• среда, 25 декември 2024

Нагелсман задоволен од развојот на Бундестимот

Нагелсман задоволен од развојот на Бундестимот

Амстердам, 11 септември 2024 (МИА) - Амбициите на Германија да биде меѓу фаворитите на Светското првенство по две години се засилени по извонредниот настап против Холандија, кој доби одобрение од селекторот Јулијан Нагелсман.

Стручњакот изјави дека е задоволен од „следниот чекор во развојот“ на неговата екипа, која синоќа ремизираше 2:2 со „лалињата“ во Лигата на нации.

Откако го освоија Светското првенство во Бразил пред 10 години, Германците изгубија дел од сјајот и доживеаја неуспех на последните две Светски првенства. Тие беа во криза и минатата година, кога Ханзи Флик беше отпуштен и Нагелсман ја презеде функцијата. И покрај тоа што покажаа подобрување, Германците испаднаа во четвртфиналето на Европското првенство на кое беа домаќини на средината на годината.

Светското првенство во Северна Америка во 2026 година е многу далеку, но Нагелсман гледа на секој натпревар како чекор во вистинската насока.

-Постои разбирање меѓу играчите дека секој натпревар е важен. Сега играме во Лигата на нациите, квалификациите се следната година, а потоа се надеваме и на Светското првенство. Дотогаш ни остануваат уште 18 натпревари - ако се биде добро. Тимот верува во себе и тоа е главната работа. Тоа е она што сите сакаме да го видиме. Вечерва бевме тим кој сакаше да победи, изјави тој за медиумите по мечот на „Јохан Кројф Арена“.

Тренерот беше особено задоволен од тоа како Германците се вратија во мечот откако заостануваа на стартот.

-Начинот на кој се вративме беше многу добар. Ни требаа пет или шест минути, но потоа изгледавме добро на теренот. И двете одбрани беа премногу ранливи, но во нападот бевме посилни, се обидовме да создадеме повеќе шанси и презедовме малку повеќе ризици. Во раната фаза од второто полувреме се обидовме да притиснеме повеќе и можеби бевме премногу агресивни, коментираше Нагелсман.

Германија ја започна новата кампања во Лигата на нации со победата од 5-0 над Унгарија во Дизелдорф во саботата.

Нивното следно гостување е против Босна и Херцеговина на 11 октомври пред реваншот со Холандија од групата А3 во Лигата на нации во Минхен на 14 октомври. дс

Фото: Архива

Остани поврзан