• четврток, 26 декември 2024

Муцунски ги прими копиите од акредитивните писма од новиот црногорски амбасадор Зоран Миљаниќ

Муцунски ги прими копиите од акредитивните писма од новиот црногорски амбасадор Зоран Миљаниќ

Скопје, 10 септември 2024 (МИА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска ги прими копиите на акредитивните писма од новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Црна Гора Зоран Миљаниќ.

Како што информира Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Муцунски му посака успешна дипломатска мисија на новиот црногорски амбасадор и изрази задоволство од нивото на досегашните билатерални односи, како и соработката во повеќе области од заемен интерес.

Министерот  Муцунски изрази увереност дека амбасадорот Миљаниќ ќе даде значаен придонес во натамошното унапредување и продлабочување на пријателските односи меѓу двете земји кои се и НАТО-сојузници. Муцунски изрази и благодарност за помошта што Црна Гора и ја упати на земјава во справувањето со огнените стихии.

- Соговорниците констатираа дека двете страни се максимално посветени кон  ЕУ-интеграцискиот процес и пристапните преговори за полноправно членство во Унијата. Се согласија дека враќањето на проширувањето на ЕУ на агендата по формирањето на новата Европска Комисија е значајно за регионот како целина и ќе придонесе за поттикнување на реформските и демократските процеси, се вели во соопштението од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. мд/дма/

Фото: Министерство за надворешни работи и надворешна трговија

Остани поврзан