• среда, 25 декември 2024

Наградени тројцата најдобри на промоцијата на 23. класа потпоручници на Воената академија

Наградени тројцата најдобри на промоцијата на 23. класа потпоручници на Воената академија

Скопје, 31 јули 2023 (МИА) - Во Воената академија  „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје денеска имаше промоција на 23. класа потпоручници, а на свеченоста беа врачени награди за тројцата најдобро рангирани.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска им честиташе за мотивираноста и истрајноста. 

- Поминавте долг и предизвикувачки процес на едукација кој успешно го завршивте. Благодарение на современите студиски програми во согласност со принципите за воено образование на НАТО, можност за размена на професорски кадар и питомци преку програмата „Еразмус плус“, како и преку одбранбената билатерална соработка со нашите сојузници, имавте можност за стекнување знаење и вештини, вредни за еден вистински офицер на НАТО. Денес стоите овде пред нас токму благодарение на вашата одлучност, подготвени да продолжите и да постигнете повисоки цели. Вие сте вистинските патриоти, вие кои сте решиле својата работна кариера да ја посветите на заштитата на своите граѓани и многу повеќе од тоа, активно да се вклучите во системот на колективна одбрана и безбедност на НАТО, како офицери на земји членки и партнерски земји на Алијансата. Успех е што меѓу вас веќе години наназад во Воената академија се образуваат и офицери од земјите од регионот. Денес покрај 27 нови потпоручници од македонската армија, имаме и петмина од Црна Гора и Босна и Херцеговина. Но, за време на вашето образование, двајца од вас имаа можност по еден семестар да се школуваат во Кралството Норвешка, а исто така на нашата Академија, еден семестар се образуваа и питомци од Кралството Норвешка и од Република Бугарија, рече Петровска. 

Таа додаде дека има прилика секојдневно да запознава вистински професионалци во редовите на Армијата.  

- И токму затоа бидете уверени дека како што досега бевте водени од професионалци низ вашето воено образование, така и од првиот работен ден ќе продолжите со луѓе кои имаат стекнато огромно искуство и знаење и кои нема да се штедат да ви го пренесат таму.  Станувате дел од најреномираната институција во нашата држава. И затоа продолжете со вашиот мотив и енергија, таа стекната доверба кај граѓаните континуирано да ја одржувате, нагласи министерката.

Таа им се обрати и на новите питомци.

- Студирањето на Воената академија е одлична можност за развој на вашите замисли како идни офицери на македонската армија и сакам да додадам, дека покрај континуираното заедничко залагање за унапредување на образовниот процес во оваа институција, како Министерство веќе донесовме од овој месец вашите примања да ги зголемиме за 100 проценти, и ве уверувам дека секогаш сме тука да излеземе во пресрет на вашите предлози, како во поглед на подобрување на образовниот процес, така и за условите престојот и за сѐ она што вам како питомци ви е потребно за да постигнете врвни резултати. Воената академија како единствена високо образовна институција во нашата држава игра клучна улога во произведувањето на нови квалитетни кадри, офицери на Армијата на Република Северна Македонија, чија основна цел е националната безбедност и одбрана. Уверена сум дека и во иднина ќе продолжи развојот и унапредувањето на образовните процеси на Академијата, подвлече Петровска. 

Пред присутните се обрати и деканот на воената академија, полковник професор доктор Митко Богданоски.

- Тешко е да се опише со зборови, чувството на гордост и задоволство што денес стојам пред вас, нашите идни лидери, стратези и чувари на мирот и на безбедноста на нашата земја. Денес, по сета макотрпна работа и труд, вие се придружувате на вашите претходници, поранешни генерации на нашата академија, што го подготвија теренот и создадоа услови за иден развој што го очекуваме од вас, како наша иднина. Воената академија претставува света институција која создаде генерации кои се соочија и надминаа многубројни конфликти, кризи и природни катастрофи, воздигнувања и падови, докажувајќи ги вредностите на кои почива институцијата, истакна Богданоски.

Тој посочи дека тие не стојат еден до друг како колеги и идни соработници, туку и како неразделни пријатели, дел од најсилната фамилија, дел од армијата.

Најдобро рангирани беа Никола Антески, Јована Софрониоска и Наум Спироски.

Антески кажа дека пред четири години пристигнале овде желни и решени да тргнат по овој предизвикувачки пат.

- Нашето патување започна со основна воена обука, ригорозен процес што ја тестираше нашата физичка и ментална издржливост. Бевме турнати надвор од нашите граници, соочени со препреки што изгледаа непремостливи. Но, ние стоевме обединети, учејќи го вистинското значење на заедништвото и силата што доаѓа од заедничката работа како тим. Токму во овие моменти ги откривме нашите внатрешни резервоари на сила и издржливост. Конекцијата што ја поставивме уште првите денови, стана основа на доживотни пријателства. Сите ние бевме најголема меѓусебна поддршка во моменти на тага и среќа. Имавме можност да живееме и работиме изминатите четири години и со питомци кои не го носат истото знаме со нас на ракавот, но, во нив добивме искрени пријатели во Босна и Херцеговина и Црна Гора, рече Антески.

Тој го спомна и тренингот на воениот полигон „Криволак“, тамошното искуство им одржало непроценливи лекции за лидерството, тактика и ја назначило важноста на брзото прилагодување на непредвидени околности. бд/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан