• недела, 24 ноември 2024
На денешен ден
22 август 2020 (МИА) 1642.- Во Англија почнала граѓанската војна меѓу приврзаниците на круната и Парламентот, по изјавата на кралот Чарлс Први Стјуард дека членовите на Парламентот се предавници. Војната завршила во 1645 година, со пораз на кралот, кој врз основа на пресудата на револуционерниот суд бил погубен во 1649 година. 1846.- САД го анектирале Ново Мексико. 1854.- Потпишана била Женевската конвенција за заштита на ранетите во војна. 1859.- Поради воените неуспеси, финансискиот крах на државата и отпорот на полициското репресивно движење на Хабзбуршката монархија, царот Франц Јозеф Први го сменил дотогаш семоќниот министер за внатрешни работи Александар Бах, со што завршила епохата во историјата позната како „Бахов апсолутизам“. 1862.- Во Сен Жермен-ан Леи е роден Клод Дебиси, прочуен француски композитор. Инспириран од симболизмот во поезијата и од импресионизмот во сликарството, тој создал нов стил во музиката, импресионизмот. Неговото дело, засновано врз природната непосредност во изразувањето ја потиснала Вагнеровата доминација и ги ставил темелите на модерната музика. Дела: „Араберска“, „Бергамска свита“, „Детско катче“, „Естампе“, „Слики“, „Ноктурно“, „Море“, „Пет Бодлерови песни“, „Заборавени ариети“, „Галантни свечености“, „Пелеас и Мелисанда“, камерна музика. Умрел во Париз, на 25 март 1918 година. 1883.- Во Париз умрел Иван Сергеевич Тургенев, руски писател, еден од најзначајните претставници на рускиот реализам. Неговите дела извршиле големо влијание врз новелистиката. Најзначајните дела му се романите „Благородничко гнездо“, „Рудин“, „Татковци и деца“ и „Спроти новите дни“, драмата „Еден месец на село“ и други. Роден бил во Орел, на 28 октомври 1818 година. 1891.- Умре чешкиот писател Јан Неруда, кој одиграл важна улога во формирањето на чешкиот реализам во борбата против малодушните сонародници кои биле под германското културно влијание. Дела: збирките раскази „Арабеска“, „Железнички работници“, збирките песни „Прости мотиви“, „Вселенски песни“, „Балади и романси“, „Песни на Велики петок“, есеите „Чешко општество“, „Литратура, театар, ликовна уметност и музика“, „Штетни насоки“, „Модерниот човек и уметноста“. 1911.- Прочуеното дело на Леонардо да Винчи, сликата „Мона Лиза“, била украдена од парискиот музеј во Лувр. Две години подоцна, сликата била пронајдена во Италија. 1923.- Во селото Сингелиќ, Скопско, е родена Вера Јоциќ, народен херој на Македонија. Била ранета во НОВ и умрела во селото Саса, Кривопаланечко, на 22 мај 1944 година. 1927.- Харвардскиот професор Филип Дринкер израборил апарат за вештачко дишење наречен челични гради. 1940.- По атентатот во Мексико умрел Лав Троцки, еден од водачите на Октомвриската социјалистичка револуција во Русија. Со тоа убиство дошла до израз разузнувачката моќ на сталинистичката политика, во која, во годините пред Втората светска војна, биле ликвидирани голем број вистински или потенцијални критичари. По разидувањето со Сталин, тој бил во бегство. Роден бил во Ивановка, на 7 ноември 1879 година. 1941.- Трупите на нацистичка Германија во Втората светска војна допреле до Ленинград (денешен Санкт Петербург) со што почнала битката за овој град, која завршила во јануари 1944 година со победа на советската армија. Иако во текот на опсадата и херојскиот отпор животот го дале околу 620.000 жители на градот, повеќето од глад, Ленинград не се предал. 1942.- Умрел рускиот балетски играч, кореограф и педагог Михаил Михаилович Фокин. Кореографии: „Шопенијана“, „Петрушка“, „Франческа да Римини“, „Шехерезада“, „Смртта на лебедот“. 1947.- Со одлука на Владата на Народна Република Македонија во Скопје било формирано специјализирано претпријатие за производство на филмови Вардар-филм. Својата дејност претпријатието ја започнало на 5 декември 1947 година. 1958.- Умрел францускиот писател Роже Мартен ди Гар, добитник на Нобеловата награда за литература во 1937 година. Дела: романите „Жан Боро“, „Семејството Тибо“, комедијата „Тестаментот на чичкото Леле“. 1986.- Во Истанбул умрел Џелал Бајар, претседател на Република Турција. По таткото на современа Турција - Кемал Ататурк и Исмет Инени, тој бил трет претседател на Република Турција. Роден бил во 1884 година. 1990.- Умре Александар Николовски - Џемо, долгогодишен новинар на Радио-Телевизија Скопје и на Нова Македонија, еден од основачите на Втората програма на Радио Скопје. Роден бил во 1931 година. 1996.- Конференцијата за разоружување во Женева, на која учествувале 61 држава, завршила без успех, бидејќи Индија го блокирала договорот за сеопфатната забрана на нуклераните проби. 2004.- Во оружен грабеж на музејот на сликарот Едвард Мунк во Осло, пред голем број посетители било украдено неговото најпознато платно „Крик“. 2006.- Загинаа 160 патници и 10 членови на екипажот кога се урнал рускиот патнички авион „Тупољев - 154“, 45 километри северно од Доњецк во Украина. Авионот летал на линијата од Анапе на Црно Море до Санкт Петербург. ###

Остани поврзан