• недела, 24 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден
2 ноември 2020 (МИА) 1687.- Во Отоманското царство, по буната, од власт е тргнат султанот Мухамед IV, а на негово место дошол помладиот брат Сулејман III. 1721.- По војните против Отоманското царство и Шведска со кои се зацврстила Русија на Црното Море и Балтикот, Петар Велики бил прогласен за цар на цела Русија. 1755.- Родена е француската кралица Марија Антоанета, сопруга на Луј XVI и ќерка на австриската царица Марија Терезија, која била крајно несакна по избувнувањето на Француската револуција во 1789 година. Припишана и е ироничната порака упатена кон гладниот народ: „Ако немате леб, јадете колачиња“. Под обвинение дека ја предала Фрација со тоа што била во врска со виенскиот двор, во 1793 година била погубена на гилотина. 1766.- Роден е австрискиот војсководец од унгарско потекло фелдмаршалот Јохан Јозеф Радецки, воен реформатор и национален херој кој повеќе од половина век во битките ги предводел австриските трупи. Учествувал во битките против францускиот цар Наполеон I во Италија и на Рајна и во гушењето на италијанските востанија против Австрија во 1830, 1831, 1848 и во 1849 година. По победите врз Италијанците во 1848 кај Кустоце и во 1849 година кај Навара, станал гувернер на Ломбардијско-венецијанската област. 1789.- Во Франција бил конфискуван целиот имот на римокатоличката црква. 1815.- Роден е англискиот математичар Џорџ Бул, најзначаен творец на современата математичка логика и „Булова алгебра“, клучно за развој на сметачите. Поради сиромаштија, завршил само основно училиште, но сам ги научил класичните јазици како и француски, германски и италијански. Врз основа на извршените математички задачи, во 1849 година бил поставен за професор по математика на колеџот во Корк, по што го напишал најзначајното дело „Истражување на законот за мислењата“. 1903.- На врвот Маргара, близу до селото Чаниште, Мариовско, се водела тешка борба меѓу четите на Ѓорче Петров, Лазар Поп Трајков, Иван Попов, Лука Иванов, Циле Кономладски и Јово Јовановиќ, од една, и турската војска, од друга страна. 1906.- Роден е Лукино Висконти, италијански филмски режисер, сценарист, еден од зачетниците на неореалистичката филмска школа. Познати се неговите филмови: „Земјата трепери“, „Роко и неговите браќа“, „Смрт во Венеција“, „Гепард“ и други. Умрел на 17 март 1976 година. 1911.- Роден е грчкиот писател Одисеј Алепуделис, познат како Одисеј Елитис, добитник на Нобеловата награда за литература во 1979 година, чија поезија се одликува со ретко лексичко богатство и чудесни метафори. Дела: збирка песни „Ориентација“, „Монограм“, есејот „Отворена книга“ и др. 1913.- Роден е американскиот актер Бартон Стивен Ланкастер, познат како Берт Ланкастер, кој како поранешен циркуски актер почнал со улоги во авантуристички филмови, но потоа ја потврдил и својата исклучителна актерка индивидуалност. Филмови: „Одовде до вечноста“, „Заробеникот од Алкатраз“, „Седум дена во мај“, „Воз“, „Гепард“, „Затворен семеен круг“, „Тетовирана ружа“ и други. 1938.- Унгарија ја анектирала јужна Словачка, искористувајќи ја инвазијата на сојузничката Гереманија на Чехословачка. 1944.- Централниот комитет на Бугарската работничка партија (комунисти) во писмо до генералниот секретар на Комунистичката партија на Југославија Јосип Броз Тито ја признал вината за фашистичките злодела направени во Југославија во Втората светска војна. 1950.- Во Хартфоршир умрел Џорџ Бернард Шо, британски писател, романсиер, музички и драмски критичар и автор на драми кои му носат репутација на најдуховниот драматург во 20. век. Негови најпознати дела се драмите: „Света Ивана“, „Занаетот на госпоѓа Ворен“, „Мајсторот Барбара“ и други дела. Во 1925 година ја добил Нобеловата награда за литература. Роден бил во Даблин, на 26 јули 1856 година. 