• недела, 24 ноември 2024

Муцунски од Прилеп: Должност ни е да ги почитуваме херојските дела на бранителите и да обезбедиме мирна и стабилна иднина за граѓаните

Муцунски од Прилеп: Должност ни е да ги почитуваме херојските дела на бранителите и да обезбедиме мирна и стабилна иднина за граѓаните

Скопје, 8 август 2024 (МИА) -  Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска на споменикот „Карпалак” во Прилеп положил венец со свежо цвеќе, во спомен на десеттемина припадници на македонската армија кои во 2001 година го загубија животот кај месноста Карпалак на патот Скопје – Тетово.

-Во обраќањето пред семејствата на загинатите и многубројните делегации кои оддадоа почит на загинатите бранители, министерот Муцунски изрази почит за Сашо, Нане, Бранко, Марко, Ердован, Љубе, Дарко, Веби, Горан и Пеце, за нивната храброст и пожртвуваност во одбраната на територијалниот интегритет, соопшти МНР. 

Во обраќањето Муцунски истакнал дека „жртвата на хероите од Карпалак е силен потсетник да ги одржуваме и да останеме верни на овие вредности“.

-Бранителите платија највисока цена во еден од најтешките мигови за македонскиот народ, кога нашата држава беше нападната и на чекор до бездна. Наша должност е да ги паметиме и да ги почитуваме нивните херојски дела, а истовремено да ги користиме сите расположливи механизми за да обезбедиме мирна, стабилна и безбедна иднина за граѓаните, истакнал Муцунски.

Порачал и дека нивната жртва „нѐ потсетува дека секогаш треба да останеме мудри во донесувањето одлуки, за никој повторно да не доживее слична судбина“.

-Како што хероите на Карпалак застанаа во одбрана на вредностите и принципите кои не дефинираат како нација, денес сме должни со иста таква посветеност, решителност и мудрост да се соочиме со предизвиците кои ги носи иднината. Хероите никогаш не умираат, но наша одговорност е да се сетиме на нивната жртва при носењето на секоја важна одлука за државата, додал министерот во обраќањето.

Потенцирал дека Владата ќе продолжи да работи „со целосна посветеност на поддршката на бранителите и нивните семејства“.

-Ќе се залагаме за конкретни проекти и мерки кои ќе обезбедат поддршка и грижа за оние кои дадоа се, истакнал Муцунски во обраќањето пред споменикот „Карпалак” во Прилеп. хс/нд/

Фото: Министерство за надворешни работи и надворешна трговија 

Остани поврзан