• недела, 17 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден
4 септември 2022 (МИА) 1669.- Венеција им го отстапи грчкиот остров Крит на Турците, не успевајќи да се одбрани од опсадата започната во 1648. 1768.- Роден е францускиот писател и дипломат Франсоа Рене Шатобријан, прекрасен стилист кој силно влијаеше на француската книжевност. По ранувањето во една од битките со приврзаниците на Француската револуција, во 1792 година емигрираше во Англија, каде остана до 1800 година. По враќањето на власт на династијата Бурбон во 1814 година, беше амбасадор и шеф на дипломатијата. Од политиката се повлече во 1830 година по Јулската револуција и падот на кралот Шарл Десетти. 1781.- Шпанските доселеници под името "Град на нашата кралица на ангелите" го основаа градот Лос Анџелес. 1809.- Роден е полскиот писател Јулиус Словацки, творец на полскиот романтичарски театар, мајстор на јазикот и формата. 1824.- Во Ансфелден кај Линц, Австрија, е роден Антон Брукнер, австриски композитор и свирач на оргули. Компонираше симфонии и црковна музика. Умре на 11 октомври 1896 година. 1837.- Во присуство на поголем број стручњаци, американскиот научник Самјуел Морзе со успех ја демонстрираше работата на својот телеграф. Кон средината на мај во 1844 година веќе беше воспоставена телеграфска врска меѓу Вашингтон и Балтимор, а набрзо телеграфот почнаа да го користат и европските земји. 1870.- Франција стана Република, со што заврши Второто царство на Наполеон Трети. 1886.- Апачкиот поглавар Џеронимо, еден од водачите на најголемите бунтовници на американските Индијанци против белите поробувачи, во Аризона му се предаде на американскиот генерал Нелсон Малс. 1903.- На Кајмакчалан, во борба против турската војска загина Манол Ризов, македонски револуционер. Учесник е во Илинденското востание и беше член на Костурското горско началство. Особено беше ценет сред македонските патријаршисти опфатени во редовите на ВМРО. Роден е во селото Бобишта, Костурско, во 1876 година. 1906.- Роден е американскиот биолог од германско потекло Макс Делбрик, добитник на Нобеловата награда за медицина во 1969 година. Делбрик даде значителен придонес  во истражувањето на генетските структури на вирусот. 1907.- Умре норвешкиот композитор, пијанист и диригент Едвард Хагеруп Григ. Инспириран од националниот фолклор ја афирмира норвешката музика во светот. 1929.- Германскиот "Гроф Цепелин" го заврши патувањето околу светот. 1944.- Советскиот Сојуз и објави војна на Бугарија која беше сојузник на фашистичка Германија. Три дена подоцна, трупите на маршал Толбукин ги започнаа операциите на Добруџа. 1951.- Умре Луј Адамич, американски писател од словенечко потекло. Во своите дела го опишува пред се животот на иселениците во САД. Познати негови дела се "Смеа во џунглата", "Враќање во татковината", "Лулка на животот", "Динамит" и други. Роден е на 21 март 1898 година. 1963.- Во Париз умре Жорж Брак, француски сликар, еден од основачите и главен претставник на кубизмот. Сликаше мртва природа, пејзажи и актови. Тој изврши големо влијание врз современото сликарство. Роден е на 13 мај 1882 година. 1963.- Умре францускиот државник и финансиски стручњак, Робер Шуман. Шуман во 1950 година го подготви "Шумановиот план" врз основа на кој во 1952 година е основана Европската заедница за јаглен и челик. Во неа членуваа Белгија, Холандија, Луксембург, Западна Германија, Италија и Франција. Беше министер за финансии во 1946, премиер од 1947 до 1948, а шеф на дипломатијата од 1948 до 1953 и министер за правда од 1955 до 1956 година. 1965.- Во Ламбаране, во Габон, умре Алберт Швајцер, познат француски хуманист, лекар, филозоф и музичар. Од 1913 година работеше како лекар-мисионер во организирањето на здравствената служба во екваторијална Африка. Во 1952 година ја доби Нобеловата награда за мир. Роден е во Крајзерберг, на 14 јануари 1875 година. 1970.- Сенаторот Салвадор Алјенде, социјалист по политичка припадност, победи на претседателските избори ви Чиле. Во Латинска Америка, првпат се случи еден револуционер по мирен пат, со избори, да дојде на власт. Против Алјенде наскоро се крена целата домашна опозиција, па во 1973 година, со помош на војската и на САД, во крвав пуч е соборен неговиот режим, општо прифатен од народот. 