• петок, 08 ноември 2024
На денешен ден
15 април 2022 (МИА)   - Денеска е Светски ден на правата на потрошувачите 1452.- Во Винчи, кај Емполи, во Тоскана, е роден Леонардо да Винчи, познат италијански сликар, скулптор, архитект, пронаоѓач, научник и мислител. Тој е еден од најзначајните умови на ренесансата, соединувајќи го средновековното енциклопедиско знаење со егзактниот модерен метод на забележување. Тој насликал релативно мал број слики од кои најпознати се „Богородица во пештера“, „Света Ана“, „Тајната вечера“ и „Мона Лиза“, слика поради која станал медиумски јунак на модерното време. Да Винчи многу се интересирал за природните науки - физиката, астрономијата и хемијата. Умрел во дворецот Кло кај Амбус, во Франција, на 2 мај 1519 година. 1764.- Умрел Жан Антоанет Поасон, маркиза од Пампадур, исклучително влијателна љубовница на францускиот крал Луј Четиринаесетти. Од 1754 година силно влијаела на државната политика. Таа го натерала францускиот крал да влезе во Седумгодишната војна во која Франција го изгубила колонијалното царство, но придонесла во развојот на француската култура помагајќи им на енциклопедистите, филозофите и уметниците. 1765.- Во Санкт Петербург умрел Михаил Василевич Ломоносов, руски научник, писател, академик и енциклопедист од светска класа. Значајни се неговите откритија од областа на физиката и хемијата. Тој го формулирал законот за неуништливоста на материјата, ја објаснил појавата на согорување и создал научна теорија за светлината. Се занимавал и со лингвистика и бил создавач на првата руска граматика. Пишувал драми („Тамара и Селим“, „Демофонт“), оди и беседи. Роден бил во селото Мишанинско, на 19 ноември 1711 година. 1843.- Роден е американскиот писател Хенри Џемјс. Пред крајот на животот, во 1915 година станал британски државјанин. Дела: романите „Родерик Хадсон“, „Американец“, „Дејзи Милер“, „Бостонци“, „Гулабови крилја“, „Амбасадори“. 1888.- Умрел англискиот писател и литературен критичар Метју Арнолд, значаен естетичар, професор на Оксфорд. Дела: збирка песни „Песни“, „Нови песни“, есеите „Култура и анархија“, „Критички есеи“. 1923.- Инсулинот, кој го открил канадскиот лекар Фредерик Бантинг им станал достапен на пациентите заболени од дотогаш неизлечливата шеќерна болест. 1931.- Во Ќустендил умрел Андон Тошев Стојанов, познат како Дончо Штипјанчето, македонски револуционер, курир на Гоце Делчев и приврзаник на Македонската револуционерна организација. Роден бил во селото Ерџелија, Штипско, во 1867 година. 1945.- Британските трупи во Втората светска војна го ослободиле германскиот концентрационен логор Берген-Белзен. 1952.- Њујоршката „Френклин банка“ станала прва банка која издала кредитна картичка. 1968.- Двата советски сателита „Космос 212“ и „Космос 213“ без човечки екипаж се споиле во орбитата околу Земјата. 1980.- Умрел францускиот филозоф и писател Жан Пол Сартр, еден од творците на филозофијата на егзистенцијализмот, кој во 1964 година ја добил Нобеловата награда за литература. Дела: филозофските списи „Имагинарно“, „Егзистенцијализмот е хуманизам“, „Критика на дијалектичкиот ум“, романите - „Мачнина“, „Патишта на слободите“, драмите - „Нечисти раце“, „Зад затворени врати“. 1980.- Во Охрид умрел Ванчо Николески, македонски писател за деца и млади. Од 1950 година бил член на Друштвото на писателите на Македонија. Автор е на прославената стихозбирка „Македонче“, објавена во 1946 година, со која беа поставени темелите на современата македонска книжевност за деца. Познати негови дела се „Школско ѕвонче“, „Крај огништето“, „Прва радост“, „Чудотворен кавал“, „Волшебното самарче“. Роден бил во селото Црвена Вода, Охридско, на 10 јуни 1912 година. 1989.- При уривање на трибина на фудбалскиот стадион „Хилсбороу“ во англискиот град Шефилд загинале 108 лица, а повеќе од 200 биле повредени. Несреќата се случила бидејќи на веќе преполнетиот стадион биле пуштени нови илјада навивачи. 1990.- Во Њујорк умрела Грета Гарбо (Грета Луиза Густафон), шведска актерка, една од најголемите легенди на Холивуд. Таа играла во филмовите „Бакнеж“, „Мата Хари“, „Ана Кристи“, „Кралицата Кристина“, „Дамата со камелии“, „Марија Валевска“ и други. Родена била во 1905 година. 1992.- Во Скопје умрел Александар Матковски, прв доктор на историски науки од Македонија и прв историчар-ориенталист. Роден бил во Крушево, на 30 мај 1922 година. 1992.- Во касарните во Скопје, Битола, Штип и Охрид пристигнале првите регрути од регуларниот состав на Армијата на Република Македонија. 1997.- Во Скопје умрел д-р Иван Пухан, еден од основачите на Правниот факултет во Скопје. Роден бил во 1916 година. 2005.- Во пожар кој избувнал во центарот на Париз во еден хотел за имигранти животот го изгубиле 24 лица меѓу кои десет деца, а биле повредени околу 50. 2008.- Најмалку 80 луѓе загинале во Конго, при падот на патнички авион на приватна локална компанија, кој се урнал веднаш по полетувањето во Гома, на исток од таа земја. 2018.- Во Скопје, на 90-годишна возраст, почина поранешната првенка на Македонската опера, Павлина Апостолова-Богданова, која припаѓа на правата генерација оперски солисти кои ја формираа македонската оперска сцена и музичка култура. До нејзиното заминување во пензија, со изведби на 40-тина главни улоги и познати арии во речиси половина од дотогаш изведените оперски премиери во МОБ, со концертирања во земјата и странство, беше вреднуван и ценет вокал. Со својот сопруг Петре Богданов – Кочко, еден од основоположниците на Македонската опера, но и композитор, педагог и певец, Апостолова е вградена во темелите на современата македонската култура. Таа се здоби и со статус на истакнат македонски уметник. ###

Остани поврзан