• недела, 24 ноември 2024

Мултипла склероза е болест на младата популација, потребен е правилен пристапат во третман

Мултипла склероза е болест на младата популација, потребен е правилен пристапат во третман
Скопје, 20 октомври 2022 (МИА) – Идните доктори и специјалисти по неврологија потребно е проблемот со Мултипла склероза (МС) сериозно да го сфатат, да размислуваат за болеста, да знаат дека е болест на младата популација, како и една од главните причини за инвадилитет кај младата популација после траумите, вели д-р Иван Кузмановски од ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија – Скопје. На денешниот настан за едукација на идните доктори за Мултипла склероза во организација од Македонската Медицинска Студентска Асоцијација (ММСА) во соработка со Националното Здружение за Мултипла Склероза што се одржа на Медицинскиот факултет, д-р Кузмановски посочи дека во последно време болеста има значително подобар третман и се подобрува квалитетот на животот кај пациентите со МС. Во однос на бројката на лица кои имаат МС во земјава, д-р Кузмановски вели дека на Клиниката за неврологија има околу 1450 регистрирани пациенти. - Клиниката за неврологија, како центар за третирање на МС на ниво на цела држава регистрира 1450 пациенти, а бројката е нешто поголема. Статистиката покажува дека таа треба да биде барем двојно поголема. Само што се стави во употреба новиот регистар за пациенти со МС, во наредните година до две очекуваме да ги регистрира сите пациенти со МС, додаде тој. Голем напредок се забележува и во третманот на Мултипла склероза во последните десет години. - Третманот на таа активна агресивна потешка форма на мултипла склероза е значително подобрен со поефикасни лекови и со тоа да овие пациенти живеат релативно нормален живот, изјави д-р Кузмановски. Ана Карајанова-Димитрушева, претседателка на Националното Здружение за Мултипла Склероза вели дека постојано се трудат да го подобрат на секој начин квалитетот на животот на лицата со МС. - Не само околу лековите, туку и околу другите третмани како физикална терапија, исхрана, едукација. Овој настан е организиран во рамки на националните денови на МС и е насочен е кон студентите и специјализанти од причина што нашите сегашни доктори и врвни специјалисти ќе одат во пензија. Меѓутоа болеста не се пензионира и од таа причина гледаме да вложиме напори и да се едуцираат и самите млади доктори во иднина да знаат што е МС, вели Карајанова-Димитрушева. Додаде дека од големо значење е и едукацијата на матичните лекари, бидејќи со рана детекција на МС се придонесува кон рано дијагностицирање и терапија, а со тоа се спречува прогресијата на болеста. Од таа причина, таа вели дека е потребно матичните лекари да знаат како да ги детектираат почетните симптоми. Мултипла склероза (МС) е една од најчестите невролошки нарушувања и причини за инвалидитет кај младите возрасни лица. Таа е хронична, прогресивна, имунолошки посредувана, воспалителна и дегенеративна болест на централниот нервен систем (ЦНС). Настанува кога имуниот систем ја напаѓа обвивката на нервните клетки (миелин) во мозокот, ’рбетниот мозок и оптичките нерви, предизвикувајќи воспаление и последователна дегенерација. ки/аа/  

Остани поврзан