Муртезани: Постепената интеграција во ЕУ, мост кон одржливи реформи и реални придобивки
- Во Министерството за европски прашања денеска се одржала панел-дискусија на тема „Методологија за проширување: Размена на ставови за концептот на постепена интеграција“, организирана од Амбасадата на Француската Република во Република Северна Македонија и Институтот Жак Делор, во соработка со Министерството за европски прашања на Северна Македонија.

Скопје, 12 март 2025 (МИА) - Во Министерството за европски прашања денеска се одржала панел-дискусија на тема „Методологија за проширување: Размена на ставови за концептот на постепена интеграција“, организирана од Амбасадата на Француската Република во Република Северна Македонија и Институтот Жак Делор, во соработка со Министерството за европски прашања на Северна Македонија.
Панел - дискусијата била отворена со поздравни обраќања од министерот за европски прашања, Орхан Муртезани и францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер.
Во своето излагање, Муртезани ја истакнал важноста на постепената интеграција како стратешки пристап што носи конкретни придобивки за земјите кандидатки уште во текот на пристапниот процес. Како што соопштија од Министерството за европски прашања, тој нагласил дека новата методологија за проширување и планот за раст за Западен Балкан ја засилуваат динамиката на процесот на пристапување преку јасни и структурирани чекори. Тој подвлекол дека постепената интеграција претставува суштинска можност за зајакнување на политичките и економските врски меѓу Европската Унија и земјите аспиранти.
Муртезани исто така посочил дека регионалната соработка е клучен елемент на постепената интеграција, нагласувајќи ја улогата на Берлинскиот процес во унапредувањето на инфраструктурата, трговијата и енергетската транзиција. Тој потенцирал дека неодамнешните геополитички случувања ја зацврстуваат потребата од побрза и посуштинска интеграција на Западен Балкан во ЕУ.
- Неодамнешните геополитички случувања, особено руската инвазија врз Украина, уште повеќе ја засилија стратешката важност на проширувањето на ЕУ, нагласувајќи ја потребата за обединета и стабилна Европа, заклучил Муртезани.
По завршувањето на воведните излагања, следела панел-дискусија со учество на експерти од областа на европската интеграција, кои ја анализирале примената на постепената интеграција во поширокиот контекст на европските проширувања. цр/нд/