• сабота, 23 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден
30 декември 2020 (МИА) 1691.- Умрел англискиот хемичар и физичар Роберт Бојл. 1803.- Во составот на САД влегла дотогашната француска колонија Луизијана. 1865.- Во Бомбај, Индија, е роден Радјард Киплинг, англиски писател. Извонредно ја познавал таинствена Индија и пишувал книги за деца со тематика од живописниот свет и природата воопшто. Негови најпознати дела се "Вистински приказни", "Книга за џунглата", "Ким", "Храбрите капетани" и други. Во 1907 година ја добил Нобеловата награда за литература. Умрел во Лондон, на 18 јануари 1936 година. 1899.- Во Лондон умрел Џемс Пеџет, англиски хирург, еден од основачите на модерната патологија. Роден е на 11 јануари 1814 година. 1903.- Во пожар во чикашкиот театар „Ириквои“ загинале 588 лица. 1906.- Роден е англискиот филмски режисер Керол Рид. Филмови: „Ѕвездите гледаат од небо“, „Ноќен воз за Минхен“, „Бегалец“, „Третиот човек“, „Јаре за две пари“, „Трапез“ „Клуч“, „Наш човек во Хавана“, „Агонија и екстаза“, „Оливер“ (носител на „Оскар“). 1909.- Убиен бил Ѕоле Стојчев, македонски револуционер, борец против османлиската власт, против пропагандите во Леринската околија на Битолскиот револуционерен округ и против аспирациите на Бугарија, Србија и Грција спрема Македонија. Роден бил во Баница, Леринско, во 1867 година. 1916.- Во Петроград бил убиен и фрлен во реката Нева - Григориј Ефимович Распутин, легендарен и контроверзен духовник, долго време исклучително влијателна личност на рускиот царски двор. 1922.- Официјално бил основан Сојузот на Советските Социјалистички Републики (СССР) федерална заедница создадена од Русија, Белорусија, Украина и Транскавкаската Федерација. Подоцна се приклучиле или се формирале и другите советски републики. 1933.- Романската екстремистичка политичка организација „Железна гарда“ го убила претседателот на владата Јон Дуку. 1947.- Умрел англискиот филозоф Алфред Норт Вајтхед, еден од најзначајните англосаксонски мислители на 20. век. Дела: „Математички принципи“, „Расправа за универзалната алгебра“, „Организација на мислењата“, „Истражување на принципите на природните знаења“, „Науката и модерниот свет“, „Процес и реалност“, „Смелите потфати на идеите“. 1949.- Во Скопје бил формиран Балетскиот ансамбл при Македонскиот народен театар, под раководство на Ѓорѓи Македонски и неговата соработничка Анелиза Асман. 1949.- Виетнам бил прогласен за суверена држава, по француската колонијална управа. 1964.- Основана била Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој - УНКТАД. 1968.- Умрел норвешкиот државник Тригве Ли, прв генерален секретар на Обединетите нации од 1946 до 1952 година. Пред Втората светска војна бил секретар на Социјалистичката партија на Норвешка и министер за правосудство, а по германската инвазија на Норвешка, во 1940 година, шеф на дипломатијата во пребегнатата влада во Лондон. 1989.- Полското собрание воспоставило повеќепартиски политички систем. 1991.- На состанокот во главниот град на Белорусија, Минск, лидерите на Заедницата на Независните Држави, создадена по распадот на Советскиот Сојуз, не се договориле за заедничка армија и на сите поранешни советски републики им било дозволено да формираат сопствени вооружени сили. 1996.- Министерството за надворешни работи на Република Македонија соопштило дека Македонија и Оман воспоставиле дипломатски односи. 1997.- Во Скопје излегол првиот број на двонеделниот магазин „Форум“. 2004.- Умрел американскиот џез-музичар, „кралот на свингот“ Арти Шо. Важел за врвен кларинетист. Компонирал концерти за кларинет и низа познати мелодии, како  "Nightmare", "Any old time", "Everything's Jumpin". 2006.- Погубен бил поранешниот ирачки лидер Садам Хусеин. 2017.- На 79-годишна возраст почина генерал Трајче Крстевски, поранешен началник на Генералштабот на АРМ. Генералот Крстевски беше трет началник на ГШ на Армијата на Република Македонија во период од 22 јануари 1996 до 11 февруари 2000 година. Во времето на распадот на Југославија, тој бил на служба во Република Хрватска. Поради познатите настани што се случија во 1991 година, тој ја напушта ЈНА и се враќа во Република Македонија, каде се приклучува во процесот на формирањето на воените формации на единиците на АРМ. ###

Остани поврзан