• сабота, 23 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден
6 август 2021 (МИА) 1881.- Во Локфилд, Шкотска е роден Александар Флеминг, англиски микробиолог. Во 1928 година тој открил дека габите на мувлата го спречуваат развитокот на некои микроорганизми. Ова откритие Флеминг го нарече „пеницилин“, чија масовна примена започнала во 1942 година. За откритието, во 1945 година, Флеминг добил Нобелова награда за медицина и филозофија. Умрел во Лондон, на 11 март 1955 година. 1868.- Еквадор го погодил силен земјотрес при што загинале околу 40.000 луѓе. 1890.- Во њујоршкиот затвор „Обурн“, убиецот Вилијам Кемлер бил првиот човек во светот што бил погубен на електрична столица. 1900.- Во Битола, во т.н. „Поп-Ставрева афера“, османлиската власт го затворила, а потоа и го осудила на робија Даме Груев, еден од водачите на ТМРО. Поради револуционерната дејност во битолскиот затвор, Груев бил испратен во Подрум Кале, Мала Азија. Во 1903 година бил амнестиран, а потоа ја продолжил својата дејност. 1917.- Во Бриџпорт, во државата Конектикат, САД, бил роден Роберт Мичам, американски филмски актер. Умрел во Санта Барбара, на 30 јуни 1997 година. 1928.- Роден е Енди Ворхол, американски сликар, графичар, филмски работник, најзначен претставник на поп-артот во светот и култна личност од 60-ите години на 20. век. Бил менаџер и духовен водач на музичката група „Велвет андеграунд“. Автор е на сликата и графиките „Златната Мерилин“, „Петочна несреќа“, „Брилобокс“, „Облаци“, на филмовите „Јадење“, „Империја“, „Бакнеж“ и на други дела. Умрел на 22 февруари 1987 година. 1932.- Во Венеција, Италија, од 6 до 21 август се одржал првиот филмски фестивал во светот. 1940.- Со нападот на италијанските сили врз британска Сомалија почнала битката за Африка во Втората светска војна. Моќните италијански сили претпрпеле пораз и за кратко време била ослободена целата територија под контрола на Рим, вклучувајќи ја и Етиопија. 1944.- Во селото Рамно, Кумановско, Президиумот на АСНОМ донесол решение за формирање на осум поверенства при Президиумот на АСНОМ и за поделба на Македонија на области, околии и општини. 1945.- Соединетите Американски Држави ја фрлиле првата атомска бомба врз јапонскиот град Хирошима. 1962.- Јамајка стекнала независност после 300 години британско владеење. 1978.- Во Ватикан умрел поглаварот на Римокатоличката црква папата Павле Шести (Џовани Батиста Монтини). Папата Павле Шести за поглавар бил избран во 1963 година. Познат бил како голем борец за мир во светот, за соработка меѓу сите народи и за коегзистенција меѓу сите вери. Роден бил во Концезија, близу Бреша, во 1897 година. 1990.- Советот за безбедност на Обединетите нации едногласно изгласал Резолуција за забрана на трговијата со Ирак поради инвазијата на ирачките трупи на Кувајт. 1995.- Во Полињано, во близина на Бари, умрел Доменико Модуњо, еден од најпопуларните италијански музичари, пејач кој ја напишал и извел песната „Воларе“, познат хит од 1958 година. Роден бил во 1928 година. 1999.- Во Скопје умрел д-р Стеван Габер, професор на Правниот факултет во Скопје и истакнат научен работник во областа на државно-правната теорија и политикологија. Роден бил во Велес, во 1919 година. 2004.- Во Лос Анџелес умрел Рик Џејмс, американски пејач, текстописец и продуцент, една од најголемите фанк-ѕвезди во светот. Во 1981 година станал популарен со песната „Супер фрик“. Роден бил во 1948 година. 2016.- Скопје било погодено од невреме, составено од обилни врнежи на дожд кои предизвикале поплави на поголем број сообраќајници, прекини во снабдувањето со електрична енергија и голем број скршени и паднати дрвја. Силниот ветер достигнал брзина од 72 до 80 км/час. Бројот на загинати лица изнесувал 22, а едно 16-месечно девојче се водело за исчезнато. 2020.- Умре Трајко Петровски, прв доктор на науки од ромска припадност. Докторирал во 1997 година на катедрата по етнологија во Универзитетот во Загреб. Преку својата научно истражувачка дејност остави длабок впечаток во ромската антропологија, фолклористика, историја и јазик на Ромите како научник при Институт за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје. Во историјата останува како првиот доктор на науки од ромска припадност а неговите дела како важни историски ракописи. Кога во Македонија, ромскиот јазик беше во почетнички развој, Петровски го напишал првиот ромско македонски и македонско ромски речник во 1998 година. Автор е на Ромската Граматика во издание на асоцијацијата Романо Ило. Исто така, од неговиот ракопис сега за сега, учат ученици Роми во основното образование. Автор е на учебниците по предметот Јазик и култура на Ромите за трето, четврто и петто одделение. Од научно истражувачката дејност, значајни дела се каландераските обичаи на Ромите и етничките карактеристики на ромското население во Македонија. Во 2017 година ја издал и Историјата на Ромите во Македонија и Балканот. Трајко Петровски е роден на 18 Мај 1952 година. ###

Остани поврзан