• вторник, 24 декември 2024

МФ: За справување со кризата над 250 милиони евра со поволни услови  од ЕУ, КфВ, СБ и Фондот при ОПЕК

МФ: За справување со кризата над 250 милиони евра со поволни услови  од ЕУ, КфВ, СБ и Фондот при ОПЕК

Скопје, 13 декември 2023

Сто милиони евра макрофинансиска поддршка од ЕУ стануваат достапни за Република Северна Македонија. Во Собранието е изгласано законското решение со кое се овозможува потпишување договор помеѓу РС Македонија и ЕУ, по што средствата ќе бидат доделени во две транши во период од две години.

„Средствата од ЕУ ќе помогнат да ги користиме за  резерви, за интервенција на пазарот на девизи или како директна поддршка за Буџетот со цел справување со ризиците кои произлегуваат од кризата. Ова е значајна поддршка во време на криза, особено што условите по кои се обезбедуваат се поволни и овозможуваат заштеди за нашиот буџет“, вели министерот за финансии Фатмир Бесими кој упати благодарност до ЕУ и до граѓаните на ЕУ за изразената солидарност со нашата земја.

РС Македонија веќе во 2020 и 2021 година користеше 160 милиони евра марко-финансиска поддршка од ЕУ за справување со последиците од Ковид-19. Ова е инструмент на ЕУ со цел да помогне на земјите во враќањето на одржлива надворешна финансиска состојба, истовремено поттикнувајќи ги економските прилагодувања и структурните реформи.

Новиот заем од 100 милиони евра ќе биде повлечен во две транши  од по 50 милиони евра во 2024 и 2025 година.

„Имено можноста за користење на овие средства претставува дополнување на претходно обезбеденото финансирање од Меѓународниот монетарен фонд кое се засноваше на здравоста на политиките што ги води земјата. Тие се потврда за нашите напори за спроведување на реформите имајќи предвид дека се поврзани со напредокот во нашата европска интеграција и обврските кон ММФ“, вели министерот Бесими.

Во Собранието покрај овој Закон за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Европската Унија по Договор за заем за макро-финансиска поддршка на Република Северна Македонија, беа усвоени и законски решенија со кои се обезбедуваат поволни средства за справување со последиците од кризата од КФВ банката, Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка и Фондот за меѓународен развој во рамки на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) по Договорот за заем за Програмата за одржливост и отпорност.

Од КфВ банката се обезбедуваат 90 милиони евра за надминување на состојбата предизвикана од војната во Украина и енергетската криза, заради кои дојде до зголемување на цените на производите, како во светот, така и во Република Северна Македонија. Од Фондот за меѓународен развој во рамки на ОПЕК се обезбедуваат 50 милиони евра поволни средства насочени кон подобрување на квалитетот на испорака на јавни услуги, попродуктивни работни места во приватниот сектор и зголемена климатска отпорност.  Исто така, 27,5 милиони евра се обезбедени од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка за продолжување на започнатите реформи на системот за социјална заштита и детска заштита..

Министерство за финансии

________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Остани поврзан