• среда, 27 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден
30 септември 2020 (МИА) - Светски ден на книжевните преведувачи - Светски ден на глувите 1846.- Американскиот стоматолог Вилијам Мортон прв го употреби етерот како средство за анестезија. 1882.- Роден е германскиот физичар Ханс Вихелм Гајгер кој ги изучуваше радиоактивните супстанци. Во 1928 година ја измисли направата за регистрирање и броење на наелектризираните честици и гама-зраци, односно за мерење на радиоактивноста, позната како „Гаргеров бројач“. 1891.- Францускиот генерал Жорж Ернест Булангер, министер за војска од 1886 до 1887 година изврши самоубиство. Како водач на влијателното политичко и антипарламентарно движење ги собра сите непријатели на Републиката со цел да ја уништи за да ја обнови монархијата во Франција. Кога републиканците го обвинија за обид за преврат побегна во Белгија каде и сам си го одзеде животот. 1903.- Во Виена и во Марцштег, мало штаерско место почна состанокот меѓу рускиот цар Николај Втори и австроунгарскиот император Фрањо Јосиф и нивните министри за надворешни работи, на кој е изработена програма за реформи во Македонија позната како "Марцштеска реформска програма", донесени на 2 октомври 1903 година. Со овие реформи, иако битно не се измени состојбата во Македонија, сепак тие придонесоа за актуализирање на македонското прашање во меѓународните односи. 1938.- Во Минхен почна дводневната конференција на владите на Велика Британија, на Франција, Италија и на Германија, во чија работа учествуваа и Хитлер и Мусолини. На конференцијата западните сојузници му ги предадоа на Хитлер областите на Судет, со што беше жртвувана независноста на Чехословачка. Тоа беше триумф на Хитлер, капитулација на западните сили и предупредување на малите држави дека никој нема да ги брани. 1941.- Почна првата германска офанзива на Москва во една од најголемите битки во Втората светска војна, водена до јануари 1942 година. Германците по големите загуби, во втората половина на ноември 1941 година тргнаа во втора офанзива и повторно не успеаја да ја заземат Москва. Во декември во противнападот од страна на Црвената армија тие беа отфрлени 200 километри од Москва со што пропадна планот „Барбароса“. 1955.- Во автомобилска несреќа на 24-годишна возраст загина американскиот глумец Џејмс Дин, симбол на вознемирената и побунета младост по Втората светска војна. Филови: „Источно од рајот“, „Бунтовник без причина“, „Дивиот“. 1962.- Бели расисти предизвикаа нереди во Оксфорд во американската држава Мисисипи затоа што врз основа на одлуката на федералниот суд црнецот Џејмс Медири беше запишан на дотогаш ексклузивниот Универзитет Мисисипи. 1965.- Со киднапирање и убиство на шест генерали во Индонезија започна неуспешниот државен удар кој заврши со масакрирање на 700.000 членови и симпатизери на Комунистичката партија на Индонезија. 1966.- Поранешниот британски протекторат во Африка Бечуеналенд се стекна со независност под името Република Боцвана. За претседател беше поставен Серес Кама. 1966.- Германските воени злосторници Алберт Шпер и Балдур фон Ширах излегоа од затворот во Шпандау по издржување на казната од 20 години. 1980.- Со симболично потсетување на библиските времиња, Израел ја воведе валутата шекел која ја замени фунтата. 1985.- Умре американскиот сеизмолог Чарлс Рихтер. 1988.- Пензионирани се пет високи советски функционери, вклучувајќи го и претседателот на Президиумот на Врховниот совет Андреј Громико. 1990.- СССР и Израел воспоставија конзуларни односи. Москва ги прекина дипломатските односи поради шестдневната израелско-арапска војна во 1967 година. Истиот ден се воспоставени и целосни дипломатски односи меѓу СССР и Јужна Кореја. 1991.- Повеќе стотици илјади Чеси загрижени поради евентуалната поделба на земјата бараа референдум за отцепување на Словачка. 1993.- Во серијата силни земјотреси во југозападна Индија загинаа најмалку 22.000 луѓе. 1993.- Советот на НАТО го одобри воениот план за поставување на повеќе од 50.000 војници во Босна и Херцеговина во период од две години. 1998.- Во Скопје почна со работа Македонската информативна агенција - МИА, официјален јавен информативен сервис на Република Македонија. МИА е новинска агенција формирана со одлука на Собранието на Република Македонија во февруари 1992 година, а активирана со одлука на Владата на Република Македонија на 1 декември 1997 година. 2004.- Во самоубиствен напад врз американски воен конвој во Багдад, кој го извршија припадници на терористичката група на јорданскиот екстремист Абу Масаба ел Заркави, загинаа 41 лице, од кои 34 деца кои поитаа да земат слатки од американските војници. 2009.- Умре Павел Поповиќ, легендарен руски космонаут од првиот круг на Гагарин. Од 1954 година работи како пилот во составот на Военото воздухопловство на Советскиот Сојуз. Како командир на бродот „Восток 4“ првпат лета во космосот во траење од два дена, 22 часа и 57 минути, а од 1962 година се подготвува за лет на Месечината. Од 1980 до 1989 година беше заменик началник на Центарот за подготовки на космонаути „Гагарин“. Двапати беше прогласен за херој на Советскиот Сојуз. 2015.- Френки Форд, рокенрол и блуз музичар кој славата ја стекна со синглот „Sea Cruise“ од 1959 година, кога имаше 19 години, почина во Њу Орлеанс на 76 години. Форд покрај „Sea Cruise“ беше познат и по хитовите „Roberta“, „Time after Time“ и „You Talk Too Much“. Во куќата на славните во Луизијана и беше примен во 2010 година. ###

Остани поврзан