1953.- Пакистанскиот парламент ја прогласил земјата со новото име Исламска Република Пакистан. 1964.- Во Саудиска Арабија од престолот бил симнат кралот Сауд, а за крал бил прогласен принцот Фејсал. 1971.- Умрел Михаил Илич Ром, еден од врвните руски и советски филмски режисери. Главни негови филмови се „Дунда“, „Ленин во октомври“, „Човек бр. 217“, „Тајна мисија“, „Адмиралот Ушаков“, „Обичен фашизам“ и други. Роден бил во 1901 година. 1976.- За претседател на САД бил избран Џими Картер, кандидатот на Демократската партија. 1978.- Двајца советски космонаути од вселенскиот брод „Саљут 6“ се вратиле на Земјата, поставувајќи нов светски рекорд на престој во вселената - 139 дена и 14 часа. 1990.- Во Штип умрел Панче Мировски, првиот лирски тенор на македонската оперска сцена. Со група ентузијасти под диригентската палка на основоположникот на музичкиот живот во Штип, Сергеј Михајлов, во 1924 година настапил во операта „Палјачи“, која се смета за прво музичко драмско дело изведено во Македонија. Роден бил во Штип, во 1902 година. 1995.- Поранешниот министер за одбрана на Јужна Африка Магнус Малан и 10 пензионирани виши офицери биле уапсени под обвинение за убиства во време на режимот на апартхејдот. 2003.- Свештеникот на американската епископална црква Кенон Џин Робинсон бил поставен на должноста бискуп иако јавно се изјаснил дека е хомосексуалец. 2004.- Умрел претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Зајед бин Султан ел Нахајан. На чело на Емиратите бил од здобивањето независност од британското владеење и формирање на унијата во 1971 година. 2005.- Тео ван Гог, холандски филмски и книжевен творец на контроверзни идеи, бил убиен во Амстердам, два месеца по прикажувањето на неговиот краткометражен филм „Потчинетост“ на холандската телевизија, во кој говори за потценувањето на жените во муслиманските земји. Автор бил на околу 20 филмови и три книги според кои бил познат како остар критичар на исламизмот, хомосексуалците и Евреите. 2015.- Поранешниот американски сенатор и актер, Фред Томпсон, починал  на 73-годишна возраст. Како правник и адвокат по професија, во американската политика се вклучил во времето на аферата Вотергејт. Подоцна  бил избран за сенатор и член на американскиот Сенат останал до 2003 година. Во пошироката јавност, низ светот, Томпсон е многу повеќе познат само како актер, затоа што има настапувано во низа холивудски филмови, како и на телевизијата. Во филмот „Мари“ од 1985 година, тој го толкувал сопствениот лик во истрагата за аферата Вотергејт. Во познатиот филм „Потрагата по Црвениот Октомври“ Фред Томпсон ја имал улогата на американски адмирал, додека во „Умри машки„ го толкувал ликот на Трудо. Во гледаната и популарна ТВ серија „Low & Order“ Toмпсон  бил областен обвинител во Њујорк, лик многу близок до неговото образование. 2016.- Умре Славчо Димовски, оперски солист-баритонот. Славчо Димовски својата кариера ја почна како хорист-баритон во хорот на Македонската опера и балет, за подоцна да биде назначен за солист. Како хорист учествувал во сите оперски и вокални инструментални изведби на сцената на Македонската опера и балет. Како солист толкувал средни улоги од баритонскиот фах, меѓу кои: Шарплес во „Мадам Батерфлај“, Доктор Гренвил во „Травијата“, Анџелоти во „Тоска“, Мандарин во „Турандот“, Монтероне во „Риголето“ и др. Како маркантна фигура, остана запаметен како толкувач на улогата на Дон Кихот во истоимената балетска претстава. Роден е во 1955 година. ###

Остани поврзан