• среда, 25 декември 2024
На денешен ден
9 април 2022 (МИА)   - Денеска е Ден на македонските железничари 1553.- Во Париз умрел Франсоа Рабле, француски писател, најпозната личност во француската ренесанса. Негово најпознато дело е фантастично-хумористичниот роман „Гаргантуа и Пантагруел“. Роден бил во 1490 година. 1588.- Умрел италијанскиот сликар Паоло Веронезе, еден од најзначајните претставници на венецијанското сликарство. Тој бил мајстор на колоритот, динамичните композиции, сликар на гозби, скапоцени ткаенини, ентериери и екстериери, на ренесансен амбиент во кој пренесувал библиски и митолошки теми. Веронезе обработувал теми од христијанството и античката митологија, го славел богатството и моќта на Венецијанската република. 1683.- Францускиот истражувач Робер Кавелије, Сјер де Ла Сал прогласил пространа територија во Америка за територија на Франција, нарекувајќи ја Луизијана во чест на кралот Луј Четиринаесетти. 1821.- Во Париз е роден Шарл Бодлер, еден од најголемите француски писатели на 19 век. Се занимавал со литература и уметничка критика, а неговата поезија е одраз на очајот и на корупцијата на современата цивилизација. Ги надминал естетските форми на своето време, во поезијата внесол оригинални бои и егзотика, задржал елементи на романтизмот и го навестил симболизмот. Главно негово дело е збирката песни „Цвеќето на злото“. Умрел на 31 август 1867 година. 1873.- Од Солун во Велес пристигнал првиот воз. Работничкиот совет на Македонските железници на 8 април 1994 година усвоил одлука со која 9 Април го прогласил за Ден на македонските железничари. 1928.- Во Турција во рамките на реформите кои ги спроведувал Кемал Ататурк исламот престанал да биде државна религија. 1933.- Роден е францускиот филмски актер Жан Пол Белмондо, носител на главни улоги во речиси сите важни филмови за францускиот „нов бран“ од 60-ите години на 20 век. Тој играл во филмовите „Биди убава и молчи“, „До последен здив“, „Модерато кантабиле“, „Крадец“, „Борсалино“, „Страв над градот“, „Мисисипи“ и други. 1933. – Во Велес е роден Тихо Најдовски, македонски писател, еден од основачите и долгогодишен управник на меѓународната книжевна манифестација „Рацинови средби“. Член на ДПМ бил од 1969 година. Автор е на книгите: „Трепетлика“, „Јасминка“, „Солзи“, „Олеандровиот цвет“, „Увил“, „Меѓа“, „Мерка за немирот“ и други. Добитник бил наградите: на РТС за книга за деца на СВП, „Климент Охридски“, „Девети Ноември“ – награда на градот Велес. Починал на 24 април 2007 година. 1959.- Умрел американскиот архитект Френк Лојд Рајт, еден од творците на модерната функционална архитектура. Прв во САД употребил армиран бетон и индустриски градежен материјал и силно влијаел на современата архитектура. Конструирал неколку градби вклучувајќи го Гугенхајмовиот музеј во Њујорк и хотелот „Империјал“ во Токио. 1983.- Во Скопје умрел рускиот педагог и кореограф на Балетот при Македонскиот народен театар во Скопје, Александар Доброхотов. Тој е и прв балетски играч на скопската балетска сцена. Роден бил во 1909 година. 1991.- Грузискиот парламент едногласно ја усвоил Декларацијата за независност од Советскиот Сојуз, по референдумот на кој 97 отсто од граѓаните се изјасниле за нејзина независност. 1997.- Во Скопје умрел Стево Теодосиевски, македонски естраден уметник, музички педагог и хуманист, сопруг на познатата пејачка од ромско потекло Есма Реџепова. Роден бил во Кочани, во 1924 година. 2001.- Во Луксембург била потпишана Спогодбата за стабилизација и асоцијација и Времената спогодба за трговија и трговски прашања меѓу Македонија и Европската унија. Собранието на Република Македонија ја ратификувало Спогодбата за стабилизација и асоцијација на 12 април 2001 година. 2005.- Британскиот престолонаследник принцот Чарлс и Камила Паркер Боулс се венчале во Виндзор. Венчавката првпат во историјата на монархијата во Обединетото кралство била спроведена според граѓанска процедура во локалната општина. Првата сопруга на Чарлс, принцезата Дајана, загинала во сообраќајна несреќа во Париз во 1997 година. 2007.- Најмалку 26 лица загинале, а 18 биле повредени во судирот на камион со автобус во западниот дел од Иран. Автобусот полн со верници кои се враќале во Исфахан, по обиколката на неколку верски места во соседен Ирак, паднал во долината откако камион удрил во мостот на патот што ги поврзува градовите Илам и Керманџ, околу 700 километри југозападно од престолнината Техеран.   ###

Остани поврзан