• четврток, 26 декември 2024

Наврачич: Унгарија ќе ги исполни сите обврски за деблокирање на парите од фондовите на ЕУ

Наврачич: Унгарија ќе ги исполни сите обврски за деблокирање на парите од фондовите на ЕУ
Будимпешта, 18 септември 2022 (МИА) - Унгарија денеска објави дека ќе ги исполни ветувањата дадени на Европската комисија со цел деблокирање на 7,5 милијарди евра од европските фондови кои Европската комисија предложи да и се замрзнат на Унгарија поради корупција и проблеми со владеењето на правото. Министерот за регионален развој и ЕУ фондови, Тибор Наврачич, задолжен за преговори со Европската унија, изрази надеж дека мерките што ќе ги спроведе Будимпешта ќе ги заштитат европските средства. Поради корупција и проблеми со владеењето на правото, ЕК му предложи на Советот на ЕУ да замрзне 65 отсто или 7,5 милијарди евра на Унгарија. Станува збор за три оперативни програми на кохезиската политика за периодот од 2021 до 2027 година. Одлуката без преседан беше предложена како дел од новиот механизам според кој користењето на средствата од европските фондови е условено со почитување на владеењето на правото, а Будимпешта може да ја избегне нејзината примена доколку ги отстрани причините за нејзиното спроведување во следните три месеци. Комисијата наведува дека Унгарија се обврзала до 19 ноември да поднесе конечен извештај за исполнувањето на клучните чекори за спроведување. Унгарската влада во саботата најави дека Парламентот во Будимпешта следната недела ќе гласа за поголем број закони кои треба да ги отстранат причините за замрзнување на средствата. Конечната одлука за предлогот за замрзнување на парите ја носи Советот на ЕУ, односно земјите-членки со квалификувано мнозинство. паг/    

Остани поврзан