• сабота, 23 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден
27 мај 2020 (МИА) - Ден на македонското електростопанство 1525.- Убиен бил Томас Минцер, германски теолог и револуционер. Бил застапник на интересите на сиромашните селани и на другите сиромашни слоеви. Го водел востанието на рударите и сиромашните занаетчии во 1521 година, а бил и еден од најборбените водачи на германско-селската војна во 1524-1525 година. По поразот на селската војска бил заробен и по тешко мачење убиен. Роден бил во 1468 година. 1564.- Во Женева умрел Жан Калвин, верски реформатор, основач на калвинистичката протестантска црква, по потекло од јужна Франција. Калвинскиот протестантизам се разликува од лутеранскиот по тоа што бил целосно во служба на тогаш младата и револуционерна буржоазија. Следбениците на Калвинското учење во Франција биле хугенотите, а во Англија пуританците. Роден бил на 10 јули 1509 година. 1679.- Англискиот парламент го усвоил „Habeas Corpus Act“, закон со кој ги заштитува граѓаните од незаконското апсење. Основните принципи од тој закон подоцна се вградени и во уставот на САД. 1703.- Рускиот цар Петар Велики ја основал новата престолнина на Русија на устието на реката Нева во Балтичкото Море. Иако многумина предвидувале пропаѓање на овој потфат, Санкт Петербург станал голем и модерен град, а престолнина на Русија беше до 1918 година. По избувнувањето на Првата светска војна, градот во 1914 година беше преименуван во Петроград. Болшевиците во 1924 година, по Октомвриската револуција, го преименуваа во Ленинград, а во 1991 година по спроведениот референдум во кој беа понудени сите три можности, беше вратено старото име - Санкт Петербург. 1799.- Роден е Жан Халеви, француски композитор. Компонирал голем број опери, од кои најпозната му е „Еврејка“. Умрел во Ница, во 1862 година. 1806.- Стравувајќи од Русија да не биде запоседнат, Дубровник без отпор им се предал на француските трупи. Француски одред од околу 1.200 војници под водство на генералот Луристон ги отстранил официјалните луѓе на Републиката која во 1808 година била и формално укината. По падот на Наполеон и Виенскиот конгрес во 1815 година градот бил припоен кон Австрија. Во 1918 година бил ослободен и припоен во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, а во 1991 година кога се распаднала Југославија тој останал во Хрватска. 1840.- Во Ница умрел Николо Паганини, италијански композитор и виолинист. Компонирал виолински концерти, сонати, камерна музика и познатите каприча на соло-виолина. Роден бил во Ѓенова, на 27 октомври 1782 година. 1860.- Италијанските патриоти под водство на Џузепе Гарибалди се истовариле на Сицилија и го зазеле Палермо. 1868.- Роден е српскиот писател Алекса Шантиќ, автор на антологиските песни „Останете тука“, „Емина“. Пишувал и драмски текстови, а преведувал од германски и чешки.  Дела: драмите „Хасанагиница“, „Во магла“, „Ангелија“. 1878.- Родена е Исидора Данкан, позната северноамериканска балерина, сопруга на рускиот поет Сергеј Есенин. Умрела во Ница во 1927 година. 1903.- Во Солун започнал судскиот процес против учесниците во солунските атентати. Турската власт формирала специјален воен суд, кој им изрекол пресуда  на околу 300 лица. Четворицата атентатори што биле фатени: Павел Шатев, Марко Бошњаков, Георги Богданов и Милан Арсов, биле осудени на смрт. За 266 лица судот се искажал дека не е компетентен да им суди и биле ослободени, еден дел бил осуден на затвор од пет до сто и една година. Смртната казна на четворицата атентатори им била заменета со доживотен затвор. По неколку месеци затворениците биле испратени на робија во разни затвори во Азија и во Африка, каде што Марко Бошњаков и Милан Арсов умреле, а Павел Шатев и Георги Богданов биле амнестирани и ослободени во Хуриетот во 1908 година. 1910.- Во Баден Баден умрел Роберт Кох, германски бактериолог. Во 1905 година ја добил Нобеловата награда за физиологија или медицина за истражувањата и откритијата поврзани со туберкулозата. Роден бил во Клаустал, на 11 декември 1843 година. 1923.- Роден е американскиот дипломат Хенри Кисинџер, државен секретар на САД за надворешни работи од 1973 до 1977 година, добитник на Нобеловата награда за мир во 1973 годна. Кисинџер е еден од најзначајните шефови на американската дипломатија во 20 век. 1937.- По повеќе од четири години градење, во Сан Франциско бил пуштен во сообраќај „Голден Гејт“, еден од најголемите мостови во светот, кој стана симбол на овој американски град. 1957.- Пуштен бил во погон првиот агрегат на ХЕЦ „Вруток“. 1964.- Во Њу Делхи умрел Џаварахал Нехру, државник кој бил симбол на нова Индија. Со децении се борел за независноста на земјата и стекнал голем меѓународен углед. Роден бил на 14 ноември 1889 година. 1994.- Рускиот писател Александар Солжењицин се вратил во татковината по две децении во егзил. 1996.- Република Македонија и Обединетите Арапски Емирати воспоставиле дипломатски односи на ниво на амбасадори. 2005.- Во семејната вила „Ла Мандрија“ во предградието на Торино, умрел Амберто Ањели, претседател на автомобилската индустрија „Фиат“ во Италија. Роден бил во 1935 година. ###  

Остани поврзан