• среда, 19 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

М23 нема да учествува на мировните преговори во Ангола

М23 нема да учествува на мировните преговори во Ангола

Киншаса, 18 март 2025 (МИА) – Бунтовниците од Движењето 23 март (М23) во Демократска Република Конго синоќа соопштија дека нема да учествуваат на денешните мировни преговори во Ангола поради санкциите воведени од Европска Унија за лидерот на М23 и против команданти на армијата на Руанда.

М23, поддржано од Руанда, претходно соопшти дека ќе испрати делегација на мировните преговори во Ангола. Исто и Владата на ДР Конго најави делегација, суспендирајќи ја долгогодишната политика да не преговара со бунтовниците. Но, М23 се повлече од преговорите откако ЕУ воведе санкции против лидерот Бертран Бисимва и команданти од армијата на Руанда, која негира дека ги поддржува бунтовниците.

- Санкции наметнати против наши членови, вклучително и оние воведени во пресрет на разговорите во Луанда, сериозно го поткопуваат директниот дијалог и го оневозможуваат секој напредок, се наведува во соопштението на бунтовничката алијанса, во која е вклучено и М23.

Портпаролот на претседателската канцеларија на ДР Конго, Тина Салама, по најавата на М23 изјави дека земјата сепак ќе испрати делегација во Луанда како што е планирано.

М23 поддржано од Руанда контролира големи делови од провинцијата Северен Киву, богата со ресурси, но ги напаѓа и градовите во Јужен Киву.

ДР Конго ја обвинува Руанда за поддршка на М23, а Кигали негира. Но, Руанда има распоредено војници и ракетни системи во источниот дел на ДР Конго, како што тврди поради своја безбедност.

Движењето 23 март е една од околу стоте вооружени групи кои се борат во источниот дел на ДР Конго, регион богат со минерали. Бунтовничката група главно е составена од членови на етничката заедница Тутси. Конфликтот во источниот дел на ДР Конго трае повеќе децении за земјиште и ресурси. Во земјата пред повеќе од две децении распоредени се мировни сили на ОН, а во моментот имаат околу 14.000 војници.

Ангола се обидува да посредува за постигнување траен прекин на огнот и намалување на тензиите меѓу Конго и соседна Руанда. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан