• среда, 25 декември 2024
На денешен ден
10 октомври 2022 (МИА)   1684.- Роден е францускиот сликар Жан Антоан Вато, типичен претставник на стилот - рококо. Неговото сликарство е со деликатен колорит и чувствителни цртежи, главно посветени на темите од животот на аристократите. 1813.- Роден е италијанскиот композитор Ѓузепе Верди, кој заедно со Рихард Вагнер се најистакнатите романтичарски оперски творци на 19. век. Дела: оперите „Набуко“, „Травијата“, „Трубадур“, „Риголето“, „Бал под маски“, „Моќта на судбината“, „Дон Карлос“, „Аида“, „Отело“. 1837.- Умрел францускиот економист Шарл Фурие, социјалист-утопист кој сметал дека капитализмот е „асоцијален“ бидејќи во него поединците се постојано во борба едни со други. Дела: „Нов индустриски и општествен свет“, „Теорија на четири движења“, „Собрани дела“ (шест книги постхумно). 1861.- Роден е норвешкиот поларен истражувач, дипломат и хуманист Фритхоф Нансен, професор по океанографија на Универзитетот во Осло, добитник на Нобеловата награда за мир во 1922 година. Од 1893 до 1896 година ги истражувал Гренланд и Северниот Леден Океан пловејќи со бродот „Фрам“ кој е конзервиран и се чува во близина на Осло. По Првата светска војна се занимавал со заштита на воените заробеници и националните малцинства. Како висок комесар во Друштвото на народите раководел со репатријацијата на воените заробеници и придонесувал за потпишување на Женевскиот протокол за бегалци. Емигрантскиот пасош наречен „Нансенов пасош“ кој служи како потврда за идентитет за раселените луѓе и сега е во употреба. 1904.- Во Скопје е роден Сотир Ставридис, македонски хирург и уролог, прв асистент во Хируршката клиника во Скопје, основана во 1947 година, на чие чело, како директор застанал половина деценија подоцна. Тој е основач и прв раководител на Уролошкото одделение на Хируршката клиника. Во својот плоден творечки живот објавил повеќе од дваесет стручни трудови од областа на хирургијата и урологијата. Умрел во Скопје, на 26 јануари 1961 година. 1910.- Во Прилеп е роден Димитар (Димче) Стојанов - Мире, професор по историја, учесник во НОВ на Македонија и делегат на Првото заседание на АСНОМ. На Второто заседание на АСНОМ е избран за член на Президиумот на АСНОМ и повереник за просвета на Македонија. Потоа бил министер за просвета на НР Македонија, претседател на Народното собрание на НР Македонија (1951-1955) и директор на Архивот на Македонија (1960-1978). Еден е од основоположниците на архивската служба во Македонија. Умрел во Скопје, на 4 септември 1991 година. 1913.- Завршила изградбата на Панамскиот канал долг 81,6 километри со кој биле споени Атлантскиот и Тихиот Океан. Бродовите почнале да го користат дури на 15 август 1914 година. 1944.- Во селото Жегљање, Кумановско, била формирана Кумановската (македонска) дивизија, во чиј состав влегле Шеснаесеттата, Седумнаесеттата и Осумнаесеттата македонска НО бригада. Имало околу 5.500 борци. Учествувала во завршните операции за ослободување на Македонија, а по ослободувањето учествувала во расчитувањето на теренот од балистичките банди. 1946.- Во Скопје, во црквата „Свети Спас“, со сите државни почести и пред повеќе илјади граѓани од цела Македонија, биле положени моштите на истакнатиот македонски револуционер и идеолог Гоце Делчев, кои два дена порано македонската делегација ги донесла од Софија. 1964.- Во Токио биле отворени Олимписките игри, први во Азија. 1970.- Умрел францускиот политичар Едуар Доладер, потписник на Минхенскиот пакт со Германија во 1938 година со кој Адолф Хитлер ја распарчил Чехословачка. Меѓу двете светски војни бил трипати премиер, а во Втората светска војна бил интерниран во Германија по окупацијата на Франција. 1973.- Потпретседателот на САД Спиро Егњу морал да поднесе оставка бидејќи бил обвинет дека не плаќа даноци. 1980.- Во земјотрес во Алжир загинале 2.580 луѓе, а околу 330.000 граѓани во градот Ал Аснам останале без покрив над главата. 1982.- САД наметнале санкции врз Полска поради одлуката на полсаката влада да го забрани синдикатот „Солидарност“. 1985.