Муцунски на неформалниот состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ во Луксембург
- Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, денеска и утре престојува во работна посета на Луксембург, каде што, ќе учествува на неформалниот состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ, во формат на министри за надворешни работи на земјите-членки и земјите од Западен Балкан, на покана на високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и потпретседателка на Европската комисија, г-ѓа Каја Калас.

Скопје, 13 април 2025 (МИА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, денеска и утре престојува во работна посета на Луксембург, каде што, ќе учествува на неформалниот состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ, во формат на министри за надворешни работи на земјите-членки и земјите од Западен Балкан, на покана на високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и потпретседателка на Европската комисија, г-ѓа Каја Калас.
Во услови на сѐ посложен геополитички контекст, состанокот има за цел, во инклузивен формат, да се дискутира за продлабочување на соработката меѓу Европската Унија и Западниот Балкан на полето на европската безбедност.
На состанокот, како што информираат од неговиот кабинет, се очекува министерот Муцунски да ја истакне целосната усогласеност на државата со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија – како потврда за стратешката ориентација кон полноправно членство во ЕУ, но и како показател за доследната посветеност на промоцијата и заштитата на европските вредности и принципи.
Во рамки на посетата, Муцунски ќе оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Луксембург, Гзавие Бетел, како и одвоена средба со Марта Кос, комесарка за проширување на Европската Унија.вј/хс/
Фото: МИА архива