• петок, 27 декември 2024

Муцунски од Монтреал: Неопходно е да се изградат механизми за безбедно враќање на украинските цивили и депортираните деца

Муцунски од Монтреал: Неопходно е да се изградат механизми за безбедно враќање на украинските цивили и депортираните деца

Скопје, 1 ноември 2024 (МИА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, изминатите два дена учествуваше на Министерската конференција за хуманата димензија на Формулата за мир на претседателот Зеленски од Украина, што се одржа во Монтреал, Канада. 

Во фокусот на конференцијата, како што соопшти  Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, бил третманот кон политичките и воените заробеници, незаконски притворените цивили и присилно депортираните деца. 

Покрај обраќањето на воведната сесија, министерот Муцунски говорел на сесијата на тема „Механизми за безбедно враќање дома на заробените украински цивили и депортираните деца.“

Во говорот пред присутните тој ja нагласил неопходноста од почитување на принципите на безбедност, соработка и, пред сè, човечко достоинство, потенцирајќи ја итната потреба да се обезбедат безбедни, достоинствени и одржливи патишта за враќање на Украинците раселени од конфликтот, притоа нагласувајќи дека одговорот не смее да биде рамнодушен или со двоумење, туку јасна посветеност на акција. 

Муцунски додал дека со заедничка работа и посветеност може да се изградат механизми кои не само што ќе го олеснат безбедното враќање, туку и ќе ги потврдат нашите заеднички вредности на сочувство, солидарност и издржливост

-Нашето учество и посветеност денеска ќе испратат силна порака за тоа како можеме да работиме заедно не само за заштита на човековите права, туку и за да се осигураме дека секое патување кон безбедност и достоинство е почитувано и олеснето, посочил, Муцунски. 

На маргините на конференцијата, министерот Муцунски остварил билатерални средби сo косовската министерка за надворешни работи и дијаспора, Доника Гервала, српската министерка за евроинтеграции, Тања Мишевиќ, и потпретседателот на Европскиот парламент, Николае Штефанута. 

Фокусот на средбите, како што соопштија од Министерството, бил ставен на актуелните меѓународни прашања, процесот на евроинтеграција и регионалните теми, вклучително и надворешно-политичките приоритети и состојбите во непосредното опкружување. дма/са/

 

Фото: Министерството за надворешни работи и надворешна трговија

Остани поврзан