• четврток, 26 декември 2024

Муртези: Прашањето за формирање на албанска академија е чувствително, но „Вреди“ нема да ги прилагодува програмските заложби заради личен комфор во Владата

Муртези: Прашањето за формирање на албанска академија е чувствително, но „Вреди“ нема да ги прилагодува програмските заложби заради личен комфор во Владата

Скопје, 1 август 2024 (МИА) – Имаме разбирање за ставот на нашите партнери, бидејќи прашањето за формирање на албанска академија е чувствително, но наша цел како коалиција не е да им наштетиме политички на нашите коалициони партнери, туку да го спроведуваме тоа што сме го ветиле кај гласачите, изјави денеска на прес-конференција Башким Муртези од Коалицијата „Вреди“.

Посочи дека Коалицијата нема да ги прилагодува програмските заложби, поради, како што рече, личен комфор во Владата, бидејќи според договорот за формирање на влада, вели, треба да се покренуваат иницијативи за прашања кои високо ја сензибилизираат едната јавност и да се изнаоѓаат заеднички решенија.

– Нашите програмски заложби нема да ги прилагодуваме заради личен комфор во Владата. Договорот за формирање на влада е јасен, за одредени прашања кои високо ја сензибилизираат едната јавност како правичната застапеност во институциите за Албанците или прашањето за албанска академија за Македонците да се покренуваат иницијативи и да се обидеме да наоѓаме заеднички прифатливи решенија. Така функционира секоја демократска влада составена од партии со различни идеолошки и политички определби, рече Муртези.

Формирањето на албанската академија, додаде, е рефлексија на одредени негативни состојби во државата, заради кои во некои институции сѐ уште нема место за Албанците.

На новинарско прашање зошто не се бара начин за, како што велат, поголема застапеност на Албанците во Македонската академија на науки и уметности (МАНУ) и дали можеби ваквата иницијатива на „Вреди“ ги загрозува односите со коалициските партнери, Муртези вели „нема никакво загрозување во Владата“.

– Нема никакво загрозување на односите во Владата. Секоја иницијатива која води во правец на подобрување на условите во државата, вклучувајќи го тука и академското делување на Албанците во Македонија не претставува ризик за некое општество. Ние не отфрлуваме никаква иницијатива. Оваа иницијатива за формирање на академијата на Албанците во Македонија рековме и во самото излагање дека ова е иницијатива, а решението ќе се изнајде заеднички со сите, рече Муртези.

Наша цел, додава, не е формирање на паралелна институција, посочувајќи го примерот со Државниот универзитет во Тетово.

– Ако гледаме во последниве години наназад секоја иницијатива можеби на прв поглед изгледаше дека е паралелна. Така беше и со формирањето на Тетовскиот универзитет каде што имаше отпорност на јавноста, но денеска сме свесни и сведоци дека во Универзитет студираат и Македонци, така што нема поделба, но подигнува поголеми институции во оваа насока, рече Муртези. ра/нд/

Фото: МИА 

 

Остани поврзан