- Умрел американскиот филмски актер и режисер Орсон Велс. Неговиот прв филм „Граѓанинот Кејн“ бил еден од најдобрите во историјата на кинематографијата. Орсон Велс изградил свој стил и секое негово дело носи печат на силна и оригинална личност. Во 1971 година добил Оскар за животно дело. Филмови: режија и глума - „Величенствените Амберсонови“, „Дамата од Шангај“, „Магбет“, „Отело“, „Зрно зло“, „Господин Аркаден“, „Процес“, „Вистина и лаги“, глума - „Третиот човек“, „Хотел Интернационал“. 1985.- Умрел американскиот филмски и театарски актер од руско-ромско-монголско потекло Јул Бринер, еднакво добар во карактерните, авантуристичките и дискретните комични улоги. За филмот „Кралот и јас“ бил награден со Оскар, а во театарот со години ја играл истоимената претстава. Филмови: „Десетте божји заповеди“, „Анастасија“, „Браќа Карамазови“, „Соломон и Саба“, „Седумтемина величенствени“, „Тарас Буљба“, „Западен свет“. 1990.- СССР и Германија потпишале договор за повлекување на советските војници од Германија до крајот на 1994 година. Во тоа време во Германија имало 380.000 советски војници и 220.000 членови на нивните семејства. 1991.- Во главниот град на Канада - Отава, пред неколку десетици илјади присутни, бил откриен првиот светски споменик на мировните единици на Обединетите нации. 1993.- Андреас Папандреу победил на претседателските избори во Грција. 1994.- Во Скопје бил отворен Ургентно-хируршкиот центар при Медицинскиот факултет. 1995.- Израел согласно мировниот договор со Палестинската ослободителна организација го започнал повлекувањето од Западниот Брег и од затвор ослободил околу 300 Палестинци. 1996.- Пуштен бил во сообраќај автопатот Тетово - Гостивар во должина од 20 километри. 2000.- Умрела државничката Сиримаво Бандеренајке, прва жена премиер во светот. Во историјата влегла станувајќи премиер на Цејлон (сегашна Шри Ланка) на 21 јули 1960 година. Со Шри Ланка управувала од 1960 до 1977 година и била еден од основачите на движењето на неврзаните. 2003.- Ширин Ебади, ирански адвокат и борец за човекови права ја добил Нобеловата награда за мир. 2004.- Умрел американскиот актер Кристофер Рив, филмскиот „Супермен“, кој од 1995 година бил врзан за инвалидска количка поради пад при јавање при што скршил два пршлена. Во ваква состојба играл во многу филмови, вклучувајќи го и римејкот на легендарниот филм на Хичкок „Прозорец во двор“. 2012.- Американците Роберт Лефкович и Брајан Кобилка станале добитници на Нобеловата награда за хемија за проучувањето на протеините, кои им овозможуваат на клетките во телото да одговорат на надворешните сигнали. Двајцата научници престижното признание, вредно осум милиони шведски круни (1,2 милиони долари) го добиле за трудот „Г протеинот на споените рецептори“. Речиси половина од сите лекови делуваат токму на тие рецептори, така што се очекува дека сознанијата до кои дошле Лефкович и Кобилка ќе им помогнат на другите научници да пронајдат уште подобри лекови. 2013.- Канадската писателка Алис Манро (82) ја добила Нобеловата награда за литература. Ова е прва Нобелова награда, која е доделена на писател од Канада и прва доделена на писател на куси раскази. Манро е 13-та жена, која досега ја добила Нобеловата награда за литература. Наградата изнесува осум милиони шведски круни, односно околу 925 илјади евра. 2016.- На 90-годишна возраст починал Анджеј Вајда, познат полски филмски режисер Во Полска и во светот, тој бил посочуван како водечки претставник на „полската филмска школа“ создадена уште во педесеттите години на минатиот век, во времето додека земјата била во комунистичкиот блок. Најголемиот број од неговите филмски остварувања, како филмовите „Канал“, „Човек од мермер“ „Човек од железо“ или „Катин“ се инспирирани од турбулентната полска историја. Неговата кариера како филмски творец траела цели 60 години и за тој период тој има режирани над 40 филмови. Во 2000 година, Анджеј Вајда бил награден со почесен Оскар за неговиот придонес во филмот. Претходно, четири негови филмови биле номинирани за Оскар, за најдобар филм од неанглиското говорно подрачје. ###

Остани поврзан