• вторник, 12 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден
2 мај 2020 (МИА)  1860.- Роден е еврејскиот писател Теодор Херцл, основач и теоретичар на модерниот ционизам, кој се залагаше за основање еврејска држава во Палестина и го разработи концептот на таа држава. Тој во 1897 година бил избран за прв претседател на Светската ционистичка организација. Негови познати дела се „Еврејска држава“, „Стара Нова земја“ и други. 1903.- Во селото Смилево, Демирхисарско, почнал Смилевскиот конгрес на Битолскиот револуционерен округ на ТМРО. За претседател на Конгресот бил избран Даме Груев. Мнозинството на Конгресот се изјасни за кревање востание. 1933.- Германскиот канцелар Адолф Хитлер ги укинал синдикатите. 1949.- Во Струмица бил формиран Народниот театар „Антон Панов“. Во театарот била изведена првата претстава "Бегалка" од македонскиот писател Васил Иљоски. 1960.– Во Валандово е роден Ѓорге Иванов,  претседател на Република Македонија, избран на претседателските избори во 2009. На функцијата стапил на 12 мај 2009, а за втор мандат бил избран во 2014 година. Претходно бил професор по право и политикологија на Правниот факултет „Јустинијан I“ во Скопје. За време на претседателските избори во 2009, Иванов добил поддршка од повеќемина јавни личности од академската, политичката, културната и спортската фела. На неговата прва инаугурација присуствувале претседателите на Србија, Хрватска, Албанија и Црна Гора. Во 2014 освоил втор претседателски мандат, но не бил признат од СДСМ поради обвинувања за изборен фалсификат и од ДУИ поради немање поддршка од Албанците во Македонија. За време на вториот мандат ги заладил односите со ЕУ и Германија, обвинувајќи ги за неажурност во справувањето со европската мигрантска криза. Во политички кризните години од 2014 до 2017 се застапува за принципиелна одбрана на уставниот поредок, унитарноста и милтикуртурализмот на Република Македонија. Континуирано и неотстапно во меѓународни рамки настапува во одбрана на уставното име на Република Македонија и во одбрана на историските идентитетски придобивки на македонскиот народ.   1967.- Лабуристичката Влада на Харолд Вилсон побарала членство на Велика Британија во Европската економска заедница, завршувајќи ја долгата дебата за тоа дали Лондон треба да и пристапи на таа групација. 1994.- Нелсон Мандела и неговиот Африкански национален конгрес ги освоиле првите парламентарни избори во Јужна Африка, на кои првпат во историјата на оваа земја право на глас имале сите граѓани независно на нивната раса. 2002.- Русија го спуштила знамето во Кам Ран, поморска и воздухопловна база на јужниот дел на Виетнам, напуштајќи ја последната база во странство по завршувањето на студената војна. 2011.- Во Пакистан бил убиен најбараниот терорист на светот, лидерот на Ал Каеда Осама бин Ладен. Американскиот претседател Барак Обама рано изутрината по средноевропско време изјавил дека мала група Американци го убила Бин Ладен во еден објект во Пакистан и како доказ го имаат неговото тело. Пакистански официјални претставници соопштиле дека Бин Ладен бил убиен во напад на четири хеликоптери во квартот Билал во Аботабад, град кој се наоѓа на околу 100 километри североисточно од Исламабад. Официјални претставници во Пешевар изјавиле дека заедничката операција ја извршиле Централната разузнавачка агенција (ЦИА) и пакистанските безбедносни служби. Телото на лидерот на терористичката организација Ал Каеда, Осама бин Ладен, било „погребано“ на непознато место во море. 2015.- На 89-годишна возраст починала светски познатата балерина Маја Плисецкаја. Плисецкаја била родена на 20 ноември 1925 година и таа е една од двете балерини на Советскиот Сојуз која ја добила титулата „Prima ballerina assoluta“. Таа првпат влегла во Бољшој театар во 1943 година, каде веднаш се покажала како една од најдобрите балерини на својата генерација. Танцувала околу 50 години во овој театар, многу подолго од предвидената возраст, на која обично се пензионираат руските балерини. 2015.- Сопругата на британскиот принц Вилијам, Кејт Миделтон родила ќерка. Девојчето било тешко 3,7 килограми, а на породувањето во лондонската болница „Сент Мери“ присуствувал и принцот Вилијам. ###

Остани поврзан