• сабота, 23 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден
3 јули 2022 (МИА) 1423.- Роден е францускиот крал Луј Единаесетти, кој во текот на владеењето од 1461 до смртта во 1483 година го окончал обединувањето на различните историски територии на Франција. 1642.- Умрела француската кралица од италијанско потекло Марија де Медичи, која по смртта на кралот Анри Четврти во 1610 година управувала со земјата како регентка заедно со синот Луј Тринаесетти. Се обидувала да го сузбие самоволието на високото племство, а кога не успеала во тоа наишла на поткрепа во парламентот кој го распуштила во 1614 година, со што собранието не се состанувало до Француската револуција во 1789 година. 1728.- Роден е шкотскиот архитект и декоратер Роберт Адам, еден од творците на неокласичниот стил во архитектурата. Проектирал многу јавни згради со исклучителна елеганција, посебно во Лондон, кои се одликуваат со карактеристичен воздушен и прозрачен стил, наречен по негово име. 1775.- Генералот Џорџ Вашингтон официјално ја презел командата над Континенталната армија (составена од жители-колонисти во 13 колонии) во Американската војна за независност од Велика Британија. 1849.- Француските трупи и покрај херојскиот отпор на Џузепе Гарибалди и на неговите борци влегле во Рим и на чело на Римокатоличката црква го вратиле папата Пие Деветти. 1854.- Роден е Леош Јаначек, чешки композитор. Најголемиот дел од животот го поминал во Брно, каде основал школа за оргули и работел на Конзерваториумот. Основен принцип на неговиот композиторски стил претставува примената на моралниот музички фолклор. Умрел на 12 август 1928 година. 1881.- Под притисок на Велика Британија, Османлиското цартво ја потпишало конвенцијата со Грција, со која Грција ги добила Тесалија и делови од Епир. 1883.- Во Прага бил роден Франц Кафка, чешки писател со еврејско потекло. Негови најпознати дела се романите: „Процес“, „Америка“, „Замок“ и расказите „Преобразба“, „Селски лекар“ и други. Умрел во Виена, на 3 јуни 1924 година. 1904.- Умре еврејскиот писател и публицист Теодор Херцл, основач и теоретичар на модерниот ционизам, кој силно се залагал за основање на еврејска држава во Палестина. Во 1897 година бил избран за прв претседател на Светската ционистичка организација. Дела: „Еврејска државата“, „Стара Нова земја“. 1908.- Со излегувањето во илегалност на команадантот на турскиот гарнизон во Ресен, Ахмед Нијази - беј, со неговите единици, почнала Младотурската револуција, бунт за воспоставување уставен режим во Турција. Носители биле претставници на турската буржоазија. Најсилен подем младотурското движење имало во Македонија. За десетина дена султанот бил сменет од власт и во Уставот биле внесени одредби кои значително ја ограничувале султанската власт, а младотурците влегле во владата. Кон младотурците се приклучиле и македонските револуционери на чело со Јане Сандански, Тодор Паница и Христо Чернопеев. 1927.- Роден е англискиот филмски режисер Кен Расел. Филмови: „Демони“, „Густав Малер“, „Томи“, „Валентино“. 1944.- Советската армија во Втората светска војна го ослободила главниот град на Белрусија - Минск при што заробила 100.000 германски војници. 1949.- Во Скопје, во Македонскиот народен театар била изведена премиерата на операта "Продадена невеста" од чешкиот композитор Беджик Сметана, а под диригенство на Трајко Прокопиев. 1962.- По 132 години француска колонијална власт, Алжир се здобил со целосна независност. 1969.- Брајан Џонс, еден од основачите на англиската рок група „Ролингстонс“, се удавил во својот базен под дејство на прекумерна количина на дрога. 1973.- Во Хелсинки, финскиот претседател Урхо Кеконен, во присуство на тогашниот генерален секретар на ООН Курт Валдхајм, го отворил министерскиот состанок во рамките на подготовките на Конференцијата за безбедност и соработка во Европа. На собирот присуствувале министрите за надворешни работи на 35 европски земји (сите, освен Албанија), на САД и на Канада. 1984.- Завршил најголемиот штрајк во историјата на СР Германија. По седум недели 550.000 металски работници се вратиле на работа. Металците барале работна недела од 35 часа, а штрајкот заврши со компромис, 38,5 часовна работна недела и надница зголемена за 3,9 насто. 1987.- Во Франција на доживотен затвор поради злосторства и нечовештво бил осуден воениот злосторник во Втората светска војна Клаус Барби, нацист познат по прекарот „Касапот од Лион“. 1992.- На Попова Шапка бил осветен и поставен камен-темелникот на градбата на манастирскиот комплекс посветен на Свети Наум Охридски - Чудотворец. 1992.- Собранието на Република Македонија донесло Декларација со која го отфрлило делот на Декларацијата за поранешна Југославија на Европската заедница донесена во Лисабон на 27 јуни 1992 година, во која се условува името на Република Македонија. 1997.- Во Беверли Хилс умрел Џејмс Стјуарт, американски филмски актер, толкувач на улоги во разни жанрови. Роден бил во Индијана, на 20 мај 1908 година. 2001.- Во близина на караулата Танушевци - Кодра Фура, албанските терористи стрелале од заседа врз припадниците на АРМ. Притоа загинал војникот Фејзо Џеладиновски (роден во 1981 година) од селото Елово, Скопско. 2001.- Кај селото Радуша, Скопско, безбедносните сили на Република Македонија воделе една од најжестоките борби против албанските терористи. 2008.- Организацијата на Обединетите нации за храна и земјоделство (ФАО) објавила дека бројот на гладните во светот се искачил во текот на пртходните години на 50 милиони поради растот на цената на храната. Генералниот директор на ФАО Жак Дуив обелоденил дека резервите на жито во светот биле на најниското ниво за последните 30 години. ###

Остани поврзан