• вторник, 24 декември 2024

Мухамед Јунус положи заклетва како привремен премиер на Бангладеш

Мухамед Јунус положи заклетва како привремен премиер на Бангладеш

Дака, 8 август 2024 (МИА) - Нобеловецот Мухамед Јунус попладнево во претседателската палата во Бангабабан положи заклетва како привремен премиер на Бангладеш, три дена откако поранешната премиерка Шеик Хасина избега од земјата поради насилните протести против нејзината влада.

Началникот на Генералштабот на армијата на Бангладеш, генерал Вакер Уз Заман и клучните организатори на студентското движење против дискриминација го пречекаа Јунус (84), пионер во микрокредитирањето против сиромаштијата, на аеродромот во главниот град Дака, каде што пристигна со авион од Париз.

Приватните телевизиски канали во Бангладеш директно го пренесуваа неговото пристигнување од аеродромот, додека неколку илјади луѓе се собраа надвор да го пречекаат.

Одлуката за негово именување беше донесена во вторникот на состанокот меѓу главните организатори на протестите, високи офицери и претседателот на Бангладеш, Мохамад Шахабудин.

Во насилните протести, што почнаа во јули, загинаа околу 400 лица, а беа иницирани со барањата за прекинување на контроверзниот владин систем за квоти за работни места.

Во меѓувреме, ситуацијата во Дака почна да се нормализира, а од вчера канцелариите, банките и компаниите делумно се отворени, три дена откако поранешната премиерка поднесе оставка и побегна во Индија. паг/

Фото: ЕПА

 

 

 

Остани поврзан