• среда, 25 декември 2024

Муртезани: Сега е одличен момент брзо да чекориме кон полноправно членство во ЕУ

Муртезани: Сега е одличен момент брзо да чекориме кон полноправно членство во ЕУ

Брисел, 19 септември 2024 (МИА) - Заложбата на новата Влада за брзо зачленување на земјата во ЕУ беше уште еднаш истакната на денешните состаноци со високите претставници на Унијата, изјави министерот за европски прашања Орхан Муетезани, кој денеска го придружуваше премиерот Христијан Мицкоски при неговата работна посета на Брисел. 

- Тоа го докажавме со тоа што во владината програма меѓу првите приоритети е членството на Република Северна Македонија во ЕУ, меѓутоа и со брзото усвојување на реформската агенда која што е дел од Планот за раст, рече Муртезани. 

Според него, овој План за раст на Западниот Балкан, што го предложи Европската комисија, претставува рамка преку која ЕУ ги третира земјите од регионот слично како да се членки на Унијата, имајќи предвид дека износот на средства што ќе им биде на ставен на располагање е на ниво од речиси на 90 отсто од тоа што го добиваат државите од блокот. 

- Ако ги додадеме и геополитичките случувања и приоритетот на ЕУ во политиката на проширување, сметам дека е одличен момент како земја брзо да чекориме кон полноправно членство во Европската Унија, нагласи министерот за европски прашања. 

Муртезани, заедно со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцински, го придружуваа премиерот Мицкоски на денешните средби во Брисел со претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји и со првиот човек на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (ГД НЕАР), Герт Јан Копман. Претходно, премиерот заедно со останатите лидери од земјите од Западниот Балкан присуствуваше и на работен ручек со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. сп/аа/

Фото: МИА 

Остани поврзан