• среда, 18 декември 2024
На денешен ден
28 јули 2020 (МИА) 1586.- Томас Хериот од Колумбија ги донесол првите компири во Англија. 1741.- Умрел италијанскиот композитор и виолински виртуоз Антонио Вивалди. Познати негови дела се „L' estro armonico“ и „Il cimento dell'armonia e dell'inventione“. 1804.- Роден е Лудвиг Фоербах, германски филозоф. Бил под влијание на Хегел, а потоа станал критичар на неговата филозофија. Од делата познати му се „Суштината на христијанството“, „Мисли за смртта на бесмртноста“, „Суштината на религијата“ и други. Умрел на 13 септмври 1872 година. 1821.- Аргентинскиот генерал Хозе Сан Мартин ја освоил Лима и прогласил независност на Перу, главно упориште на шпанските власти во Латинска Америка. Перу била шпанска колонија од 1531 година. Овој ден се слави како ден на независноста на Перу. 1904.- На Селечка Планина, во близина на селото Селце, Прилепско, во борба против османлиската војска загинал Никола Каранџулов, македонски револуционер, војвода и учител. Роден бил во Прилеп, во 1880 година. 1914.- Почнала Првата светска војна. По атентатот (на 23 јули 1914 година) извршен врз војводата Фердинанд во Сараево, владата на Австро-Унгарија ја обвинила Србија како причинител за атентатот и упатила ултиматум кој бил отфрлен. Тоа било повод Австро-Унгарија да и објави војна на Србија, три дена подоцна Германија и објавила војна на Русија, а на 3 август на Франција. 1937.- Јапонците ја окупирале кинеската престолнина Пекинг. 1945.- Во Скопје излегол првиот број на весникот „Трудбеник“, орган на Земскиот одбор на Единствените синдикати на Македонија. Весникот излегувал еднаш неделно. 1976.- Во земјотресот што го погодил кинескиот град Тангшан загинале најмалку 242.000 луѓе. 1996.- Во Белград умрел д-р Ставре Нолчев, доктор на медицински науки и доцент на Медицинскиот факултет во Скопје, специјалист по пневмофитизиологија. Роден бил во Кочани, на 20 април 1949 година. 2004.- Во самоубиствен напад во ирачкиот град Бакуба загинаа најмалку 68 лица. 2019.- Актерот Гоце Влахов, член на ансамблот на Македонскиот народен театар (МНТ), почина во Скопје, на 70-годишна возраст. Од 1980 година до пензионирањето Влахов е дел од Македонскиот народен театар – Скопје, иако остварува бројни улоги на оваа сцена од 1972 година. Гоце Влахов ќе остане запаметен по вештината со која го создаде секој лик карактеристичен, секогаш сигурен во играта и страста кон театарот и претставата. Таа константност на играта му обезбедува важно место, место за паметење, велат од Македонскиот народен театар. Првата улога на сцената на Македонски народен театар Гоце Влахов ја остварува во 1972 година во претставата „Крал Лир“, а потоа се редат и „Хелдерлин“ (1973), „Сезона на шампионите“ (1975) и „Славата и смртта на Хоаким Муриета“ (1975). Во селективната театрографија ќе ги спомнеме и претставите „Милион маченици“ (1980), „Војна и мир во Груда“ (1981), „Остен“, „По претставата“(1981), „Габи“ (1982), Макавејските празници“, „Свирач на покрив“ (1983), „Воена тајна“, „Погрижи се за Амелија“ (1984), „Среќна нова 1949“, „Рамна земја“ (1985), „Тартиф“, „Гуштерица“ (1986), „Мрестење на краповите“, „Дон Кихот“ (1987), „Рави“ (1989), „Галеб“, „Посета на старата дама“ (1990), „Зора на истокот“ (1991), „МКС“ (1995), „Гроф Миливој“ (2001), „„Болва в уво“ (2007) и последната „Троил и Кресида“ (2010). Остварува главни улоги во филмовите „Чекор пред времето“ (2003) и „Андер“ (2004), а игра и во филмовите „Македонски дел од пеколот“ (1971), „Јад“ (1975), „Оловна бригада“ (1980), „Сенки“ (2007) и „Мајки“ (2010). Учествуваше и во снимањето на познатата телевизиска серија „Македонски приказни“ (од 1986 до 2012) и во ТВ серијата „Тврдокорни“. ###

Остани поврзан