• сабота, 23 ноември 2024
На денешен ден
9 март 2022 (МИА)   1074.- Папата Гргур Седми наредил сите женети римокатолички свештеници да бидат исфрлени од Црквата. 1454.- Во Фиренца е роден Америго Веспучи, италијански морепловец, кој пловејќи под шпанско знаме стигнал до бреговите на Бразил и Хондурас. Тој бил уверен дека открил „нов свет“, што се наоѓа меѓу Европа и Азија. Според неговото име, новиот континент го добил името Америка. Умрел во Севиља, на 22 февруари 1512 година. 1661.- Умрел Жил Мазарен, истакнат француски политичар од италијанско потекло, кој по смртта на кардиналот Ришелје станал министер за време на регентството на кралицата Ана. Како еден од највештите дипломати на своето време, тој ги поставил темелите врз кои Луј Четиринаесетти ја градел хегемонистичката политика на Франција кон Европа. Роден бил во 1602 година. 1749.- Роден е Оноре Габриел Мирабо, француски политичар и државник. Како најдобар говорник за време на Француската револуција придонесол за победата на Уставотворното собрание над кралот. Убиен е на 2 април 1791 година. 1814.- Во Моринци, Киевска Губернија, е роден Тарас Шевченко, најголемиот украински поет, основоположник на новата украинска литература. Поради патриотизмот бил протеран во Сибир, каде што минал повеќе години. Голем број негови дела се нашле на удар на царската цензура. Најпознати дела: поемата „Ајдамари“, збирката поеми и песни „Кобзар“ и романите „Кнегиња“, „Музикант“ и „Уметник“. Умрел во Санкт Петербург, на 10 март 1861 година. 1831.- Кралот Луј Филип ја основал француската легија на странци, со седиште во Алжир. 1851.- Умрел Ханс Кристијан Ерстед, дански физичар, пронаоѓач на магнетниот ефект на електричната енергија и основач на науката и електромагнетизмот. Роден бил во 1777 година. 1852.- Во селото Лазарополе, Гостиварско, е роден Исаија Мажовски, борец за ослободување на Македонија од турското владеење. Умрел во Софија, во 1926 година. 1885.- Родена е руската балерина Тамара Платоновна Карсавин, една од најголемите уметнички на класичниот балет во првата половина на 20. век. Заедно со Ана Павловна и Вацлав Нижински била меѓу главните ѕвезди на рускиот балет а гостувала и на сцените во Париз и Лондон. Запаметена е како незаменлива партнерка на Нижински во балетот „Сонот за ружите“ и по сјајните рољи во балетите „Шехерезада“, „Фантастичен дуќан“. 1888.- Умрел германскиот цар Вилхелм Први Фридрих Лудвиг, кој му помагал на канцеларот Ото фон Бизмарк „со крв и железо“ да ја обедини Германија. Бил руски крал од 1861, а во 1871 година станал прв цар на новосоздаденото Германско царство. 1893.- Умрел францускиот теоретичар на уметноста, историчар и филозоф Иполит Тен, кој настојувал да внесе позитивни методи и изучување во литературата, уметноста и општеството. Дела: „Историја на англиската книжевност“, „Филозофија на уметноста“, „За интелигенцијата“, „Создавањето на современа Франција“. 1907.- Роден е Мирча Елијаде, романски историчар на религијата, писател, филозоф и професор на Чикашкиот универзитет, водечки толкувач на религиите во 20-от век. Меѓу неговите најзначајни придонеси во проучувањето на религиите е неговата теорија за Вечното враќање. Неговата литерарна работа им припаѓа на жанрот на фантастиката и на автобиографскиот роман. Негови најдобри дела се „Бенгалски ноќи“, "Забранета шума", „Изабела и ѓаволските води“, „Госпоѓица Кристина“ и „Младост без младост“. Починал во 1986 година. 1918.- Умрел германскиот писател Франк Ведекинд. Дела: драмите „Пролетно будење“, „Маркиз фон Кајт“, „Пандорината кутија“, „Музика“, „Цензура“, песните „Четирите годишни времиња“. 1924.- Во Гостивар е роден Панче Поповски, народен херој на Македонија. Загинал во борба против германските и балистичките сили кај селото Татар Елевци, Дебарско, на 9 јули 1944 година. 1934.- Роден е Јуриј Гагарин, советски космонаут. Тој е првиот човек кој извршил космички лет во вселената (12 април 1961 година), по што, по 108 минути престој, успешно се спуштил на Земјата по поминати 41.000 км. Загинал во авионска несреќа, на 27 март 1968 година. 1943.- Во Чикаго е роден американскиот велемајстор Роберт „Боби“ Џејмс Фишер, 11-тиот првак на светот во шах, прв Американец кој ја освоил оваа титула. Умрел во Рејкјавик, Исланд, на 17 јануари 2008 година. 1945.- Американските сили во Втората светска војна го зазеле Бон. 1966.- Франција соопштила дека има намера да ги повлече своите трупи од НАТО и дека ќе побара воените инсталации на овој Пакт да се отстранат од нејзината територија. 1987.- Техеран го обвинил Багдад дека користи хемиско оружје во Иранско-ирачката војна. 1989.- Властите во Варшава официјално ги обвиниле советските служби за безбедност за ликвидирање на повеќе од 4.200 полски офицери во Катинската шума во пролета 1940 година. 1992.- Умрел поранешниот премиер на Израел Менахеи Бегин, прв израелски државник кој потпишал договор со некоја од арапските земји. По разговорите во Кемп Дејвид со египетскиот претседател Анвар ел Садат и со претседателот на САД Џими Картер, во 1977 година во Вашингтон бил потпишан мировниот договор со Египет. Заедно со Садат во 1978 година ја поделиле Нобеловата награда за мир. 1994.- Терористите на Ирската републиканска армија го извеле првиот од серијата минофрлачки напади на лондонскиот аеродром „Хитроу“. 1995.- Владата на Република Естонија донесла одлука за воспоставување дипломатски односи со Република Македонија на амбасадорско ниво. 1999.- Претседателот на Иран Мохамед Катами допатувал во посета на Италија. Тоа е прва посета на Запад од страна на некој шеф на иранска држава по исламската револуција во 1979 година во оваа земја. 2000.- НАТО ги отфрлил извештаите дека шпион внатре во воениот сојуз ги снабдувал Србите со тајните детали во текот на агресијата на НАТО на Југославија во пролетта 1999 година. 2003.- Европската унија отворила дипломатско претставништво во кубанската престолнина Хавана.   ###

Остани поврзан