• четврток, 26 декември 2024

Мултимедијален настан „Сите сме исти“ во Велес

Мултимедијален настан „Сите сме исти“ во Велес
Велес, 16 јуни 2022 (МИА) - Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености од Велес, во рамки на манифестацијата „59-ти Рацинови средби“, вчера во Ликовниот салон го реализираше мултимедијалниот настан „Систе сме исти“. На настанот беа презентирани талентираните членови на Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености од Велес, информира денеска претседателката на ова Здружение Далиборка Златева. - Целта беше со разни свои дела и вештини да се претстават нашите членови пред своите сограѓани и само да потврдат дека сите сме исти, потенцира Златева. Таа информира дека Бубе Дуков се претстави со своите ликовни дела и го изработи портретот на Коста Солев Рацин. Билјана Џуфовска се претстави со фрески. Јордан Андов рецитираше стихови од Коста Солев Рацин. Свои стихови рецитираше Анита Димитровска, а стиховите на Вања Павлова и Зорица Палитова ги рецитираа Александра Анѓушева, Милена Димовска и Ангела Димовска. Практично како се работи со глина покажаа Бранкица Трајчева, Невенка Кимовска, Ивица Ристовски и Оле Станчевска, а Ангеле учествуваше во комплетната реализација на настанот. - Огромна благодарност до нашата долгогодишна соработничка и поддржувачка актерката Весна Димитрова Бобевски која несебично се заложи за подготовка на целосниот перформанс и истиот го изнесе со силни емоции и голем професионализам. Благодарност до учениците од ООМУ „Стефан Гајдов“ Мила Јорданов-акустична гитара, Филип Андоновски - кларинет, Игор Андреев-корепетитор и професорот Златко Андреевски кои со музички точки го разубавија и надополнија настанот. Благодарност и до Општина Велес и организациониот одбор на „59 Рацинови средби“ кои ни овозможија да бидеме дел од истите, потенцира Златева. ад/мс/    

Остани поврзан