1974.- САД како последна западна земја воспостави дипломатски односи со Источна Германија. 1989.- Во Лозана, Швајцарија, умре Жорж Сименон, белгиски писател, "татко" на познатиот инспектор Мегре. Напиша повеќе од 500 книги, вклучувајќи ги и романите и автобиографските дела. Главен јунак во осумдесеттина негови книги е инспекторот Мегре за кој се снимени повеќе од 60 филмови. Роден е во 1903 година. 1991.- Умре Димче Стојанов (Димче Мире) учесник во националноослободителното движење, член на Президиумот на АСНОМ, претседател на Народното собрание на НР Македонија (1951-1955), директор на Архивот на Македонија (1960-1978), еден од основачите на архивистичката служба во Македонија. Роден е во Прилеп, на 10 октомври 1910 година. 1992.- Собранието на Република Македонија ја избра новата македонска коалициона влада. За нов премиер е избран Бранко Црвенковски. Тоа беше втора влада во повеќепартискиот систем на Република Македонија. 1992.- Поранешниот бугарски претседател Тодор Живков е осуден на седум години затвор под обвинение за проневера во државните фондови. 1995.- Под мотото "обединет Ерусалим е наш" Израел ја започна 15-месечната прослава по повод 3.000 години од прогласувањето за престолнина на еврејскиот народ од страна на кралот Давид. 1996.- Во Народната банка на Република Македонија се промовирани новите македонски пари, со нов дизајн, кои беа пуштени во оптек на 8 септември 1996 година. 1997.- Во експлозија на три бомби, кои во Ерусалим ги поставија исламски терористи, загинаа седум, а ранети беа безмалку 200 лица. 1998.- Меѓународниот трибунал во Хаг го осуди поранешниот премиер на Руанда, Жан Камбанду на доживотен затвор, под обвинение дека извршил геноцид врз племињата Тутси и Хути, извршен во 1994 година. 1999.- Во експлозија во петкатна станбена зграда во Бујанкс во руската автономна република Дагестан што ја подметнаа чеченски исламски терористи, загинаа најмалку 64 лица, повеќето жени и деца на руски офицери. 2002.- Според извештаите објавени во САД, финансиските загуби во Њујорк како последица од исламистичкиот терористички напад на градот од 11 септември, изнесуваа помеѓу 83 и 95 милијарди долари. 2006.- Умре Стив Ирвин, австралиски активист за заштита на природата. Во светот беше познат по снимените емисии за диви животни, првенствено крокодилите. Загина при снимање на документарен филм. 2006.- Успешно е изведено првото тестирање (со патници) на „Ербас“ супер-џамбо авионот А380, најголем комерцијален авион во светот. Авионот полета од аеродромот во Тулуз во јужна Франција. А380 може да превезе меѓу 550 и 800 патници, зависно од конфигурацијата и има домет од 15.000 километри. Неговата цена изнесува 228 милиони евра. 2007.- Ураганот Феликс кој го зафати карипскиот брег однесе најмалку 38 животи во Никарагва и девет во Мексико, а уште 200 луѓе се водат за исчезнати. Во невремето се урнаа повеќе од илјада куќи. Во Хондурас не се забележани жртви, но повеќе од 25.000 луѓе беа евакуирани. Претходниот голем ураган во Централна Америка - Мич во 1998 година однесе дури 10.000 животи. 2016.- Поглаварот на Римокатоличката црква, Папата Франциск на церемонија која се одржа на плоштадот „Св. Петар“ ја прогласи Мајка Тереза за Светица. На канонизацијата на Блажена Мајка Тереза присуствуваше македонска државна и црковна делегација, предводена од претседателот Ѓорге Иванов. Посебно место на свеченоста имаа Република Македонија, заедно со Република Албанија и Република Индија, како земји на нејзиното раѓање, потекло и мисија. 2018.- На 67 години во Бања Лука почина легендарниот боксер и поранешен југословенски репрезентативец Маријан Бенеш. Бенеш, роден во Белград, за Југославија имаше 272 победи во кариерата, покрај 16 порази и 11 нерешени меча и заедно со Мате Парлов се сметаат за најдобри југословенски боксери на сите времиња. На Европскиот боксерски шампионат во Белград во 1973 година, ја освои шампионската титула во лесна категорија. Истата година тој беше прогласен за најдобар спортист, а шест години подоцна и како професионалец, тој ја освои европската титула во Европската боксерска унија (ЕБУ). Бенеш се повлече од боксот во 1983 година, по што имаше само два ревијални меча. Беше член на Боксерскиот клуб Славија од Бања Лука. ###

Остани поврзан