• недела, 24 ноември 2024

Муртезани - Дир: Северна Македонија ќе ѝ помогне на Украина со своето искуство во евроинтегративниот процес

Муртезани - Дир: Северна Македонија ќе ѝ помогне на Украина со своето искуство во евроинтегративниот процес

Скопје, 31 јули 2024 (МИА) - Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани денеска остварил средба со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, при што ја нагласил силната поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и украинскиот народ, во контекст на руската воена агресија, истакнувајќи ја нашата целосна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија. 

Воедно, како што соопштија од Министерството за европски прашања, Муртезани на средбата ја поздравил позитивната одлука на Унијата за кандидатскиот статус на Украина за членство во ЕУ.

Соговорниците изразиле надеж за успешен напредок на двете земји на евроинтегративниот пат. Министерот Муртезани ја потенцирал подготвеноста на Северна Македонија да ги сподели своите искуства во однос на пристапните преговори и процесот на скрининг, усогласувањето на законодавството со правото на ЕУ, подготовката на национална верзија на европското Acquis, координацијата на ИПА фондовите и сл.

-На состанокот стана збор и за можна соработка во контекст на споделување искуства и добри практики, преку Меморандум за соработка на теми поврзани со евроинтеграцијата, на иницијатива од македонска страна.  Дир и Муртезани ги реафирмираа одличните билатерални односи, осврнувајќи се на модалитетите за зајакнување на политичкиот дијалог, економските односи и инвестиционите можности со оглед на состојбите во Украина, се вели во соопштението на Министерството. бт/ац/

Фото: Министерство за европски прашања

Остани поврзан