• четврток, 26 декември 2024

Мурати: Во Оперативниот план првпат годинава се воведува квота за опфатеност на Роми

Мурати: Во Оперативниот план првпат годинава се воведува квота за опфатеност на Роми
Скопје, 8 април 2022 (МИА) - Со цел зголемување на можноста на Ромите за интеграција на пазарот на трудот во Оперативниот план првпат оваа година ќе се настојува да се постигне зголемување на опфатот на Роми во активните мерки за вработување и услуги со воведување на квота од 5 отсто за опфатеност на Роми, порача директорот на Агенцијата за вработување (АВРСМ) Беким Мурати на тематска дискусија во Владата организирана по повод 8 Април, Светскиот ден на Ромите. Тој како позитивен пример го посочи учеството на Ромите во минатогодишниот Оперативен план. -Ромите покажаа интерес за учество во Оперативниот план за минатата година, па така 37 граѓани од ромска националност преку програмата Самовработување - Претриемништво добија финансиска поддршка од 5.000 евра и основаа сопствен бизнис. Ромите исто така беа застапени во мерките каде тие се целна категорија и кои водат до директно вработување како Субвенционирање на плати и Вработување и раст на правни субјекти преку кои се вработија 123 припадници на оваа заедница, нагласи Мурати. Во 2021 година, додаде, 9 706 Роми беа вклучени во услугите за Помош при барање на работа, Мотивациски обуки, Подготовка за вработување и работа, Професионална ориентација и кареиерно советување, Посредување при вработување, Советување и мотивација за корисници на гарантирана минимална помош и услугата Активација на невработени Роми и други лица во ризик од социјално исклучување. -Услугата Активација на невработени Роми и други лица во ризик од социјално исклучување е од исклучително значење за ромската задница бидејќи преку неа невработените лица имаат пристап до тимот на ментори, кои се ангажирани во локалните заедници. Нивната улога е да ги мотивираат и редовно да ги информираат за можностите за вработувања или за подобрување на професионалните капацитети, посочи Мурати. Агенцијата за вработување е активно вклучена во многубројни активности кои целат кон поголема интеграција на Ромите на пазарот на трудот. АВРСМ соработува со граѓански организации кои работат во сферата на вработување на Ромите, со нив разменува податоци и реализира проекти и настани. Претставници на АВРСМ активно учествуваа и во проектот „Интеграција на Роми 2020“ и подготовка на „Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030“.вј/лв/

Остани поврзан