• среда, 25 декември 2024

Набавката на вакцини за Западен Балкан една од темите на состанокот на ЕУ лидерите во четврток

Набавката на вакцини за Западен Балкан една од темите на состанокот на ЕУ лидерите во четврток
Брисел, 18 јануари 2021 (МИА) - Набавката на вакцини за Западен Балкан ќе биде една од темите на дискусија на лидерите на ЕУ на состанокот на 21 јануари, најавено е вечерва во Брисел. - Треба да разговараме за соработката со трети земји во врска со вакцините што треба да се третираат како глобално јавно добро. Ќе видиме како можеме да им помогнеме на нашите партнери во соседството и пошироко, рече претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. Во писмото со покана до лидерите на земјите-членки на ЕУ, пред видео-конференцијата закажана за четврток во 18 часот, Мишел наведува дека на состанокот ќе се разговара и за кампањата за вакцинација во рамките на ЕУ. - Забрзувањето на вакцинацијата во ЕУ е наш апсолутен приоритет, вели Мишел. Покрај расправата за набавка и дистрибуција на вакцини низ ЕУ-27 и во соседството, Мишел најавува и разговори за сертификати за вакцинација. - Ќе разговараме за соодветноста на заедничкиот пристап кон сертифицирање, како и, доколку е потребно, околностите под кои може да се користат ваквите сертификати, рече Мишел. Претседателот на Европскиот совет смета дека моменталната состојба со Ковид-19 во Европа бара најголемо внимание. Покрај почетокот на вакцинацијата, тој повика да продолжат тестирањата и следењето на контактите, но и да се овозможи прекугранично движење во рамките на ЕУ. паг/  

Остани поврзан