• четврток, 26 декември 2024
На денешен ден
14 март 2022 (МИА)   1558.- Германскиот цар Фердинанд Први ја презел титулата римски цар без вообичаеното папско крунисување. 1804.- Во Виена е роден Јохан Штраус Постариот, австриски композитор, татко на прочуените виенски композитори Јохан, Јозеф и Едуард. Најзаслужен е за најголемата распространетост на виенскиот валцер во почетокот на 19. век. Умрел во Виена, на 25 септември 1849 година. 1879.- Во Улм, Германија, бил роден Алберт Ајнштајн, американски физичар, Евреин со германско потекло, најистакнат теоретичар на новата епоха во физиката. По доаѓањето на Хитлер на власт, Ајнштајн се откажал од германското државјанство и емигрирал во САД. Покрај „Општата теорија на релативитетот“ го објавил и „Законот за фотоелектричниот ефект со помош на квантната теорија“ и во 1921 година ја добил Нобеловата награда за физика. Умрел во Принстон, на 18 април 1955 година. 1883.- Вo Лондон умрел Карл Маркс, германски револуционер, творец на научниот социјализам. Напишал низа капитални дела од областа на економијата, филозофијата, историјата и од други подрачја на општествените науки. Главни негови дела се „Прилог кон критиката на политичката економија“, „Капиталот“, „Економско-филозофски ракописи“, „Беда на филозофијата“, заедно со Енгелс - „Манифест на комунистичката партија“ и други. Роден бил во Трир, на 5 мај 1818 година. 1891.- Подморницата „Монарх“ поставила телефонски кабел под Ламанш, што овозможило телефонска врска меѓу Велика Британија и другите држави од Европа. 1912.- Во Москва умрел Петар Лебедев, истакнат руски научник, физичар, кој се занимавал со проучување на притисокот на гасовите, што е од големо значење за разбирањето на космичките појави. Тој докажал дека светлината врши притисок на површината на која паѓа. Роден бил во 1866 година. 1914.- Цариградскиот мировен договор меѓу Србија и Турција е дополнет со Лондонскиот договор со кој завршила Првата балканска војна. 1932.- Американскиот индустријалец Џорџ Истман, еден од пионерите на фотографијата и филмот, основач на компанијата „Кодак“ извршил самоубиство. Во 1844 година ја лансирал чувствителната фотографска хартија. Во 1899 година изумил едноставна фото камера, а потоа истата година и целулоидна филмска лента прилагодена на камерата. 1932.- Во Мокрино, Банат, е роден Мирослав Антиќ, еден од најистакнатите српски поети од Војводина, драмски писател, новинар и режисер. Познати негови дела се „Рожбата твоја“, „Пцости на нежноста“, „Концерт за 1001 тапан“, „Кикинда“, „Последна сказна“ и други. Умрел во Нови Сад, на 24 јуни 1986 година. 1938.- Рускиот револуционер Николај Иванович Бухарин бил стрелан по монтираниот судски процес за време на најжестоките сталинистички чистки. Бил осуден на смрт по измисленото обвинение за шпионажа. Бил професор на Универзитетот во Москва каде предавал политичка економија. Од 1918 до 1922 година бил главен уредник на весникот „Правда“. Дела: „Империјализмот и светското стопанство“, „Економија на преодниот период“, „Теорија на историскиот материјализам“. 1944.- Иницијативниот одбор на АСНОМ упатил писмо до НО одбори во Македонија во кое ја изнесол одлуката на Второто заседание на АВНОЈ, со која Македонија е призната за рамноправна федерална единица. Потоа, ја објаснил постапката за избирање легални и нелегални, општински, околиски и окружни НО одбори и делегати за Првото заседание на АСНОМ. 1965.- Владата на Израел го прифатила барањето на Бон за воспоставување дипломатски односи со Западна Германија. 1979.- Најмалку 200 луѓе загинале при пад на авион од типот „трајдент“ врз една фабрика близу Пекинг. 1983.- Организацијата на земјите произведувачи на нафта се согласила за намалување на цената на нафта од 15 отсто, првпат во 23-годишната историја на ОПЕК. 1991.- „Бирмингемската шесторка“ - шест Ирци погрешно обвинети за подметнување експлозија во 1974 година во пабови во англискиот град Бирмингем после 16 години биле ослободени од затвор. 1995.- Астронаутот Норман Тагард станал првиот Американец кој полетал во космосот со руска ракета, лансирана од космодромот во Бајконур. 1996.- Република Македонија и Република Литванија воспоставиле дипломатски односи на ниво на амбасадори. 1997.- Умрел американскиот филмски режисер од австриско потекло Фред Цинеман. Филмови: „Седмиот крст“, „Луѓе“, „Тереза“, „Точно напладне“, „Сват“, „Одовде до вечноста“ (Оскар), „Оклахома“, „Старецот и морето“, „Приказна за калуѓерката“, „Човек за сите времиња“ (Оскар), „Операција шакал“. 2005.- Собранието на Кина го усвоило законот со кој се одобрува употреба на воена сила во случај Тајван да прогласи независност. 2011.- Духовниот и политичкиот лидер на Тибет во егзил, Далај Лама официјално поднесол оставка од функцијата политички водач на тибетанската Влада. 2011.- Махамаду Исуфи победил на претседателските избори по едногодишното владеење на воената хунта во најсиромашната држава во светот, Нигер. Воената хунта предводена од генералот Сали Џибо ја презела власта во Нигер во февруари 2010 година. 2012.- На 84 години умрел македонскиот историограф д-р Орде Иваноски. Во Институтот за национална историја се вработил во 1955 година и таму останал до пензионирањето, минувајќи ги сите научни звања и учествувајќи во пишувањето на првата Историја на македонскиот народ, како и во голем број институтски и општествени макропроекти и научни средби во земјата и во странство. Добитник бил на наградите „13 Ноември“ и „Гоце Делчев“. Иваноски бил роден во Прилеп, 1928 година. 2013.- На 88-годишна возраст, не дочекувајќи ја пресудата по обвинението за воени злосторства и злосторства против човештвото, умрел поранешниот шеф на дипломатијата на камбоџанските Црвените Кмери - Јенг Сари. Тој бил шеф на дипломатијата на тоталитарниот режим на Црвените Кмери кој беше на власт од 1975 до 1979 година и беше одговорен за смртта на два милиона лица. На Сари му се судеше пред Суд воспоставен под покровителство на Обединетите нации заедно со поранешниот шеф на државата Кија Сампано (81) и вториот човек на режимот на Црвените Кмери - Нуон Чео (86).   ###

Остани поврзан