• вторник, 24 декември 2024
На денешен ден
26 мај 2021 (МИА)   735.- Умрел Свети Бид, монах, црковен историчар, литерат, автор на првата историја на Британија. Неговата „Црковна историја на англискиот народ“ ("Historia Ecclesiastica Gentis Anglorum"), е напишана на латински јазик и претставува најважен извор на англосаксонската историја меѓу првиот и шестиот век. Пишувал и на англиски јазик, посебно песни, но сочувана е само „Посмртна песна“. 1623.- Роден е англискиот економист Вилијам Пети, творец на теоријата на работните вредности кој, според Карл Маркс, ги поставил темелите на политичката економија како наука. Дела: „Нешто за парите“, „Политичка анатомија на Ирска“, „Политичка аритметика“. 1822.- Роден е францускиот писател Едмон Луј Антоан де Гонкур, творец на натурализмот и импресионизмот во француската литература. Дела: „Сестра Филомена“, „Жермини Ласерте“, студијата „Интимни портрети на 18 век“, „Уметноста во 18 век“. 1851.- Во Лондон почнал првиот модерен меѓународен шаховски турнир, кој на 15 јули 1851 година во конкуренција на 16 играчи, завршил со триумф на германскиот мајстор Адолф Андерсен. 1876.- Умрел чешкиот историчар и политичар Франтишек Палацки, водач на чешката преродба во 19 век. Бил еден од основачите на „Чешката матица“, уредник на весникот „Чешки музеи“. Дела: „Историја на чешкиот народ“, „Почетоците на чешката поезија“. 1882.- Германскиот бактериолог Роберт Кох (1843-1910) на собирот на берлинските лекари соопштил дека го открил бацилот што ја предизвикува туберкулозата и оти пронашол лек за оваа болест - тубекулин. Кох го открил и причинителот на колерата од која во минатите столетија умирале десетици илјади луѓе во светот. За овој труд во 1905 година ја добил Нобеловата награда за медицина. 1905.- Во Велес е роден Стеван Гајдов, македонски композитор и музички педагог, еден од организаторите на музичкиот живот во Македонија по 1945 година. Заслужен бил за ширењето на хорскиот аматеризам. Како композитор е познат по обработката и стилизацијата на народните песни („Леле Јано“, „Гора и јунак“, „Ти синче“, „Петлите пеат“ и други) по творбите „Гудачки квартет во це-мол“, „Кончертино“ и други. Автор е на петнаесетина учебници за средно образование. Умрел во Охрид, на 17 јуни 1992 година. 1907.- Во Вонтерсет е роден Џон Вејн, американски актер, режисер и продуцент. Умрел во Лос Анџелес, на 11 јуни 1979 година. 1940.- Армада од 800 бродови се собрала пред француското пристаниште Денкерк за да ја изврши операцијата „Динамо“ за спасување на британските и француските единици по неочекуваниот пробив на германските тенковски единици низ Франција до Ламанш. 1942.- Во Лондон бил потпишан британско-советскиот договор за целосна соработка меѓу двете земји во Втората светска војна и после војната. 1954.- Во Египет бил откриен погребниот кораб на фараонот Кеопс. 1972.- Во Москва бил потпишан договор меѓу САД и Советскиот Сојуз за ограничување на стратегиското нуклеарно вооружување. 1976.- Умрел германскиот филозоф Мартин Хајдегер, еден од најзначајните мислители во 20 век, професор на универзитетот во Фрајбург. Дела: „Кант и проблемот метафизика“. „Вовед во метафизиката“, „Што е метафизиката“, „Што е филозофијата“, „Шумски патеки“. 1978.- Умрела руската балерина Тамара Платоновна Карсавина, една од најголемите балерини во класичниот балет во првата половина на 20 век. Запаметена е по прекрасните улоги во балетите „Шехерезада“ и „Фантастичен дуќан“. 1986.- Во Скопје умрел Јордан Грабуловски, академски скулптор, еден од најистакнатите македонски уметници, познат по своите дела не само во земјата туку и во странство. Неговите уметнички реализации, проткаени со мотиви од социјална тематика, тематиката од НОВ и тематиката од повоената изградба, се траен белег и потврда на неговиот творечки потенцијал. Од многубројните негови дела, со својата грандиозност посебно место зазема Споменикот посветен на Народноослободителната борба и Илинденското востание во Крушево, свечено откриен на 2 август 1974 година. Роден е во Прилеп, на 19 март 1925 година. 1991.- Австрискиот патнички авион „Боинг 767“, на компанијата на поранешниот автомобилски ас Ники Лауда, паднал на околу 160 километри северно од Банкок и никој од 223-те патници не преживеал. 1994.- Весникот на албански јазик "Флака е влазеримит" почнал да излегува како дневен весник. 2006.- Германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин, со огромен ласерски спектакл, ја отворила најмодерната европска железничка станица, изградена главно од стакло. Изградбата на ова архитектонско чудо траела 11 години, а чини 700 милиони евра. Коловозот долг 450 метри, во правец исток-запад, е покриен со стаклена хала долга 321 метар, а во неа би можело да собере дури три „Ер бас“ авиони од типот А340. Станицата е проектирана за околу 300.000 патници и 1.100 возови дневно. 2011.- Починал пензионираниот актер на Драмскиот театар во Скопје, Самоил Дуковски. Дуковски интензивно во својата актерска кариера одиграл над 85 улоги. Тој се занимавал и со пишување драмски текстови, а некои од нив биле изведени на театарските сцени.   ###

Остани поврзан