• сабота, 23 ноември 2024
На денешен ден
1 декември 2020 (МИА) - Светски ден на борба против СИДА-та - Национален празник на Романија 1135.- Умрел англискиот крал Хенри I, помладиот син на Вилијам I Освојучот. Во текот на владеењето (од 1100 година), ја зацврстувал кралската власт, а во 1106 година ја освоил Нормандија и ја припоил кон Англија. 1455.- Умрел италијанскиот вајар Лоренцо Гиберти, познат по изработката на вратите на крстителната катедрала во Фиренца. На конкурсот во 1401 година во силна конкуренција му била доверена изработката на други врати во црквата, кои ги завршил во 1424 година, а од 1425 до 1453 година ја изработил третата врата, наречена „врата на рајот“, кај која на нов начин го решил проблемот со просторот. Изработил и повеќе скулптури во Фиренца и Сиена, вклучувајќи го и релјефот за катедралата во Сиена. 1516.- Во Рим умрел Џовани Белини, голем италијански сликар, најзначаен од тројцата браќа (Јакопо, Џентиле, Џовани). Сликал композиции и портрети, им бил учител на Џорџене и Тицијан и бил еден од основачите на Венецијанската сликарска школа во италијанската ренесанса. Роден бил во 1430 година. 1603.- Во Лондон умрел Вилијам Гилберт, англиски научник-лекар и физичар. Особено се занимавал со испитувањето на магнезиумот и електрицитетот и вовел повеќе поими и изрази за магнетите и за електричните големини. Неговото класично дело „Де магнете“ (1600) претставува прво големо научно дело објавено во Англија. Називот „Гилберт“ и е даден на единицата на магнетомоторните сили. Роден бил во 1540 година. 1640.- Португалија по востанието со кое била отфрлена шпанската власт повторно се стекнала со независност, а две недели подоцна војводата од Браганц бил крунисан за португалски крал под името Жоао IV. Шпанија независноста на Португалија и ја признала дури во 1668 година. 1813.- Русија, Прусија и Австрија се согласиле да извршат инвазија врз Франција, бидејќи Наполеон одговорил неопределено за мировните услови поставени од страна на сојузниците. 1821.- Независност од Шпанија прогласила и Доминиканската Република, територија која го зафаќа источниот дел од карипскиот остров Хаити, тогаш познат како Хиспањола. 1825.- Умрел рускиот цар Александар I Петрович Романов. По стапувањето на престолот во 1801 година започнал со серијата либерални реформи, а во текот на неговото владеење Русија значително ја проширила својата територија. 1885.- Во Викли, Франција, е роден Алберт Лондрес, француски писател и новинар, еден од најпознатите воени известувачи. Соработувал во весниците „Матине“, „Петтиот журнал“, „Ексцејлор“, „Квотидиен“, „Петтиот Паризиен“ и во други. Бил известувач од Првата балканска војна и од Првата светска војна. Како новинар напишал повеќе од 800 написи од сите области. 1906.- Во Париз било отворено киното „Omnija Pate“, познато во светот како прва сала наменски изработена за прикажување филмови. 1918.- Во градот Алба Јулија, народот од Трансилванија, претставен од делегации од сите места, прокламирал обединување на Трансилванија со Романија. Со овој историски акт бил заокружен процесот на националното обединување на романскиот народ. 1918.- Со одлука на данското собрание Исланд се стекнал со независност. 1918.- Во Белград регентот Александар Караѓорѓевиќ го прогласил обединувањето и создавањето на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците. 1935.- Роден е американскиот филмски актер и режисер Ален Стјуарт Кенигсберг, познат како Вуди Ален, обновувач на холивудската филмска комедија во седумдесеттите години од 20. век. Филмови: „Земи ги парите и бегај“, „Се што отсекогаш сте сакале да знаете за сексот но не сте се осудиле да прашате“, „Љубов и војна“, „Ени Хол“, „Менхетен“, „Ентериери“, „Сонот на летната ноќ“. 1936.- Умрел италијанскиот писател Луиѓи Пирандело, добитник на Нобеловата награда за литература во 1934 година, еден од најзначајните драмски писатели во 20. век. Напишал 33 драми, собрани под насловот „Голи маски“. Дела: „Приказни за една година“, „Покојниот Матија Паскал“, „Нејзиниот сопруг“, „Ѓакомино“, „Хенри IV“, „Шест лица го бараат писателот“. 1943.- Во Дебрца излегол првиот број на весникот „Братство“, орган на Првата македонско-косовска НОУ бригада. 1988.- Беназир Буто станала премиер на Пакистан, како прва жена на чело на една исламска земја. Родена е на 21 јуни 1953 година, ќерка на поранешниот претседател на Пакистан Зулфиќар Али Буто. 1989.- Михаил Горбачов како прв советски лидер го посетил Ватикан и со папата Јован Павле II договориле да се воспостават дипломатски односи меѓу Советскиот Сојуз и Ватикан. 1991.- На референдум во советската република Украина граѓаните со големо мнозинство се изјаснија за независност. 1994.- Во Бордо, Франција, на 21. Генерално собрание на Светската федерација на воени ветерани, што се одржало од 1 до 6 декември, Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија бил примен за полноправен член. 1995.- Хавиер Солана, бил избран за генерален секретар на Атлантската алијанса. Во Брисел, амбасадорите на НАТО, постигнале договор за назначување на Солана, како наследник на Вили Клас. 2005.- Еден од петтемина главни команданти на меѓународната терористичка мрежа Ал Каида, Египјанецот Абу Хамза Раби, бил убиен во Северен Вазиристан, област во Пакистан во близина на границата со Авганистан. 2006.- Повеќе од илјада луѓе загинале, околу 500 биле повредени, а околу 600 се водат за исчезнати, во налетот на тајфунот кој ги погодил источните делови на Филипини. 2018.- Почина академик Иван Катарџиев, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите. Академик Катарџиев е еден од основоположниците на македонската историска наука и еден од највидните македонски историчари. Предмет на неговиот научен интерес е историјата на македонскиот народ во последниве два века, а посебно историјата на национално-ослободителното движење и борбите за слобода и самостојност на македонскиот народ. Тој се смета за еден од најдобрите познавачи на македонската историја од крајот на 19 и од првата половина од 20 век. Автор е на повеќе од 20 монографии од кои некои се објавени на странски јазици. Објавил девет тома зборници на документи, а под негова редакција објавени се шест книги спомени и публицистика. Насловот на неговиот последен труд е „Од Пирин до Скопје“ објавен во МАНУ 2018 г. Покрај наведените трудови тој е автор и на повеќе од 200 статии, реферати, есеи, фељтони, критики и рецензии објавени во земјата и во странство. Академик Катарџиев е роден на 6 јануари 1926 г. во с. Плоски, околија Сандански, во Бугарија. Основно образование завршил во родното село, а средно во Св. Врач, денес Сандански. Во 1946 г. за потребите на културната автономија на пиринскиот дел на Македонија, е испратен на студии во Скопје каде се запишал на Катедрата за историја на Филозофскиот факултет. Во учебната 1948/49 г. своите студии ги продолжил на Универзитетот во Загреб каде го посетувал и курсот по старословенска филологија кај професорот Владимир Мошин. Поради случувањата поврзани со Резолуцијата на Информбирото од јуни 1948 г. бил принуден да се врати во Скопје, каде ги продолжил своите студии. Дипломирал на Филозофскиот факултет во 1951 г., а во учебната 1951/52 бил професор во гимназијата „Јосип Броз Тито“. Во 1953 г. се вработил како асистент во Институтот за национална историја. Докторирал во 1959 г. на тема „Серската област (1780 – 18789. Економски, политички и културен преглед“. Во Институтот работел во периодот од 1953 до 1967 г. каде бил избран во сите соодветни научни звања. Во 1961/62 г. како стипендист на француската влада престојувал во Париз каде посетувал предавања на Сорбона и работел во Архивот на Министерството за надворешни работи на Франција. Од 1967 до пензионирањето во 1987 г. бил: член на Извршниот совет на СРМ (1967-1969), пратеник во Соборот на народите на Собранието на СФРЈ (1969-1974), директор на Народната и универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ (1973-1978), советник во Извршниот совет на СРМ (1978-1987), претседател на Матицата на иселениците на Македонија (1987-1992) и др. Член е на редакцијата на тритомната Историја на македонскиот народ (1969) и автор на втората книга, член на редакцијата и автор на кратката верзија на Историјата на македонскиот народ (1976) објавена и на неколку странски јазици, член на редакцијата на петтомната историја на македонскиот народ и автор на четвртиот том. За заслугите во областа на историските науки добитник е на следниве наградии: „11 Октомври“ (1968), „11 Октомври“ за животно дело (1988), „13 Ноември“ (1978), „Гоце Делчев“ за колетивен труд (1985), „Гоце Делчев“ за самостоен труд (1987), како и на следниве одликувања: Орден на трудот со златен венец, Орден на трудот со црвено знаме и Орден заслуги за народ со златна ѕвезда. За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 27 мај 2003 година. ###

Остани поврзан