• вторник, 19 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден
31 март 2021 (МИА) - Ден на македонското судство 1492.- Кралот Фернандо Петти Католички им дал на Евреите рок од три месеци да поминат во римокатоличка вера или да ја напуштат Шпанија. 1547.- Умрел францускиот крал Франсоа Први, кој со Болоњскиот конкордат во 1516 година обезбедил превласт на круната над римокатоличката црква во Франција. Од доаѓањето на престолот се обидел да стане римско-германски цар, што во 1519 година му успеало на неговиот ривал Карло Петти, против кого потоа водел четири војни. Бил заробен  во битката кај Павија во 1525 година, но успеал да се спаси и во 1536 година воспоставил сојуз со Отоманското царство против Хабзбурговците. Заслужен бил за развој на француската уметност и наука. 1596.- Во Хаг е роден Рене Декарт, француски филозоф, математичар и физичар. Неговото учење претставува основа на модерната филозофија и раскин со схоластиката. Напишал повеќе дела од кои најпознати се „Принципи на филозофијата“, „Расправа за методите“, „Медитации“, „Расправа за страстите на душата“ и „Правила за раководење со умот“. Како физичар се истакнал со трудовите од механиката и од оптиката, а неговото дело "Геометрија" отворило нова ера во математиката. Умрел во Стокхолм, на 11 февруари 1650 година. 1631.- Умрел англискиот писател Џон Дон. Тој е веројатно еден од најголемите писатели кој на англиски јазик напишал љубовни песни. Дела: елегии, сатири, епиграми, религиозни песни. 1732.- Роден е Франц Јозеф Хајдн, австриски композитор, кој го открил дотогаш неистраженото поле на народната музика, инспирирајќи се од германскиот, австрискиот, унгарскиот, францускиот и рускиот фолклор. Во извонредно големиот опус (104 симфонии, 83 гудачки квартети, повеќе од 20 опери), тој го усовршил изразот на симфониското музицирање. Умрел во Виена, на 31 мај 1809 година. 1823.- Во Москва е роден Александар Николаевич Островски, руски драмски писател, автор на педесетина драмски дела што ја претставуваат основата на рускиот класичен драмски репертоар. Меѓу најпознатите негови дела се „Бура“, „Мома без мираз“, „Шума“, „Свои сме, „Ќе се разбереме“, „Волци и овци“ и други дела. Умрел во Шчеликово, на 2 јуни 1886 година. 1837.- Умрел англискиот сликар Џон Канстебл, еден од творците на модерниот пејзаж во европското сликарство. Неговите платна се одликуваат со едноставни мотиви, слободни потези и прозрачност на атмосферата, со што значително влијаело на француските импресионисти. 1855.- Умрела англиската писателка со ирско потекло Шарлота Бронте, која се прославила веќе со првиот роман „Џејн Ејр“. Со помладите сестри Емили и Ана напишала збирки песни. Нејзини познати дела се и „Вилета“ и „Професорот и Ема“. 1875.- Во Врање е роден Борисав - Бора Станковиќ, еден од најголемите српски прозаисти, романописец и драмски писател. Најпознати негови дела се романот „Нечиста крв“, драмите „Ташана“ и „Коштана“ и расказите „Стари денови“. Умрел во Белград, на 22 октомври 1927 година. 1889.- Во Париз свечено била отворена за посетителите Ајфеловата кула, челична гигантска градба висока 320 метри. Кулата изградена по повод Светската изложба ја конструирал францускиот инженер Александар Густав Ајфел. 1917.- САД и Данска ги презеле Западноиндиските острови во Карипското Море, источно од Порторико и ги нарекле Девствени острови, кои по отворањето на Панамскиот канал во 1914 година, станале стратешки важни. Договорот за купување на овие острови за 25 милиони долари е склучен во август 1916 година. Под Велика Британија биле шест поголеми и 25 мали острови во архипелагот, а под Данска три поголеми и 50 помали. 1945.- Президиумот на АСНОМ донесол Повелба за устројството на редовните народни судови на Федерална Македонија. 1948.- Американскиот конгрес во усвоил Маршаловиот план за четиригодишна помош на европските земји по Втората светска војна, наречен според творецот на планот, државниот секретар генералот Џорџ Маршал. Владата на САД во рамките на овој план на западноевропските земји им доделила 15 милијарди долари. 1948.- Умрел чешкиот писател и новинар од еврејско потекло Егон Ервин Киш, татко на модерното новинарство. Бил мајстор за репортажи, познат по прекарот „Летечки репортер“, а така гласел и насловот на една негова книга. Дела: „Цареви, попови, бољшевици“, „Откритија во Мексико“, „Тајна Кина“, „Летечки репортер“. 1980.- Умрел американскиот атлетичар со африканско потекло Џеси Овенс, еден од најголемите спортисти на 20 век, кој освоил четири златни медали на Олимписките игри во Берлин во 1936 година. Со победите на 100 и 200 метри, со штафетата 4х100 метри и со скокот во далечина го избезумил нацистичкиот водач Адолф Хитлер, кој не можел да ги поднесе таквите успеси на еден Црнец над припадниците на „повисоката раса“ и ја напуштил почесната ложа за да избегне да се поздрави со него. 1987.- Во Скопје умрел прота-ставрофор Антим Поповски. Во НОВ на Македонија како свештеник извршувал многу одговорни задачи, а во септември 1943 година станал и член на поширокиот состав на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија. Во 1943 година бил избран за прв архиерејски намесник на слободната територија, а директно учествувал и во донесувањето на одлуката за обновување на Охридската архиепископија и за организирање на Македонската православна црква. Роден бил во селото Слатино, Охридско, во 1900 година. 1991.- Првите повеќепартиски избори во Албанија ги добиле комунистите, но опозицијата победила во Тирана и во останатите поголеми градови. 1993.- Излезена е доплатна поштенска марка „Република Македонија – Цвеќе на мирот“ што ја издал Црвениот крст на Република Македонија од авторот Живко А. Поповски, со дизајнот на Нико П. Този. Марката била издадена осум дена пред приемот на Република Македонија во Обединетите нации. Инаку, оваа доплатна марка била донесена со посебен закон на Собранието на Република Македонија. 2001.- Во Холандија се венчале четири двојки хомосексуалци врз основа на новиот холандски закон со кој тоа било дозволено. 2005.- Принцот Алберт од Монако, како регент, ја презел должноста на својот тешко заболен татко, принцот Рение Трети. 2008.- Умрел американскиот филмски режисер Жил Дасен. Создавал филмови со криминалистички жанр. Во почетокот на 20-ите години од 20. век, во време на макартистичката антикомунистичка кампања, бил обвинет за антиамериканско дејствување, со што му било оневозможено да работи во САД поради што се преселил во Европа и снимал во Франција и Грција. Филмови: „Наци агент“, „Брутална сила“, „Голиот град“, „Рифифи“, „Оној кој мора да умре“, „Закон“, „Никогаш во недела“, „Федра“, „Топкапи“. 2016.- На 87-годишна возраст умрел унгарскиот писател и добитник на Нобелова награда за книжевност Имре Кертес. Нобеловата награда за книжевност ја добил во 2002 година. Кертес имал еврејско потекло, а  во 1944 година бил депортиран во Аушвиц, а потоа во Бухенвалд, од каде бил ослободен во 1945 година. Негови дела се: „Човек без судбина“, „Иста приказна два расказа“, „Ликвидација“, „Досието на К. Кадиш за нероденото дете“, „Фијаско“ и многу други. ###

Остани поврзан