• среда, 18 декември 2024

МФ: Усвоен Буџетот за 2025 година – инвестициите во фокусот за забрзување на растот

МФ: Усвоен Буџетот за 2025 година – инвестициите во фокусот за забрзување на растот

Скопје, 10 декември 2024 

Собранието попладнево го усвои Буџетот за 2025 година кој е развоен, со вклучена социјална компоненета. Вкупните приходи се планирани на ниво од 358,8 милијарди, додека расходите се планирани на ниво од 400,2 милијарди денари, при што буџетскиот дефицит е проектиран на апсолутен износ од 41,3 милијарди денари или 4% од планираниот БДП. 

Буџетот за 2025 година, како што рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, образложувајќи го предлогот во Собранието, ги најавува промените во политиките коишто се во насока на остварување на планот за фискална консолидација, обезбедување фискална одржливост и поддршка на економскиот раст.

„2025 година ќе биде година на инвестиции, инвестиции коишто ќе дадат додадена вредност и инвестиции коишто ќе го откочат тркалото и ќе не искачат на едно скалило погоре во остварување на повисоки стапки на економски раст. Инвестиции коишто создаваат реални услови за градење на една подобра иднина, а коишто ќе имаат и значајно позитивно влијание врз економската активност во наредната година“, рече министерката.

Карактеристика на овој буџет е понискиот тренд на раст кај расходите во однос на трендот на раст на приходите. Односно проeктираниот раст на приходите е 13%, а кај расходите за 10% во однос на 2024 година, што пак придонесува кон консолидација и намалување на буџетскиот дефицит за околу 3,3 милијарди денари.

За реализација на развојната компоненета со Буџетот се планирани 47,2 милијарди денари или со околу 4,6% учество во БДП на годишно ниво, што ќе овозможи создавање предуслови за нов циклус на економски раст. 

Со Буџетот се обезбедуваат средства за редовна исплата на плати, пензии кои истовремено ќе бидат зголемени за 2.500 денари од март 2025 година, за исплата на социјална права, како и за редовно сервисирање на обврските. 

Растот на економијата со Буџетот е проектиран на 3,7%, додека инфлацијата на 2,2%.

Министерство за финансии (МФ)

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан