• вторник, 24 декември 2024

На денешен ден

На денешен ден
5 март 2021 (МИА) 1133.- Роден е англискиот крал Хенри Втори Плантагенет, основач на династијата Плантагенет, кој во текот на владеењето од 1154 до смртта во 1189 година со реформата во судството значително ја зајакнал кралската власт. 1696.- Роден е италијанскиот сликар Ѓовани Батиста Тиеполо, последниот голем венецијански мајстор, еден од најголемите декоративни уметници на 18. век. Неговите главни трудови, фрески со големи димензии работени во манирот на рококо се во надбискупската палата во Удине, во палатата Лаби во Венеција, бискупската резиденција во Вирцбург и во кралската палата во Мадрид. 1827.- Умрел Алаксандар Волта, италијански научник-физичар. Занимавајќи се со електрицитетот, ги пронашол електрофонот, галванските елементи, батеријата на галвански елементи и други. Роден бил во 1745 година. 1856.- Лондонскиот театар „Ковент Гарден“ целосно бил уништен во пожар. 1916.- Загинале 455 патници и членови на екипажот од вкупно 588 колку што биле на шпанскиот патнички брод „Принцот од Астурија“ во моментот кога бродот удрил во карпа близу бразилскиот брег и потонал за само неколку минути. 1933.- Национал-социјалистичката работничка партија на Германија на Адолф Хитлер го освоила мнозинството во Рајхстагот (собранието). 1953.- Во Македонија биле организирана првата акција за доброволно дарување на крв. 1953.- Во Москва умрел Јосиф Висарјонович Сталин, советски државник и политичар, еден од водачите на антихитлеровската коалиција за време на Втората светска војна и врховен командант на вооружените сили на СССР, маршал и генералисимус. По Втората светска војна кон социјалистичките земји спроведувал хегемонистичка политика. Неговите злосторства биле осудени на 20-от и 21-от конгрес на КПСС. Роден бил во Гори, Грузија, на 21 декември 1879 година. 1953.- Во Москва умре Сергеј Сергеевич Прокофјев, руски композитор, диригент и пијанист. Ги компонира оперите „Заљубен во три портокали“, „Коцкар“, „Војна и мир“ и други. Во 1934 година го создал балетското ремек-дело „Ромео и Јулија“, кое на балетската сцена во Македонскиот народен театар првпат е прикажано во 1962 година. Неговото музичко дело е мошне богато и разновидно. Роден бил во Сонцовка на 24 април 1891 година. 1964.- Во Битола умрел Милтон Манаки, прв македонски и балкански филмски снимател. Првите снимки ги направи во 1905 година. Главни негови постигнувања се: репортажа за престојот на последниот османлиски султан Решад во Битола во 1911 година, сцени од бесењето на македонските борци за независност на Македонија и епизоди од балканските војни, како и многу други снимки од историска важност. Носител бил на „Илинденска споменица 1903“, на многубројни награди, како и на наградата за животно дело во Пула во 1963 година. Роден бил во селото Авдела, Костурско, во 1880 година. 1970.- Стапил на сила договорот за неширење на нуклеарното оружје кој го потпишале 45 држави. 1984.- Умрел италијанскиот музички уметник Тито Гоби, познат светски оперски баритон. Во оперите студиозно и префинето ги креирал водечките улоги, вклучувајќи ја и прочуената улога во „Тоска“ на Ѓакомо Пучини во која негов партнер била Марија Калас. 1992.- Домот на младите „25 Мај“ во Скопје го променил името во Младински културен центар. 1993.- Авионот од типот "Фокер 100" на авиокомпанијата "Палер Македонија", веднаш по полетувањето од аеродромот во Петровец кај Скопје, се урнал на 400-тини метри од крајот на пистата. Од 91 патник и членови на екипажот загинале 80. 2007.- Умрел Анри Троа, еден од најпопуларните француски писатели на 20. век. Автор е на близу 100 дела. Троа надвор од Франција е најпознатиот по биографиите на француските и руските литературни и историски фигури, како што се Толстој, Пушкин, Флобер, Зола, Катерина Велика и Иван Грозни. Роден бил како Лев Тарасов на 11 ноември 1911 година во Москва во имотно семејство. Наградата „Гонкур“ ја добил за својата трета книга „Пајак“. 2013.- Претседателот на Венецуела Хуго Чавез починал во Каракас, на 58-годишна возраст, по двегодишна, неуспешна битка со ракот. На власт бил 14 години. Во својата земја и во светот, ќе остане запаметен како контроверзен политички лидер, кој својот полковнички чин го замени за политиката, претворајќи се во силен претставник на латиноамериканската левица и популист. Чавез бил роден на 28 јули 1954 година, како седмо дете во семејството. ###

Остани поврзан