• сабота, 09 ноември 2024
На денешен ден
24 октомври 2021 (МИА)   1360.- Англискиот крал Едвард III и францускиот крал Жан II Добриот, англиски заробеник во битката кај Поатје во 1356 година, во Кале потпишале договор со кој била окончана првата фаза на Стогодишната војна. Францускиот монарх бил принуден на Англија да и отстапи некои француски територии, а Едвард III за возврат да се одрече од полагање права во францускиот престол. 1601.- Умрел данскиот астроном Тихо Брахе, кој подигнал опсерваторија на островот Хвен и речиси две децении ги набљудувал планетите, посебно Марс. Ја открил новата ѕвезда во соѕвездието Касиопеја. 1632.- Роден е холандскиот природонаучник Антони ван Левенхук, кој, иако по струка книжар, се бавел со микробиолошки истражувања и го открил дотогаш непознатиот свет на микроорганизмите. Ги создал првите едноставни микроскопи, но подоцна посветувајќи им се ним, конструирал околу 400 микроскопи. Резултатите од истражувањата на крвните садови, структурата на коските, мускулите, еритроцитите и сперматозоидите ги објавувал во изданијата на Лондонското кралско друштво чиј член бил. 1648.- Со Вестфалскиот мир кој го склучиле германскиот цар и владетелите на Франција и Шведска, завршила Тридецениската војна. Франција од Германија ги добила Алзас, Мец и Тул, Шведска ја добила речиси цела Померанија, а Германија останала поделена на голем број држави. Австрискиот цар и понатаму бил и германски цар, но со многу ограничени овластувања. Признати биле независноста на Швајцарија и на Холандија и била прогласена рамноправноста на римокатолиците и протестантите. 1697.- Австрискиот фелдмаршал Еуген Савојски со околу 8.500 војници продрел по долината на реката Босна во Сараево и го запалил градот. 1795.- Русија, Австрија и Прусија меѓу себе ја поделиле територијата на Полска. 1797.- Лима, главниот град на Перу, го разурнал земјотрес, при што загинале околу 5.000 луѓе. 1857.- Во Шефилд, Англија, формиран бил фудбалскиот клуб „Шефилд“. Тој е најстариот фудбалски клуб во светот. 1891.- Роден е доминиканскиот диктатор Рафаел Леонидас Трухиљо Молина, кој како американски штитеник, владеел со Домениканската Република од 1930 до 1961 година. Во мај 1961 година бил убиен од заседа во близина на Сиудад Трухиља. 1912.- Со победата на Првата српска армија под команда на Александар Караѓорѓевиќ над турската Вардарска армија на Зеки-паша, завршила дводневната Кумановска битка, клучна во Првата балканска војна. 1914.- Роден е Џонас Едвард Салк, американски микробиолог. Во 1955 година ја открил вакцината против детската парализа (полиомиелитис). Тој спасил милиони деца во светот заболени од детска парализа. Умрел во Ла Џола, Калифорнија, во САД, на 23 јуни 1955 година. 1915.- Роден е Тито Гоби, италијански оперски пејач, баритон. Настапувал на сите оперски сцени низ светот и оставил репертоар од над стотина улоги. Најголем успех постигнал со креациите на Риголето, Скарпија („Тоска“), Фалстав, Фигаро („Севилскиот бербер“) и Дон Џовани. Пеел и во повеќе музички филмови („Џузепе Верди“, „Палјачи“). Умре во 1984 година. 1918.- Сфаќајќи дека со распаѓањето на Австроунгарија целосниот пораз на централните сили е неизбежен, царот Карло побарал интервенција од Католичката црква за прекинување на војната. Меѓутоа, интервенцијата на Ватикан немала успех. Сојузниците продолжија со операцијата и ги натерале Австроунгарија и Германија на безусловна капитулација. 1932.- Во Скопје е роден Воислав (Војче) Синадиновски, македонски спортист, ракометар, гимнастичар, кошаркар, еден од пионерите на современата одбојка во Македонија. Умрел во Скопје, во 2000 година. 1945.- Стапила во сила Повелбата на Организацијата на Обединетите нации, која заедно со Статутот на Меѓународниот суд, претставува темелен документ за устројството и дејствувањето на оваа светска организација. Тој ден се слави како Ден на Организацијата на Обединетите нации. Република Македонија била примена за рамноправен член на Организацијата на Обединетите нации на 8 април 1993 година. 1945.- Во Осло бил стрелан водачот на норвешките нацисти и претседател на марионетската влада во Втората светска војна Видкун Квислинг, осуден претходно на смрт поради предавство, чие име во светот стана симбол на предавството. 1948.- Умрел австрискиот композитор Франц Лехар, најзначаен претставник на виенската опера во првата половина на 20. век. Дела: оперетата „Веселата вдовица“, „Грофот од Луксембург“. 1957.- Умрел францускиот моден креатор Кристијан Диор, еден од главните „модни диктатори“ во светот по Втората светска војна. 1964.- Британската африканска колонија Северна Родезија се стекнала со независност под името Република Замбија. Нејзин претседател бил Кенет Каунда. По акцијата за граѓанска непослушност, која во 1962 година ја организирала Обединетата национална партија за независност, предводена од Каунда, британската влада била принудена да донесе устав во Северна Родезија и потоа, по 73 години од колонијалната управа, да ја признае независноста. 1974.- Умрел рускиот виолинист и диригент Давид Фјордович Ојстрах, еден од најголемите мајстори на виолина во 20. век. Во родната Одеса го завршил конзерваториумот, во 1935 година се прославил со наградата на меѓународниот виолински натпревар во Варшава, а во 1937 година со наградата „Исај“ во Брисел. Бил професор на Московскиот конзерваториум и со голем успех настапувал ширум светот. 1990.- Во Тирана започна состанокот на министрите за надворешни работи на балканските земји на кој биле разгледани можностите за унапредувањето на соработката на Албанија со Бугарија, Грција, Југославија, Романија и Турција. Била создадена поволна атмосфера за развој на односите и решавање на споровите и проблемите на Балканот, но не бил постигнат конкретен договор. 1997.- На пет километри под површината на Индискиот Океан, нуркачите го пронашле американскиот брод кој носел 2.000 тони сребро, кое претседателот Рузвелт му го испратил на Сталин во 1944 година. Рузвелт сакал да им помогне на Русите во борбата против Хитлер, но планот пропаднал кога германскате подморници го потопиле бродот. Среброто во бродот било во вредност од најмалку 330 милиони долари. 2005.- Умрела афроамериканката Роза Паркс, прва црнкиња која во 1955 година се осудила да ги прекрши тогашните расни закони на југот од САД, во сојузната држава Алабама, одбивајќи на белец да му отстапи место во автобус. Тоа довело до основање на движењето за црнечки права во Америка. 2014.- Директорот на Гугл, Ален Јустас, скокнал од работ на вселената и го пробил звучниот ѕид и со тоа го соборил рекордот од 39.044 метри што пред две години го поставил Феликс Баумгартнер. Јустас (57) во апсолутна тајност скокнал од височина погтолема од речиси 42 километри и поставил нов рекорд. Јустас носел специјално дизајниран скафандер. Подготовките за овој потфат траеле 34 месеци. 2020.- На 64-годишна возраст почина поранешниот пратеник и политичар, Амди Бајрам. Тој беше долги години претседател на партијата Сојуз на Ромите.   ###

Остани поврзан