дела „Варварски оди“, „Рими и ритми“ и други. Во 1906 година ја добил Нобеловата награда за литература. Роден бил во Вал ди Кастело, Тоскана, на 27 јули 1835 година. 1926.- Роден е англискиот филмски режисер Џон Ричард Шлезинџер, близок на идеите за „слободен филм“. Филмови: „Лажливецот Били“, „Дарлинг“, „Полноќен каубој“ (Оскар), „Недела, проклета недела“, „Сјајот и бедата на Холивуд“, „Маратонец“. 1936.- На парламентарните избори во Шпанија победила листата на Народниот фронт, по што владата на социјалистите, комунистите и претставниците на синдикатот ја составил Мануел Асања. Владата веднаш издала декрет за амнестија на политичките затвореници и ја почнала аграрната реформа, но го почнала и прогонот на некомунистите. Ројалистите под водство на генералот Франческо Франко, во јули 1936 година почнале вооружена буна со што ја предизвикале граѓанската војна во која во 1939 година биле поразени силите на владата на Народниот фронт, благодарејќи на огромната воена помош која на Франко му ја пружиле Германија и Италија. 1937.- Најлонот е патентиран. Овој изум е плод на работата на хемичарите Волас Хјум Каротерс и неговиот истражувачки тим од компанијата „Дупонт“ во САД. 1949.- Во Скопје излегол првиот број на „Студентски весник“, орган на Универзитетскиот комитет на Народната студентска младина. 1959.- Фидел Кастро станал премиер на Куба. 1970.- Во Њујорк умрел Пејтон Франсис Раус, американски патолог, добитник на Нобеловата награда за физиологија или медицина во 1966 година (заедно со Чарлс Хагинс) за откритието на тумор-индуцирачки вируси. 1986.- Во Скопје умрел Стефан Таневски, македонски писател. Ги напиша историските трагедии „Иван“, „Владимир и Косара“ и „Рог“, како и збирката поезија „Ноќни бразди“. Роден бил во Скопје, на 7 април 1918 година. 1994.- Република Грција ја затворила границата кон Република Македонија и вовела трговско ембарго кон Република Македонија, ги затворила Грчкиот конзулат во Скопје и Солунското пристаниште за Македонија. Ембаргото било укинато на 15 октомври 1995 година. 1996.- Европскиот парламент донел одлука за пристапување на Република Македонија во Европската програма ФАРЕ за помош и развој на земјите од Централна и Источна Европа. 2000.- Русија и НАТО ги обновиле односите, прекинати во 1999 година поради агресијата на Алијансата врз СР Југославија, соопштено е во Москва. 2001.- Во селото Танушевци, во близина на македонско-југословенската граница, во делот со Косово, дошло до вооружена престелка на органите за обезбедување на македонската граница со непознати вооружени лица со црни маскирни униформи. 2005.- Стапи на сила Договорот од Кјото, со кој земјите потписнички ги прифатиле дотогаш најстрогите ограничувања врзани за заштита на животната средина. 2008.- Европската унија донесла еднострана одлука за испраќање мисија на Косово, без одобрение на Советот за безбедност на ОН или генеалниот секретар на ОН, и покрај острото противење на Србија. Холанѓанецот Питер Фејт бил именуван за специјален претставник на ЕУ на Косово и Метохија, а поранешниот командант на КФОР, Французинот Ив де Кермабон, за шеф на мисијата ЕУЛЕКС. 2012.- Дописникот на „Њујорк тајмс“ Ентони Шадид, кој бил двоен добитник на Пулицерова награда за известување за судирите на Блискиот Исток, починал во Сирија, од каде известувал за бунтот против претседателот Башар ал Асад. Ентони Шадид, претходно работел за „Асошиејтед прес“, „Вашингтон пост“ и „Бостон глоуб“, а Пулицерова награда доби во 2004 и 2010 година за известувања од Ирак. 2014.- Во Будимпешта умрел проф. д-р Гашпар Биро, поранешен ректор на Универзитетот „Американ колеџ“од Скопје. Тој беше посветен пријател на Македонија, посебно ќе се паметат неговите напори во раните фази на меѓународно признавање на Република Македонија, како и неговиот придонес за продлабочување на билатералните односи меѓу Унгарија и Македонија. ###  

Остани поврзан