• четврток, 26 декември 2024

Муцунски: Разочаран сум што гледам научник платен од државата да врши научна работа, како се обидува себеси политички да се профилира 

Муцунски: Разочаран сум што гледам научник платен од државата да врши научна работа, како се обидува себеси политички да се профилира 

Скопје, 5 септември 2024 (МИА) – Политичарите и министрите имаат легитимитет од страна на граѓаните да носат политички одлуки, а научниците имаат обврска да вршат научна работа, смета министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, изразувајќи разочарување што, како што вели, деновиве гледа како „еден научник, кој што е ангажиран и доста коректно платен од државата, да врши научна работа, како се обидува себеси политички да се профилира додека е се уште во тековен мандат, како претседател на една од комисиите“.

Муцунски, изрази изненадување од однесувањето на претседателот на Комисијата со Бугарија, Драги Георгиев, со кое, како што рече се „поткопуваат надворешно-политичките позиции на државата“.

-   Прилично сум изненаден што деновиве гледам еден научник, кој што е ангажиран и доста коректно платен од државата, да врши научна работа, како се обидува себеси политички да се профилира и додека е се уште во тековен мандат, како претседател на една од комисиите. Со тоа се поткопуваат на надворешно-политичките позиции на државата. Ние, политичарите и министрите имаме легитимитет од страна на граѓаните да носиме политички одлуки, а научниците имаат обврска да вршат научна работа и искрено сум разочаран од таквиот пристап што го гледам деновиве, изјави Муцунски.

Интересот на државата треба да биде пред се и над се, нагласи Муцунски, а доколку имаат забелешка, на двајцата претседатели на Комисиите кои што се уште се активни „мојата врата е отворена и била отворена“.

- Сепак треба да бидеме максимално внимателни. Ние имаме обврска да креираме надворешна политика, да ја имплементираме таа политика што сме ја креирале, а тие кои што доаѓаат од научната фела, при нивниот ангажман да внимаваат да ја вршата нивната работа, поврзана со нивната научна функција и зошто се ангажирани од државата, изјави Муцунски, одговарајќи на новинарски прашања за работата на историските Комисии, на прес-конференција по средбата со турскиот колега Хакан Фидан.

За да бидеме успешна држава, според Муцунски, сите треба да го работиме, она за кое што сме избрани да го работиме и да бидеме внимателни, бидејќи природата на работата на овие комисии е таква, да, како што вели, „може со мали гестови да се направи сериозна штета по интересот на нашата држава“.

Факт е, нагласи Муцунски, дека треба одредени кадровски промени, но не целосни, за како што вели, да има „одредени континуитет од кадровска гледна точка и во двете Комисии“. 

- Ќе има кадровски промени, како што кажа претседателот на Владата. Се уште се консултираме меѓусебно. Сметам дека во следните неколку недели ќе има и конечна одлука. Во однос на кадровските прашања не би можел детално да одговорам, изјави Муцунски.  

Уште од почетокот на својот мандат, посочи Муцунски, разбирајќи го значењето на овие две комисии инсистирал да има средби со нивните раководители – амбасадорот Габер и професорот Георгиев, кои ги оцени како коректни, со оглед на специфичната природа на тоа што го работат.

-   Сметам дека имавме сосема коректни средби, каде што тие споделија со мене некои информации. Јас поставив до нив некои прашања, за да добиеме слика што работеле, што постигнале и што треба понатаму да се работи. Заради специфичната природа на тоа што го работат тие две Комисии не може сите работи да ги каже во јавност, бидејќи една од функциите е да штитат стратешки надворешно-политички позиции по однос на различни аспекти, изјави Муцунски. аа/бак/

Фото: МИА 

 

 

Остани поврзан