• четврток, 26 декември 2024

Муцунски: Засилена економска соработка со Словачка е наш приоритет

Муцунски: Засилена економска соработка со Словачка е наш приоритет

Скопје, 6 август 2024 (МИА) - Mинистерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска се сретна со амбасадорот на Република Словачка во земјава Хенрик Маркуш.

На средбата, како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, беа поздравени блиските пријателски односи кои ги следи интензивен политички дијалог и широка секторска соработка.

- Оваа година двете земји одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи, во таа насока беше изразено обострано задоволство од трендот на постојан подем во односите меѓу двете партнерски земји и беа потенцирани заемните заложби за нивно натамошно јакнење, се вели во сооппштението. 

Министерот Муцунски упатил особена благодарност за поддршката и активностите на Република Словачка во поглед на евроинтеграцискиот процес на нашата земја, кои се значајни не само на билатерално ниво, туку и како дел од регионалните формати - Славков трилатералата и Вишеградската група. Притоа имајќи го предвид успешниот тренд во развојот на економските и трговските врски меѓу двете земји, тој подвлекол дека натамошна засилена економска соработка со Словачка е наш приоритет во претстојниот период.

Од страна на амбасадорот Маркуш беше реафирмирана силната поддршка на Словачка на пристапниот процес на нашата земја во Европската унија, изразувајќи уверување дека Словачка ќе продолжи и во иднина да го охрабрува напредокот на нашата земја кон полноправното членство во ЕУ. мд/са/

Фото: Министерство за надворешни работи и надворешна трговија

Остани поврзан